Достапни линкови

Европа во страв од смртоносната бактерија


Европа е во темница околу потеклото на бактериската инфекција од која досега починале 16 луѓе, драматично ја намали продажбата на зеленчук и предизвика дипломатски тензии низ Континентот. Европската комисија синоќа го укина предупредувањето за краставиците од Шпанија за кои се сметаше дека биле извор на смртоносната зараза.

Европските експерти за храна се уште се обидуваат да го откријат изворот на смртоносната „ешерихија коли“, бактериска инфекција која се ширела преку зеленчукот.

Заразата се појави кон средината на мај и досега од неа починале 16 луѓе, 15 од нив во Германија, главно од Хамбург, додека една жена починала во Шведска, откако престојувала во Германија.

Бактеријата, која е откриена во дигестивниот систем кај луѓето и домашните животни е одговорна за многу труења со храна, а во повеќето случаи не е смртоносна.

Но, овој вид на бактерија е редок. Скоро сите заразени, над 1500 досега, или се од Германија или, пак, престојувале таму. Станува збор за возрасни лица, од кои две третини се жени. Четиристотини од нив имаат потенцијално смртоносни симптоми.


„Тврдењата за Шпанија се базирани врз она што го кажаа властите во Хамбург дека е најдена смртоносна бактерија во шпански краставици. Предупредувањето е во согласност со европскиот закон“, изјави германската министерка за земјоделство Илзе Ајгнер, бранејќи ја одлуката за забрана.

Мадрид веднаш соопшти дека ова треба да се третира како заеднички проблем и побара од Брисел компензација за сите земји кои се погодени од кризата. Истотото го направи и Холандија.
Најпогоден е извозот на краставици, но погоден е и извозот на другите видови зеленчук, како и на сезонското овошје.

Според некои извештаи, холандскиот извоз на краставици во Германија изнесува 8 милиони евра неделно. Германските фармери, пак, излегоа со наводи дека тие губат по два милиони евра дневно.

Шпанските извозници на зеленчук и овошје соопштија дека кризата ги чини околу 200 милиони евра неделно, бидејќи увозниците престанале да купуваат шпански производи.

Имено, многу земји веднаш го прекинаа увозот на свеж зеленчук од Шпанија и ја забранија продажбата на веќе увезените производи.


„Најпогоден е извозот на краставици, но погоден е и извозот на другите видови зеленчук, како и на сезонското овошје“, изјави Манел Месадо од шпанската земјоделска унија.

Вчера, Европската комисија го укина предупредувањето, луѓето да одбегнуваат краставици од Шпанија, што беше дадено минатата недела и кое генерира забрани на увоз на зеленчук и тензии меѓу европските земји.

Официјален Мадрид оцени дека тоа е важен чекор за брзо враќање кон нормалата на шпанската економија.

Откако е соопштено дека шпанските краставици не се причина за заразата, стручњаците предупредуваат дека сега можеби ќе биде невозможно да се утврди како дошло до ширење на бактеријата. Притоа не се исклучува можноста дека изворот треба да се бара во процесот на транспорт на зеленчукот.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG