Бројката на заразени од жолтица во Штип и во Скопје не е алармантна за да се прогласи епидемија, вели градоначалникот на Штип и поранешен директор на Бирото за лекови, Илчо Захариев. Тој нагласува дека и во изминатите години биле регистрирани приближно толку случаи на заразени во Штип.
Ние имаме некаде околу 24 случаи за 3 месеци во нашата општина кај кои хепатитот А како заболување е присутно. Оваа година беше многу врнежлива и можно е одредени природни извори да бидат контаминирани.Илчо Захариев, градоначалник на Штип и поранешен директор на Бирото за лекови.
„Ние имаме некаде околу 24 случаи за 3 месеци во нашата општина кај кои хепатитот А како заболување е присутно. Оваа година беше многу врнежлива и можно е одредени природни извори да бидат контаминирани. Што е важно? Важно е дека ова заболување се појавува циклично. Во 2011 во соседната општина Карбинци имало некаде околу 50 луѓе и тоа е заболување на нечисти раце“, вели Захариев.
Тој тврди дека жолтицата не е предизвикана од градскиот водовод и дополни дека интензивно се работи одредени населби да се приклучат кон градскиот водовод. Меѓутоа според доктор примариус Благоја Алексовски од Институтот за јавно здравје, секогаш треба да се размислува за прогласување епидемија кога за кратко време се јавуваат зголемен број на заразени од жолтица.
Од друга страна институциите треба да преземат поголеми активности за зголемување на општата хигиена во средината кадешто живее населението, за да не се тоа реперкуира врз здравјето на населението.Доктор Благоја Алексовски, Институт за јавно здравје.
„Тука станува збор за заболување со кое во краток временски период невообичаено многу се зголемува бројот на заболените. Станува збор за епидемии и во Штип и во Скопје, а од друга страна станува збор за епидемии затоа што во текот на летните периоди обично хепатитот А не го забележуваме како сезонска осцилација која што е очекувана во есенските или зимски месеци кога имаме сезона на ова заболување.“
Тој нагласува дека жолтицата која е цревно заболување е последица на нехигиена.
„Станува збор за една нехигиена, кога луѓето недоволно водат сметка за својата лична хигиена. Од друга страна институциите треба да преземат поголеми активности за зголемување на општата хигиена во средината кадешто живее населението, за да не се тоа реперкуира врз здравјето на населението кога има загадување на околината која може да се пренесе и во домовите на луѓето.“
Зголемениот број на заразени можно е да се должи на интензивните дождови и излевање на канализациите, дополнува Алексовски.
Во Скопје во текот на викендот се регистрирани шест нови случаи на заболени од жолтица со што бројот на заболени се искачи на 72. На ниво на општини најмногу заболени има во Шуто Оризари, а по неколку заболени има речиси во сите скопски општини.