Иднината на Македонија мизерува во студентските домови

Студентскиот дом Гоце Делчев во Скопје. Фото: novatv.mk

Студентите се жалат дека ги немаат ниту основните услови за живот како топла вода и греење. Во нивните соби има влага, прозорците се искршени и од плафоните протекува вода. Ништо подобра не е ситуацијата во тоалетите.
Студентскиот дом Гоце Делчев на прв поглед е импозантна градба, но откако е изграден по земјотресот не треба да си студент за да ти стане јасно дека условите за живот во четирите блока на зградата се ужасни и нехумани. Гоце Делчев е дом на околу 1.200 студенти, кои месечно плаќаат по 3.500 денари закупнина. Доволно е да се прошеташ низ тесните ходници чии ѕидови се распаѓаат, а лифтовите не работат, па студентите треба да пешачат до 14-ти кат. Тоалетите се поплавени, плочките искршени, а вратите на туш кабините се дотраени, при што се шири неподносливата миризба.
Често се случува да нема топла вода, има влага, нечисто е, лифтот често заглавува, а има 14 ката, па мора пеш да се искачуваат до горе, нема ни добро јадење, а се плаќа по 3.500 денари, лошо е едноставно.
Станар во студентскиот дом Гоце Делчев во Скопје.

Студентскиот дом Гоце Делчев во Скопје. Фото: novatv.mk

Ништо подобри не се условите и во собите, каде прозорците се искршени, има влага и прокапува плафонот. Дека далеку од достоен е животот во Гоце Делчев сведочат и студентите, кои велат иста е ситуацијата и во другите домови, но сакаа да зборуваат само анонимно, бидејќи се плашат оти ќе го загубат правото на какво-такво место во домот.

„Често се случува да нема топла вода, има влага, нечисто е, лифтот често заглавува, а има 14 ката, па мора пеш да се искачуваат до горе, нема ни добро јадење, а се плаќа по 3.500 денари, лошо е едноставно.“
Во неколку наврати имавме проблеми дури и со самата количина на храна која се обезбедува во студентските мензи, студентите испраќаат и фотографии со инсекти кои ги наоѓаат во храната.
Дона Костуранова, МОФ.

„Во блоковите В и Г во собите имаат ве-це, ама има влага, нечисто е, а во А и во Б е катастрофа, старо е, нема вода, нема услови.“

Студентскиот дом Гоце Делчев во Скопје. Фото: novatv.mk


„Секаде има влага, тоа што е искршено не е поправено, студентите сами кој што може да си направи, си средува во собата, како ќе ја средиш, така останува. Тие што имаат тоалет во соба, сами си ги одржуваат, мора секој сам, оти таму живее, а во другите блокови тоалетите се лоши. Прозорците се скршени во ходниците, има промаја, кога одиш да се бањаш низ ходник треба да поминеш, тоа е.“
Повеќето од студентите сместени во домовите немаат верба дека со некаква активност би постигнале нешто.
Бојан Матовски, Слободен индекс.

„Немаш добро ве-це, нема добри тушеви, нема парно, од секаде дува, сега се грееме со греалка. И собите се катастрофа, од сите страни дува, прозорите искршени, вратите искривени“, велат студентите кои инсистираат на анонимност.

Кирил Спироски, претседател на СПУКМ.


Ситуацијата на македонските студенти ја потврдуваат и невладините организации кои се борат за унапредување на нивните права. Дона Костуранова од Младинскиот образовен форум вели дека студентските домови не ги исполнуваат најосновните услови за живот.
Очекувам, со оглед на тоа што се вметна во буџетот за 2014, реконструкција и реновирање на студентските домови, дека тоа и ќе се случи.
Кирил Спироски, СПУКМ.

Дона Костуранова, претседателка на Младински образовен форум.

„Живеење во ладни соби на ужасни температури, нема топла вода, ниту, пак, пристојни услови за живот, а понатака се појавуваат и други проблеми кои се пошироки, од типот на расипани лифтови, студентите пешачат и по 14 катови, проблеми со храната, проблеми со интернетот за кој упорно се тврди дека ќе се обезбеди во домовите. Во неколку наврати имавме проблеми дури и со самата количина на храна која се обезбедува во студентските мензи, студентите испраќаат и фотографии со инсекти кои ги наоѓаат во храната. Тешко е да зборуваме за условите кои ги имаат студентите за учење, живеење, социјален и активен студентски живот во домовите, кога ниту основните услови не се исполнети“, вели Костуранова.
Има потреба за реконструкција и ние веќе имаме план за 2014 година, со оглед на стартот на новата буџетска година и нашите обврски како ресорно Министерство.
Спиро Ристовски, министер за образование.

Бојан Матовски од Слободен индекс вели дека веќе на сите им се познати проблемите со кои се соочуваат студентите во домовите.

„Дека немаат ни топла вода, немаат ни доволно храна, а за тоа што го имаат за храна, како што кажуваат луѓето сместени таму, се чека во редици, стотици студенти одеднаш чекаат за да јадат. Немаат ни греење. Сите се жалат, тоа е јасно, но многу малку се гледа иницијатива од нив, многу малку се гледа желба да се променат работите. Повеќето од студентите сместени во домовите немаат верба дека со некаква активност би постигнале нешто“, вели Матовски.

Неодамна, освен состојбата во која се наоѓаат домовите, се покрена и прашањето за безбедноста на студентите. Два пожари избувнаа токму во студентскиот дом Гоце Делчев и еден во Стив Наумов, поради употребата на греалки, чија употреба беше забранета, а имаше и случај кога се откачи и лифт во една од зградите. За среќа во ниту еден случај немаше повредени. Студентите велат дека сега им е дозволено да користат греалки, бидејќи парното не функционира и нема друг начин како да се стоплат.

„Мора греалки да се носат, дува од прозорците. Порано не дозволуваа да се носат греалки, ама сега дозволуваат, нема што да се прави.“

Студентскиот дом Гоце Делчев во Скопје. Фото: novatv.mk


„Понекогаш се случува кратко да вклучат парно, 5-10 минути и тоа е. Ама и ние не сме преку ден во домот, доаѓаме вечер на спиење, ќе се покриеме и толку“, велат студентите.

Костуранова додава дека е загрижувачи фактот што студентите не се безбедни во домовите, особено во зимскиот период.

„Покрај мизерните и бедни услови во кои живеат студентите кои се сместени во домовите, поради негрижата на надлежните, она што загрижува е безбедноста на студентите, особено во зимскиот период кога мора да се користат грејни тела. По трите пожари минатата година, свесни сме дека нашите студентски домови едвај се во можност да одговорат на ваквите инциденти“, вели таа.

За проблемите со кои се соочуваат студентите, за ветувањата на владата за подобри услови во домовите и за малверзацијата со леглата разговаравме со претседателот на Студентскиот парламент при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Кирил Спироски.

РСЕ: На што најмногу се жалат студентите кои живеат во студентските домови во Скопје?

Она што постоеше како проблем кога јас добив мандат, нормално покрај условите кои се веќе евидентни, беше и проблемот со храната, која не беше доволна итн., меѓутоа откако дојде оваа постава, секој таков проблем се реши. На неколку анкети во медиумите се виде дека студентите гледаат подобрување во однос на храната. Во поглед на условите очекувам, со оглед на тоа што се вметна во буџетот за 2014, реконструкција и реновирање на студентските домови, дека тоа и ќе се случи. Меѓутоа апелираме со студентите кога се вселуваат во нови згради, затоа што наскоро ќе се отвораат и бараките во студентската населба во Стив Наумов, малку и тие да поведат сметка како ги одржуваат условите, затоа што имавме таков пример каде пред неколку години се отвори нова студентска зграда, а денеска изгледа како да поминале десет или дваесет години.

РСЕ: Рековте дека очекувате од следната година да почне реновирањето на студентските домови, како што најави Министерството за образование. Ветувања имало и досега, но ништо не се преземало.

Сметам дека штом се донесува законот за студентски стандард и штом се предвидува нешто во буџетот на Република Македонија, дека тоа ќе се оствари, мислам дека тоа е веќе очигледно. Затоа што сум правник, секогаш ја гледам материјата од правна гледна точка и кога веќе се донесува највисок правен акт во државата за регулирање на одредена област од животот на студентите дека евидентно е дека во тој поглед нешто ќе започне да се применува.

РСЕ: Што е со малверзацијата со леглата во студентските домови, дали тоа некако ќе се регулира?

Нема повеќе малверзации со студентските легла. Со нашата работа на Студентскиот парламент успеавме да се избориме да има правична распределба на леглата меѓу студентите и досега немаме ни еден пријавен случај за каква било малверзација или одење преку ред, значи тоа не постои, тоа е веќе минато, вели Спироски.

За разлика од него, Матовски вели дека сè уште има жалби од страна на студентите за малверзација со леглата, но се плашат јавно да се пожалат.

„Да, се жалат, многупати луѓе ни го потврдиле тоа, но едноставно премногу се плашат да излезат во јавност и да го кажат тоа. Ние од надвор сме немоќни да одиме и да зборуваме каква е ситуацијата кога самите тие не можат да преземат ништо“, вели Матовски.

Место во домовите, според Матовски, сè уште се добива на партиска основа.

„Од тоа што знаме, мислам дека највеќе на партиска основа се добиваат леглата, меѓутоа тоа се шпекулации, не се некои проверени факти, но јас мислам дека сепак има некои партиски поенти во домовите“, вели тој.

И Костуранова тврди дека студентите се засегнати и од корупцијата во високото образование.

„Многу од студентите се плашат да пријават корупција во домовите. Начинот на којшто ги добиле леглата, не им е гарантирано дека ќе ги задржат, поради застапеноста на корупцијата. Исто така немаат доверба и во институциите, односно надлежните коишто треба да дејствуваат да ги бранат нивните права во случај на корупција“, вели таа.

Министерот за образование и наука Спиро Ристовски вети дека од наредната година студентските домови ќе се реновираат.

„Има потреба за реконструкција и ние веќе имаме план за 2014 година, со оглед на стартот на новата буџетска година и нашите обврски како ресорно Министерство“, изјави Ристовски.

Неговиот претходник Никола Тодоров во 2010 година исто така најави реновирање на постојните и изградба на нови студентски домови, но не го исполни ветувањето, па затоа студентите се скептични дека и Ристовски ќе преземе мерки.

„И ние се жалиме и тие ветуваат, ама резултати нема.“

„Када и да се жалиме, на студентите никој не им обрнува внимание, ништо не преземаат од владата, секоја година зборуваат за реновирање, а всушност нема ништо“, велат студентите.

И Матовски се сомнева во намерите на владата и најверојатно, според него, ќе бидат преземени некакви мерки колку само да се покаже дека се работи на подобрување на состојбата во студентските домови.

„Дај боже да ги решат сите проблеми што ги имаат студентите таму, ама јас се сомневам, мислам дека повторно ќе биде замачкување на очи. Можеби некоја минорна промена ќе се направи, некоја менза ќе збогатат, или некоја читална ќе реновираат, меѓутоа некоја глобална промена, да се направи нов студентски дом или веќе постоечките целосно да се реновираат, не верувам дека нешто такво ќе се случи“, вели Матовски.

Костуранова порачува дека е редно да се престане со сите најавени па одложени интервенции во студентските домови и под итно да се работи на подобрување на условите.

„Дополнителна препорака или барање е да не се прави тоа на ад хок начин, туку е потребна анализа на потребите на студентските домови за рационално да се распределат и средства кои ќе се инвестираат, како и да се одговори прво на клучните и на основните потреби, па понатака да се унапредуваат условите“, вели таа.

Костуранова додава дека една од основните работи како да се надминат сите проблеми е еднаш засекогаш да се реши студентското организирање на правиот начин.

„Наместо постоење на квази парламент со назначени лица, да се направи вистинско претставничко организирање од заинтересираните и мотивираните студенти кои ги знаат своите потреби и ќе можат да ги застапуваат соодветно користејќи ја позицијата на студентски претставници“, вели Костуранова.

Студентите од внатрешноста велат дека едвај чекале да излезат од дома, да запознаат нови луѓе и затоа и решиле и покрај тоа што сега има факултет и во нивниот град да студираат во Скопје. Но, студентите каде и да студираат се соочуваат и со други проблеми, а не само со местото за престој. Според Костуранова, меѓу другото тоа се принудното наплаќање на членарина за студентски претставнички организации, како и принудното купување на книги од професорите. Матовски посочува дека образованието треба да биде бесплатно и давачките на студентите се енормни и поголеми од предвидените. Студентите, според нив, наместо да се третираат како идната интелектуална маса во земјата, се маргинализирана група.