Достапни линкови

Школскиот старт со по некој проблем


Прв училиштен ден во новото основно училиште „Александар Македонски“ во општина Аеродром.
Прв училиштен ден во новото основно училиште „Александар Македонски“ во општина Аеродром.

Во сите училишта во Македонија наставата почна без проблеми, освен во Општина Могила, во училиштето кое беше опожарено зимава. Но новата учебна година ги начна и старите проблеми како екстерното оценување, електронскиот дневник, смената на постоечки наставни предмети и програми со нови, ниските плати на вработените, како и зголемените животни трошоци.

Покрај учениците, наставниците и родителите, училниците во голем број скопски училишта беа полни и со политичари. Премиерот, градоначалници и министри беа седнати во првите редови да ја проследат детската претстава наменета за првачињата. Додека политичарите од училишниот двор упатуваа загриженост за намалениот број на првачиња годинава и најавуваа отворање на нови спортски сали, родителите и наставниците размислуваа како годинава да се справат со старите проблеми. Родителите велат дека иако учебниците се бесплатни, првиот училишен ден им е финансиски стрес, особено е проблем за оние родители кои ќе пратат во училиште две или повеќе деца.
Под 100 евра нема да биде, со чанти, со книги, тетратки, со облека се разбира околу 100 евра ќе биде.
Анкетиран граѓанин.

„Под 100 евра нема да биде, со чанти, со книги, тетратки, со облека се разбира околу 100 евра ќе биде.“

„Под 5 илјади денари не може да поминеме, тоа е најмалку мизерно, да се рече, да поминеме.“
Премиерот Никола Груевски присуствуваше на пуштањето во употреба на новото основно училиште „Александар Македонски“ во општина Аеродром.
Премиерот Никола Груевски присуствуваше на пуштањето во употреба на новото основно училиште „Александар Македонски“ во општина Аеродром.

„А не, нема да стигне 5 илјади денари, како со толку пари да купиш патики, едно, друго, не нема да стасаат толку пари“, велат анкетираните граѓани.
Основната плата во средното и основното образование е нешто пониска од просечната плата на национално ниво додека пак градинките уште полоши стојат, да речеме негувателките во градинките земаат околу 12 илјади денари плата додека воспитувачите земаат 16 до 17 илјади денари плата.
Јаким Неделков , претседател на СОНК.

Екстерното оценување, електронскиот дневник, смената на постоечки наставни предмети и програми со нови, ниските плати на вработените во градинките и училиштата, како и зголемените животни трошоци и оваа учебна година ќе им донесе главоболки како на наставниците така и на родителите.

Годинава првпат нововработените наставници полагаат психолошки тестови за проценка на нивната способност за работа со деца. Новитет е и намалувањето на казните за наставниците што нема редовно да водат електронски дневник.
Ученици во Долно Српци.
Ученици во Долно Српци.

Синдикатот за образование на самиот почеток на учебната година истакна дека не се против реформите во образованието но побара да не се брза со нивното спроведување. Претседателот на СОНК Јаким Неделков вели дека е потребна поголема обмисленост на реформите затоа што од последиците од недобро осмислени и спроведени реформи ги чувствуваат и наставниците и учениците.

„Постојано образованието се реформира каде што не многу ретко наидуваме на проблеми во однос на пратење на континуитетот во или брзината на реформите.“
Апелирам до граѓаните на општина Могила да не бидат злоупотребувани во политички цели. Ние како Влада не правиме политичка селекција на училиштата или општините во кои се вршат санациите и корекциите. Во општина Могила ќе се изврши корекција на објектот.
Спиро Ристовски, министер за образование.

Неделков вели дека е потребно и зголемување на платите затоа што последната корекција е направена пред 3 години а оттогаш се зголемени животните трошоци.

„Основната плата во средното и основното образование е нешто пониска од просечната плата на национално ниво додека пак градинките уште полоши стојат, да речеме негувателките во градинките земаат околу 12 илјади денари плата додека воспитувачите земаат 16 до 17 илјади денари плата.“

Министерството за образование на самиот старт најави дека завршиле речиси сите активности околу санација и реновирање на училишта, но жителите на Могила не се согласуваат со оваа констатација, таму цела недела ќе има протести затоа што неодамна опожареното училиште не е реновирано.

„Апелирам до граѓаните на општина Могила да не бидат злоупотребувани во политички цели. Ние како Влада не правиме политичка селекција на училиштата или општините во кои се вршат санациите и корекциите. Во општина Могила ќе се изврши корекција на објектот“, рече Ристовски.

Учебната 2013/2014 година ја стартуваа вкупно 280 илјади средношколци и основнци, додека над 20 илјади деца првпат седнаа во училишните клупи.

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се препукуваа за наставниците во Охрид

На првиот училиштен ден опозициската СДСМ обвини дека шеесетина наставници од охридските училишта биле отстранети од наставно-образовниот процес, обвини СДСМ.

„На 38 наставници од основното образование и на 20 професори од средното, со повеќегодишно работно искуство не им се продолжени договорите за времено ангажирање. Не затоа што се нестручни, неискусни и не ги задоволуваат потребните критериуми, туку само затоа што биле ангажирани од страна на претходната локална власт. ВМРО-ДПМНЕ со тоа покажа дека партиските интереси и се пред интересите на учениците, родителите,и образовните институции“, велат од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ Охрид, велат дека е лага и манипулација оти стручни наставници и професори биле отстранети од образовниот процес во училиштата во Охрид.

„Единствената промена се однесува на оние кадри кои биле времено ангажирани со договор на одредено време и за кои рокот на временото вработување истекoл .Сите наставници и професори се на своите работи места. Проблемите кои СДСМ сам ги генерирал ги упатуваме да ги решава во својот двор и да престане со невистини и лаги да ја манипулира јавноста, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ Охрид.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG