Достапни линкови

Охридските училишта и градинки преземаат мерки против жолтицата


Кречење во основното училиште Св. Климент Охридски во Охрид.
Кречење во основното училиште Св. Климент Охридски во Охрид.

Во пресрет на школската година се чистеа училишните простории, се кречеше, а се вршеше и дератизација и дезинфекција во охридските училишта.

Охридските основни и средни училишта, но и градинките во градот, со низа мерки и хигиенски активности ќе се штитат од појавата на жолтица во нивните средини. Новата учебна година образовните институции во Охрид ќе ја дочекаат подготвено во тој дел, бидејќи во изминатите денови се работеше на почитување на препораките од општината и Министерството за здравство. Се чистеа училишните простории, а се вршеше и дератизација и дезинфекција.

Училиштето се варосува, се прави дератизација, дезинсекција во секоја просторија особено во тоалетите и училниците и кујната каде што се наоѓаат учениците. Ќе воведеме и мобилни екипи за што почесто да се чистат тоалетите, на пократко време.
Тони Симоновски, директор на Основното училиште Христо Узунов во Охрид.

Тони Симоновски, директор на Основното училиште Христо Узунов, вели дека за разлика од минатите години овој пат презеле и други мерки.

„Сега се позначителни мерки преземени со оглед на ситуацијата и присуството на жолтицата. Училиштето се варосува, се прави дератизација, дезинсекција во секоја просторија особено во тоалетите и училниците и кујната каде што се наоѓаат учениците. Ќе воведеме и мобилни екипи за што почесто да се чистат тоалетите, на пократко време“, вели Симоновски.

Во овие две недели максимално се работеше на чистење на училниците, особено на санитарните јазли и училишните дворови и училниците. Молерисување се изврши во централната зграда, а потоа и во зградата во Лескајца.
Муамер Доко, директор на Основното училиште „Братство и единство“ во Охрид.

Христо Узунов е најголемо училиште во Охрид со вкупно 1.300 ученици. Симоновски вели дека се води сметка и за функционирањето на училишната кујна која ќе работи според правилникот и стандардите за работа добиени од Министерството за образование.

Муамер Доко, директор на Основното училиште „Братство и единство“, вели дека се подготвени за старт на учебната година, а за таа цел се работело на подготовките и во деновите од викендот.

„Во овие две недели максимално се работеше на чистење на училниците, особено на санитарните јазли и училишните дворови и училниците. Молерисување се изврши во централната зграда, а потоа и во зградата во Лескајца. Вработените одат на санитарен преглед“, вели Доко.

Родители, наставници и техничкиот персонал организираа акција за чистење и молерисување на училиштето Свети Климент Охридски со цел учениците да бидат пречекани како што треба.

И во детските градинки се следат препораките. Од таму велат дека максимално се води сметка за хигиенските услови, а од Центарот за јавно здравје секојдневно земале мостри од храната. Има постојани контроли и од страна на Санитарната инспекција. Родителите се должни пред да го пуштат своето дете во градинка да му направат крвна слика и брис.

Градоначалникот Никола Бакрачески изјави дека сето она што било пропишано со законот за здравствена заштита и што го налага Центарот за јавно здравје ќе било преземено со цел да се превенира евентуална појава на жолтица.

„Хепатитот А е секогаш врзан со поголема група на луѓе на едно место како што се училиштата, каде што кружат голем број ученици кои прават услови за создавање и ширење на едно вакво заразно заболување. Ние сме секогаш тука да соработуваме со здравствените установи со цел да создадеме услови за превенција и евентуално ако се појави, за спречување на ширење на заразата и понатаму адекватно лекување“, рече Бакрачески.

XS
SM
MD
LG