Дали ќорсокакот меѓу Русија и ЕУ виси над Бугарија?

Можно ли е, повторно, еден од најголемите европски стратегиски проблеми да заврши како балканска интрига, наведува Фајненшал тајмс за врската на европското стравување за енергетската безбедност со влијанието на малата партија во бугарската влада, Движењето за права и слободи.
Загриженоста на малата партија на Tурците во Бугарија можеби на светот му изгледа неповрзано со геополитичката конфронтација меѓу Кремљ и Западот. Но, врз слабиот грб на оваа партија, како што наведува Фајненшал тајмс, можеби лежи судбината на клучниот гасовод Јужен тек, проект за кои многумина веруваат дека дополнително ќе ја цементира европската зависност на руски гас.


Планираниот гасовод треба да носи гас на рускиот монопол Газпром преку Црно Mоре и Бугарија до Австрија, заменувајќи ја сегашната гасоводна мрежа преку Украина.

Изградбата требаше да почне овој месец, но Европската комисија деновиве покрена таканаречена прекршочна постапка против Софија, аргуменитирајќи дека со овој гасовод се кршат законите за конкурентност на Европската унија.
Со 28 земји членки кои не се обединети околу воведувањето санкции против Русија, блокирањето на Јужниот тек е едно од малкуте оружја што ги поседува Брисел против Москва.


Со 28 земји членки кои не се обединети околу воведувањето санкции против Русија, блокирањето на Јужниот тек е едно од малкуте оружја што ги поседува Брисел против Москва. Но, тука, како што наведува Фајненшал тајмс, работите се балканизираа.

Бугарските социјалисти, кои се сметаат за едни од најголемите партнери на Русија во Европската унија, му се спротивставија на Брисел, бранејќи се дека градењето на Јужен тек е дел од нивниот мандат и оти тоа ќе креира многу нови работни места.

Од друга страна, Љутви Места, лидер на Движењето за права и слободи, партија врз која се држи сегашната коалициска влада во Бугарија, вели дека нема смисла да се води битка со Европската унија и побара предвремени избори.

Социјалиститите, кои и онака се многу непопуларни во домашната јавност, веќе се соочија со масовни протести минатата година, но и со голем пораз на изборите за Европскиот парламент минатиот месец.

Опонентите на владата велат дека случајот со Јужен тек е многу поматен од што се тврди во јавноста.

Европската унија сега стана љубопитна да види како воопшто биле постигнати договорите меѓу руските и бугарските компании.


Руската градежна компанија Стројтрансгаз, е во сопственост на Генадиј Тимченко кој е на американската листа на санкционирани руски бизнисмени.

Опозицијата исто така се прашува дали цените платени на градежните фирми не биле напумпани и дали давачките за транзитот на гас биле со реална комерцијална стапка.

Сцената во Бугарија е поставена за политичка битка. Ако бугарските социјалисти паднат кон крајот на годинава на предвремени избори, Русија ќе се соочи со многу поголеми проблеми во градењето на Јужен тек од сегашните, се наведува во коментарот на Фајненшал тајмс.