Достапни линкови

Добро варена или печена храна како заштита од листерија


Илустрација.
Илустрација.

Добро миење на овошјето и зеленчукот и добро миење на рацете. Месото и месните преработки добро да се печат или варат, млекото да се пие варено и пастеризирано, препорачуваат надлежните.

Откако во Македонија во последните 30 дена е потврдено присуство на бактеријата листерија и има тројца починати, од Комисијата за заразни болести велат дека станува збор за ретко заболување кое може да помине со многу лесни симптоми, но оти кај тие со многу намален имунитет може да предизвика фатални последици. Листеријата ја има насекаде, но најчесто се пренесува преку храна која е загадена со бактеријата, а се уништува со добра обработка, вели доктор Јованка Костовска од Комисијата за заразни болести.

Во светски рамки оваа болест е ретка, може да се јават 20 до 40 случаи на милион жители.
Доктор Јованка Костовска од Комисијата за заразни болести.

Со оглед дека летото е период кога почесто се јавуваат заразни болести кои се пренесуваат преку храна потребно е поголемо внимание при подготовка и консумација на храна, нагласува таа.

„Сите превентивни мерки за сите заболувања кои се пренесуваат преку храна важат и за ова заболување. Добро печено и добро варено месо и месни преработки, да се внимава на сувомесни производи, на млеко и млечни производи, млекото да се пие варено и пастеризирано, потребно е добро миење на овошјето и зеленчукот, а пред се добро миење на рацете.“

Претходно листеријата како листерија не беше задолжена ниту за пријавување, ниту за изолирање, меѓутоа некаде во 2009 година ЕУ и меѓународните организации, бидејќи тие имаа проблеми во нивните држави, увидоа дека имаат проблеми, и побараа од сите земји да почне да се пријавува и да се мисли на неа.
Доктор Јованка Костовска од Комисијата за заразни болести.

Листеријата најчесто се регистрира меѓу постари лица со намален имунитет, бремени жени и новородени деца. Кај нив може да предизвика сериозни компликации, како сепса, воспаление на мозочни обвивки и сл. Кај здрави лица со подобар имунитет, заболувањето поминува со полесна клиничка слика, со стомачни проблеми, или симптоми слични на грип.

„Во светски рамки оваа болест е ретка, може да се јават 20 до 40 случаи на милион жители.“

Кај нас минатата година бактеријата е изолирана кај три мостри од храна, но нема пријавено заболени. Годинава до јуни во три мостри од храна е изолирана оваа бактерија, а пријавени се седум заболени. Можеби и порано имало случи на заболени, но тогаш оваа бактерија не се испитувала, вели Костовска.

„Претходно листеријата како листерија не беше задолжена ниту за пријавување, ниту за изолирање, меѓутоа некаде во 2009 година ЕУ и меѓународните организации, бидејќи тие имаа проблеми во нивните држави, увидоа дека имаат проблеми, и побараа од сите земји да почне да се пријавува и да се мисли на неа. Можеби имало случаи пред 4, 5 или 10 години коишто биле заболени од листерија, еден или два случаи на пример, меѓутоа тие не биле докажани“, вели Костовска.

Комисијата ја задолжила Агенцијата за храна и ветеринарство да изврши вонредни контроли во сите поголеми производствени погони за храна, земени се мостри од оператори со храна од месната индустрија а исто така, ќе се извршат вонредни контроли на сите зелени пазари и секој вид на храна кој се чува во несоодветни услови треба да биде одземен.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG