Достапни линкови

Сè е пусто во Пуста Река


Во крушевскто село Пуста Река сè е запустено, се жалат жителите. Училиштето е затворено пред 2 децении, веќе 2 години нема амбуланта, патот е руиниран, немаат вода, немаат превоз.

На 13 километри од Крушево, во селото Пуста Река на околу 1200м надморска височина, во планински предел, околу 80-ина жители се борат со катастрофалните услови за живот. Училиштето е затворено пред 2 децении, а веќе 2 години нема амбуланта. За секоја интервенција треба да патуваат до градот.
Или да се донесе доктор во селото или ако нема потреба да се донесе доктор, да си функционираат амбулантите како што си функционираа. Тука во амбулантата си имаше медицинско лице.
Вецко Тасески, од село Пуста река.

„Или да се донесе доктор во селото или ако нема потреба да се донесе доктор, да си функционираат амбулантите како што си функционираа. Тука во амбулантата си имаше медицинско лице“, реагира Вецко Тасески од селото Пуста Река.

Незадоволна е и Виолета Ангелеска.

„Нема ни доктори, ни сестри, ветија дека ќе има нешто, ќе постават медицинска сестра, една да има, ама и тоа не го исполнија. Стари луѓе има, изнемоштени, што не можат да примат една инјекција овде во селово, во Крушево да одат, немаат превоз“, вели Ангелеска.

Жителите на Пуста Река се незадоволни и затоа што патот до градот е целосно руиниран, раскопан, па вистинска авантура е да се тргне со лесно патничко возило во овој правец.
Патот рекоа ќе го направиме и тој не чини, немаме превоз, има два дена во неделата и тој не е сигурен превозот.
Виолета Ангелеска од село Пуста Река.

„Патот рекоа ќе го направиме и тој не чини, немаме превоз, има два дена во неделата и тој не е сигурен превозот“, додава Ангелеска.

Велат дека имаат проблеми и со водоснабдувањето, а реката е потенцијален извор на инфекции.

„Како се живее? Мизерно! Немаме помош ни од општина, ни од држава, не третираат бетер од стока. Од реката епидемија ќе фати селото, загадена е, побаравме водоводот, водоводот ни се расипа, дефект ни остана, сами поправаме, еве сега пред месец, месец и половина месец останавме без вода. Ние што сме?“, прашуваат мештаните.

Велат дека селото е оставено на забот на времето, дека политичарите доаѓаат во Пуста Река само кога е изборна кампања, за собирање гласови, а потоа велат никаде ги нема.

„Не не ништо, идат само кога треба да се гласа, за гласањето ќе дојдат, ќе ветат и ќе си заминат, ветување само друго ништо“,се жали Бојана Бабунска.

„По 20 години по настанување на самостојна Македонија,ова село е фрлено на заборавот, овде нема ништо, овде се иди само, да се соберат гласовите и за едната и за другата партија. Ќе дојдат, ќе ветат брда и долини, а нема ништо овде, останати се уште 15-ет млади момчиња, без работа сите, не можат да се оженат поради тоа“, додава Стојан Трајаноски.

Во овие две години откако немаат амбуланта, Видое Тасевски медицински брат, кој во општествените превирања и реформи останал без работа, и натаму доброволно се грижи за здравјето на своите соселани.

„Помагам јас на луѓето, за совет, оваа терапија што е орална, таблети, капсули како се пијат, им мерам притисок, евентуално и возило на итна помош им повикувам, да, никаков надоместок не добивам“, вели Тасевски.

Во ова село никој не е вработен, луѓето живеат од социјална помош и собирање шумски плодови.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG