Одложеното објавување на изворот на бактеријата листерија од која во земјава во последниот месец заболеа 8 лица, а од нив починаа четворица, предизвика паника кај луѓето. Експертите велат дека резултатите од мострите кои се испитуваа во неколку лаборатории можело да бидат познати за неколку дена и дополнуваат дека таа пракса на прикривање на податоците е на штета на компаниите кои работат чесно и според потребните правила.
Нема потреба од тајност, граѓаните заслужуваат да им се обрне внимание и правилно да бидат информирани, дали е тоа така и дали храната е безбедна.Илија Каров, универзитетски професор.
„Не се согласувам воопшто со една таква политика со денови да се држат некои фирми во тајност. Се сеќавам пред две години кога имаше увоз на фалсификувано вештачко ѓубриво, со месеци се држеше во тајност, не беше обелоденето името на фирмата, еве и сега е таков случајот. Нема потреба од тајност, граѓаните заслужуваат да им се обрне внимание и правилно да бидат информирани, дали е тоа така и дали храната е безбедна“, вели универзитетскиот професор Илија Каров.
Што побрзо се лоцира, побрзо ќе се отстрани и јавноста ќе си знае од каде е потеклото на оваа работа.Производител на млечни производи.
Лабораториите во кои се вршеа анализите побараа дополнителен рок за испитување на мострите земени од над 700 производители од секаков вид храна, кое траеше две недели.
Откако беше објавено дека листеријата е пронајдена во мостри од колбаси на два македонски производители на месни производи, од Агенцијата за храна и ветеринарство беше донесено решение за контрола на целиот дистрибутивен синџир, затоа што може да дојде до вкрстено загадување кое не се случило при производство, туку при транспорт или при чување на производот. Компаниите не сакаат да зборуваат јавно дали претрпеле штети поради одложеното објавување на изворот на бактеријата, а оние што се одлучија да зборуваат анонимно нагласуваат дека мора да се престане со нерешителноста во врска со преземањето мерки за компаниите што работеле непрофесионално.
„Не е многу изразено во проценти, затоа што имаме постојани муштерии и работиме континуирано со истите луѓе, ама за нов пазар, да го понудиш производот на друго место, моментално периодот е таков каков што е. Што побрзо се лоцира, побрзо ќе се отстрани и јавноста ќе си знае од каде е потеклото на оваа работа“, вели еден производител.
Министерот Тодоров, по поднесената кривична пријава против непознат сторител, побара инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство во иднина да вршат позачестени контроли. Претставници од месната индустрија велат дека контролите се редовни, но дека треба да се внимава и на она што пристигнува во земјава по пат на увоз.
Во меѓувреме, лекарите и натаму апелираат во летните месеци да се намали конзумирањето на сувомеснатите производи, како и на млечните производи кои се направени од непастеризирано млеко, бидејќи листеријата, за разлика од останатите бактерии, живее во поголем температурен распон.