Достапни линкови

Неисчистени речни канали го поплавија селото Боротино


Поплави во селото Боротино
Поплави во селото Боротино

Поради неисчистени речни канали прилепското село Боротино е целосно поплавено. Боротинчани се жалат и дека водата за пиење е измешана со подземните води. Посочуваат дека имаат водовод во селото, но немаат вода, а од друга страна селото плива во вода.

Целата зимница, летнината, качињата со сирење и вино и се што жителите на прилепското село Боротино чуваат во визбите и оставите плива во вода изминативе 2-3 месеца, зашто со години неисчистените речни канали предизвикаа застој на водата во селото. Велат мочуриштето што се создава среде село е вистинска опасност за здравјето на децата кои често боледуваат од жолтица.
Рекава градска, прилепскава што ја викаме, ни ја пуштаат ваму, таа нечистотија е сета, децава фаќаат жолтици, заразна е

,,Што имаат визби сите се поплавени, ниедна година како оваа немало вода.“

,,Ќе има мувла, после ќе мириса.“

,,Рекава градска, прилепскава што ја викаме, ни ја пуштаат ваму, таа нечистотија е сета, децава фаќаат жолтици, заразна е.“

реагираат соседите Вера Волческа и Димко Јованоски. Под вода е и атарот на селото, па сите стравуваат дека не ќе имаат можност да се прехранат. Велат овој проблем се повторува со години, а за нивните маки никој нема слух.

,,Сета вода иди кај нас и со моторчето само црпиме за да се намали водата. Син ми овде има хидрофор вака и ноќе и дење само црпи. Вода многу има овде. Не е исчистен тој каналот и сета овде се збира водата“, вели Војче Савески.
Ние бараме рекава да се исчисти од Локалната самоуправа. Локалната самоуправа нас ни вика, „ние немаме средства да ви ја исчистиме рекава


Боротинчани во повеќе наврати се жалеле до локалната самоуправа во Кривогаштани, но велат без успех. Со својата мака, ги запознале и неколкумина владини претставници. Но освен вербални најави, реални активности за решавање на овој крупен комунален проблем кој го парализира животот на жителите нема..

,,Ние бараме рекава да се исчисти од локалната самоуправа. Локалната самоуправа нас ни вика, ние немаме средства да ви ја исчистиме рекава.“

,,Дојде вицепремиерот Васко Наумовски и истите прашања му ги поставуваме“, изјави Живко Николоски, претседателот на месната заедница на селото..

Боротинчани се жалат и дека водата за пиење е измешана со подземните води. Посочуваат дека имаат водовод во селото, но немаат вода, а од друга страна селото плива во вода. Жителите на ова село се наоѓаат во безизлез, велат политичарите ги посетуваат само пред избори, ги користат како гласачка машина, а потоа забораваат на ветувањата за решавање на крупните комунални проблеми. Тие и овој пат се чувствуваат изневерени и оставени сами на себе. Зашто речиси 40 хектари со житни култури се под вода, родот скапува на нивите, а земјоделството им е единствена професија и можност за егзистенција.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG