Достапни линкови

Потребен е „Шерлок Холмс“ за листеријата


По забуните во јавноста за бактеријата листерија, што ги создадоа институциите, поранешниот министер за здравство Ѓорги Оровчанец, вели дека им треба некој Шерлок Холмс да ја води работата.

По неколку недели испитувања на здравствените власти, досега се чини само едно е јасно-дека изворот на бактеријата листерија е домашна месна фабрика. За тоа конкретно која е таа, дали е една или се повеќе, нема прецизни информации, што внесува сериозна забуна во јавноста.

Не знам колку се тие хендикепирани во тој смисол, дали се опремени итн., меѓутоа очигледно тука во таа карика фали за да може реална детекција на изворот на заразата да се идентификува. Им треба практично идеја, им треба некој Шерлок Холмс да ја води работата.
Ѓорги Оровчанец, поранешен министер за здравство.

Истовремено фабриката Екстра Меин чие име првично беше пласирано како извор на заразата јавно демантираше дека се тие, а со и Агенцијата за храна и ветеринарство излезе со тврдење дека во погоните на фабриката и во нивни производи не е откриена листерија.

Но, Министерството за здравство застана зад резултатите што претходно ги објави Комисијата за заразни болести и Центарот за јавно здравје, дека изворот е таа фабрика.

Не е ова епидемија во класична смисла, па да се оценува подготвеноста на институциите, туку е посуптилна работа оценува поранешниот министер за здравство Ѓорги Оровчанец.

Нема држава како оваа, што прво ќе се објави дека нешто е, а потоа ќе се обидат тоа да го релативизираат со супервизии, со ова, со она, а последиците се несогледливи и непоправливи.
Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.

„Не знам колку се тие хендикепирани во тој смисол, дали се опремени итн., меѓутоа очигледно тука во таа карика фали за да може реална детекција на изворот на заразата да се идентификува. Им треба практично идеја, им треба некој Шерлок Холмс да ја води работата“, вели Оровчанец.

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини, пак, оди понатаму и оценува дека се покажало оти институциите не се на ниво да се справат со состојбите.

Тој смета дека е недозволиво да се објавуваат имиња на фабрики како извор на листерија што понатаму ќе биде доведено под знак прашање, бидејќи тоа им наштетува на целата месна индустрија.

„Тоа за бизнис климата во таа област е голема штета. Нема држава како оваа, што прво ќе се објави дека нешто е, а потоа ќе се обидат тоа да го релативизираат со супервизии, со ова, со она, а последиците се несогледливи и непоправливи “, вели Хајредини.

Инаку уште минатиот месец кога почнаа истражувањата министерот за здравство Никола Тодоров најави дека ќе поднесе кривична пријава против непознат сторител. Сега, откако се јави разногласието за изворот на заболувањето тој оцени дека не било дозволиво што различни институции во една вака сложена ситуација полемизирале меѓусебно и на тој начин се создадала забуна во јавноста за тоа дали е детектирана листеријата. Тој побара да не се шпекулира повеќе за тоа дали е детектиран изворот, дали е во исправна насока водена целата истрага.



  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG