Министерството за образование ќе ја следи ситуацијата со Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“, но нема да се меша во автономијата на Универзитетот, потврди уште еднаш министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми. По петочните протести на Синдикатот за образование и наука кои беа надоврзување на штрајкот со глад на тројцата професори од Штипскиот универзитет, нема промена во ставот на надлежното министерство.
Инспекторатот има донесено одлука, односно решение за повторување на дел од постапката и останува понатаму Универзитетот да донесе конечна одлука.Абдулаќим Адеми, министер за образование и наука.
„Инспекторатот има донесено одлука, односно решение за повторување на дел од постапката и останува понатаму Универзитетот да донесе конечна одлука“, изјави ресорниот министер Адеми.
Адеми повтори дека преговорите со Синдикатот биле прекинати од страна на СОНК и потенцираше дека нема да прифатат преговори со уцени и условувања. Сепак, како што додаде, тие се подготвени да ги продолжат разговорите.
Ние имаме морална обврска да постапиме во таков случај и да го штитиме животот на нашите членови. Оваа порака не ја сфати министерот за образование и остана глув на тоа што ние рековме – немојте да направиме поголем грев во оваа работа, дајте сите заеднички да го решиме овој проблем.Јаким Неделков, претседател на СОНК.
„Нивниот настап беше условен, доколку позитивно не се реши случајот со професорите во Штип, ние нема да продолжиме да преговараме, но ние остануваме отворени и се надевам дека СОНК позитивно ќе одговори на сите предизвици“, изјави Адеми.
Од синдикатот, пак, очекуваат од ресорното министерство да ги повика и да ги продолжат разговорите. Претседателот на синдикатот, Јаким Неделков, повторува дека нивно приоритетно барање останува решавањето на проблемот со тројцата професори од штипскиот универзитет.
„Ние имаме морална обврска да постапиме во таков случај и да го штитиме животот на нашите членови. Оваа порака не ја сфати министерот за образование и остана глув на тоа што ние рековме – немојте да направиме поголем грев во оваа работа, дајте сите заеднички да го решиме овој проблем“, вели тој.
Неделков вели дека на средбата од 16 јули со министерот воопшто не било разговарано за другите барања на СОНК, односно подобрување на состојбите во образованието, регулирање на моделот на екстерното тестирање и подобрување на работните услови на просветните работници, оти, како што вели, овие барања се ситница во однос на животите на тројцата професори. Со последните изјави на министерот сме се поблиску до примена на најрадикалната мерка, а тоа е генерален штрајк во септември, вели Неделков.
„Не може да се зборува за некаква уцена од наша страна, зашто ние се обидуваме најотворено да ги решаваме проблемите, а за жал еве под изговорот уцена министерството и министерот се оградуваат од проблемите во ресорот образование“, вели Неделков.
Тројцата професори од штипскиот универзитет „Гоце Делчев“, Крсте Шајноски, Маргарита Матлиеска и Александар Костадиновски, кои дваесетина дена штрајкуваа со глад зашто останаа без работа, во петокот го прекинаа штрајкот поради здравствени проблеми и страв од дополнително влошување на нивната здравствена состојба.
Постапката за избор на професорите на штипскиот универзитет е во тек, а следната недела по завршувањето на роковите за објавување на рецензиите, ќе треба да се произнесе Наставно-научниот совет на Економскиот факултет. Од ова ќе зависи, дали професорите од доценти ќе станат вонредни професори или, пак, ќе останат без своето работно место.
Професорите Шајноски, Матлиеска и Костадиновски посочуваат дека имаат позитивни рецензии од сите надлежни филтри, а изборот на Наставно научниот совет мора да се врши врз основа на оцените во рецензентскиот извештај.