Достапни линкови

Студентски организации во партиска сенка


Студентските организации се гласни само на телевизија, застапуваат партиски цели, а кога навистина треба да се „покажат“ никаде ги нема, реагираат студентите.
Студентските организации се гласни само на телевизија, застапуваат партиски цели, а кога навистина треба да се „покажат“ никаде ги нема, реагираат студентите.

Студентските лидери „за заслуги” се вдомуваат во партиите. Студентите, пак, оставени сами на себе.

Најпрво партиите ги запоседнуваат студентските организааци, за подоцна студентските лидери да се вдомат во партиите. Студентите, пак, се оставени сами на себе. Ова е сликата за состојбата со организациите на студентите. Додека во странските весници може да прочитаме, дека некои студенти некаде се судриле со полицијата, го запоседнале факултетот во борбата за своите права, додека менуват закони и го движат опшеството, за дел од домашните организации може да прочитаме дека му пишале на Филе, се потпишале во Манифестот за Македониумот, никаде ги немаше кога се протестираше против предлог законот за млади, законот за високо образование, но затоа, пак, излегоа на контрапротест против професорите.
Ако има некои измени на телевизија ќе слушнеме, но овде не гледам ништо да не информираат на време. Значи ниту за мислење да не прашаат, како што им одговара ним така си прават.
Анкетиран студент.

Студентите велат дека студентските организации го забораваат она основното за што постојат, а тоа е да се застапуваат за правата на студентите. Тие велат дека студентските организации се гласни само на телевизија, застапуваат партиски цели, а кога навистина треба да се „покажат“ никаде ги нема.

„Да, не се воопшто подготвени, ако има некои измени на телевизија ќе слушнеме, но овде не гледам ништо да не информираат на време. Значи ниту за мислење да не прашаат, како што им одговара ним така си прават.“

„Сметавме дека се организации, но велат не можеме и нас не контролираат.“

„Сакаш, ми вели, да излетам од работа.“

Ние се трудиме да им ги објасниме правата на студентите. Но, и тие треба да сакаат нешто да променат, се е во нивни раце, вели Жарко Жерновски од студентското движење „Слободен Индекс“. Тој вели дека тешко може да се отргнат од квалификациите дека студентските организации се приврзоци на политичките партии.
Тешко можат да се тргнат од тие политички маргини, секое студентско движење е изложено на некој начин од политички влијанија.
Жарко Жерновски, студентското движење „Слободен Индекс“.

„Тешко можат да се тргнат од тие политички маргини, секое студентско движење е изложено на некој начин од политички влијанија.“

Претседалот на Студентскиот парламент на УКИМ, Иван Живковски, пак, вели дека не држи тезата оти организациите се гласни само на телевизија и вели дека тие на многу начини ги запознаваат студентите со нивните права и со тоа како да ги остварат.

За Интернационалниот ден на студентите, од „Слободен индекс“ преку перформанс го исмеваат Студентскиот парламент, нарекувајќи го закржлавено елитистичко тело во кое студентските „претставници“ ги штитат единствено сопствените и партиските интереси.

Иван Живковски вели дека на самопрогласеното студентско движење „Слободен индекс“ неколку пати му подале рака за соработка, но биле одбивани.

„Сите нивни обиди за протести итн., завршуваат со присуство од пет до десет луѓе кои што не се ниту студенти. Така што на ваков убав ден воопшто и не би сакал да ги коментирам нивните активности.“

Живковски вели дека сега имаат добра соработка со другите студентски организации, како што е на пример Младинскиот образовен форум, организација со која во минатото немале добра соработка.

Праксата барем досега покажала дека студентските лидери, добро се снаоѓаат по завршувањето на функцијата. На пример, Марија Стамболиева, како извршен директор на Институтот за социјална демократија „Прогрес“. Неформалниот лидер на студентските протести од 1997-та, Филип Петровски беше пратеник, Конзул во САД, директор на библиотеката „Браќа Миладиновци“. Неговиот тогашен соборец во протестите, Антонио Милошоски, беше портпарол на Владата, министер за надворешни работи, сега е пратеник. Љупчо Ристовски беше државен советник во Владата на Никола Груевски. Дел од некогашните студентски лидери кои имале или имаат високи функции се и Владо Поповски, професор, некогашен министер, Зоран Стефановски, Претседател на Советот за радиодифузија, поранешниот градоначалник на Велес, Аце Коцевски, поранешниот директор на МЦМС, Сашо Клековски.
  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG