Достапни линкови

Камерен оркестар Битола - проект од национален интерес


Камерен оркестар Битола.
Камерен оркестар Битола.

„O Sole Mio“ е насловен концертот на италијански канционети што, во недела на 16 март од 20 часот, ќе го одржи Камерниот оркестар – Битола. Диригент ќе биде маестро Борис Спасов од Бугарија, концерт мајстор - виолинистот Владимир Костов, а како солисти ќе настапат оперските пејачи Олгица Милевска , Цветан Стојановски, Маја Илиоска и Нико Ѓоргиевски. Овој перформанс ќе го означи почетокот на делување на оркестарот во рамките на Н.У Центар за култура – Битола.

Во Битола, во недела на 16 март, ќе се слави убавината на музиката. Камерниот оркестар од градот под Пелистер ќе одржи концерт на италијански канцонети, насловен „O Sole Mio“, и на него музичките уметници од градот и во оваа пригода ќе ја пројават својата силна децениска потреба за опстојба и афирмација на вистинските вредности. Диригент ќе биде маестро Борис Спасов од соседна Бугарија, како солисти ќе настапат оперските пејачи Олгица Милевска , Цветан Стојановски, Маја Илиоска и Нико Ѓоргиевски, а концерт мајстор ќе биде виолинистот Владимир Костов.
Со голема радост влегов во овој проект, дотолку повеќе што и самиот сум по потекло од Битола, но и она што е и поважно – го знам капацитетот на културни ресурси во музичката дејност со кои располагаат и градот и овдешното музичко училиште.
Владимир Костов, виолинист.

„За мене претставува особено задоволство што добив покана да учествувам како концерт мајстор на овој настап на Битолскиот камерен оркестар. Со голема радост влегов во овој проект, дотолку повеќе што и самиот сум по потекло од Битола, но и она што е и поважно – го знам капацитетот на културни ресурси во музичката дејност со кои располагаат и градот и овдешното музичко училиште“, вели Костов, кој е и концерт мајстор во Македонската филхармонија.

Овој концерт е трет во низата последователни настапи на Камерен оркестар Битола, вклучувајќи ги тука редовниот Новогодишен концерт и настапот на второто издание на манифестацијата „Виртуози“, па така на творечки начин се заокружува и идејата за вистинско реоформување на ансамблот кој зад себе има четиридецениска активност и многу изведби на дела почнувајќи од раниот барок, преку творбите на македонските композитори до современата музика.
Сите знаеме дека градот Битола бил и е расадник на музички таленти и жално би било да не егзистира и делува една таква установа. Институционилизирањето на Оркестарот е важно за да може да се воспостави целосна концертна активност, да се планира годишна програма.
Никола Трајановски, раководител на Камерниот оркестар Битола.

Никола Трајановски, раководител на Камерниот оркестар Битола, забележува дека идејата за делувањето на еден ваков состав е дамнешна и дека мнозина уметници през годините повеќепати се обидувале таа да фати корен, но дека последната иницијатива дошла од Владимир Димовски, кој се заложил да организира концерт на староградски песни каде гости им биле повеќемина еминентни македонски пејачи.

„Камерниот оркестар – Битола е составен од дваесеттина професионални инструменталисти за кои неговото постоење и редовното функционирање е од огромно значење. Сите знаеме дека градот Битола бил и е расадник на музички таленти и жално би било да не егзистира и делува една таква установа. Институционилизирањето на Оркестарот е важно за да може да се воспостави целосна концертна активност, да се планира годишна програма, за да може одличен млад талентиран кадар да најде егзистенција во своето родно место и секако да се подигне нивото на музичката култура во Битола и во регионот. “

Инаку, најавениот неделен перформанс на Камерниот оркестар ќе го означи и почетокот на делување на оркестарот во рамките на Н.У Центар за култура – Битола, за што директорот Борче Димитровски ќе забележи дека станува збор за работа од национален интерес се со цел да се институционализираат повеќегодишните напори на бројните музички уметници од градот.

„Камерниот оркестар е проект од национален интерес се со цел повеќегодишните обиди и иницијативи конечно да се институционализираат преку Н.У. Центар за култура која што би стоела зад овој проект и Оркестарот во наредните години да се јавува со свој редовен репертоар, редовна програма која што нема да ја реализира само во нашиот град, туку би функционирал и како проект со акцент на покривање на Пелагонискиот регион бидејќи, покрај Скопје, во моментов само во Битола постои регуларен камерен оркестар и тоа ќе биде оној битен момент класичната музика да ја промовираме на едно повисоко ниво и во останатите градови од нашава држава.“

Веќе е извесно дека Камерниот оркестар ќе настапи и на годинешното издание на „Битфест“ - културното лето што го организира општината, се договараат и перформансите во соседните градови (најверојатно Прилеп и Крушево), а несомнено е дека во декември ќе се одржи и традиционалниот Новогодишен концерт.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG