Подривање на безбедносните служби?

Архивска фотографија: Осомничените од „Шпион“ изведени пред истражен судија.

Лустрација и апсење за поранешни високи разузнавачи. Какви последици ќе има од оваа појава? Дали власта со ова расчистува со паралелни тајни служби или пак врши политички реваншизам?
Во изминативе неколку месеци полицијата во рани утрински часови затропа на вратите на педесетина куќи. Специјалци со маски на лицето и со борбена опрема влегуваа во домови, приведуваа осомничени и ги претресуваа куќите. Домаќините уште нерасонети, стојат настрана и преплашени немо набљудуваат. Камери насекаде, се снима од секој агол, а потоа видеото се објавува на интернет страната Јутјуб. Од видеата се гледа дека полицијата нашла по некој пиштол, телефони, УСБ-стикови, семејни фотографии, икони, сметки за струја и вода, лекови...

Македонија е толку мала земја, за која се прашувате какви тајни има за да бидеме предмет на интерес на странски служби кои би замешале толку луѓе за шпионажа.
Билјана Ванковска, универзитетски професор.
Полициски акции со звучни кодни имиња ги заменија вестите за политичарите во првите минути на информативните програми. Само во изминативе 6 месеци уапсени се над 60 луѓе во неколку акции. Спектакуларните апсења не се ништо ново во изминативе неколку години, само што разликата годинава е во структурата на уапсените. Овој пат тоа се луѓе од институциите, разузнавачи или поранешни агенти, поранешни директори на безбедносни служби и институции кои се борат против организиран криминал, инспектори од управата за заштита на културно наследство до поранешен полициски генерал, судии, обвинители, адвокати и еден новинар.

Само во аферата Шпион, според последните информации кои проструија низ јавноста пред судот да забрани објавување на детали од случајот, пред истражен судија застанаа поранешниот директор на Управата за спречување перење пари Ване Цветанов, екс командантот на полициска единица Лавови Горан Стојков, шефот на кабинетот на претседателот на Собранието Марјан Маџовски, двајца вработени во Агенцијата за разузнавање, 6 полициски службеници од редовите на Управата за безбедност и контраразузнавање, двајца вработени во Министерството за одбрана и еден вработен во Управата за финансиски криминал.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Билјана Ванковска, универзитетски професор

Според полицијата, сите работеле за странски тајни служби и формирале паралелна разузнавачка група. Досега се уапсени 17 лица, по тројца се трага, а двајца веќе одлежуваат затворска казна за други кривични дела. Тие во судот ќе одговараат за шпионажа, злосторничко здружување, уцени и измама. Меѓу оние кои се товарат дека работеле против државата и оддавале државни тајни има и новинар - Зоран Божиновски кој го води онлајн-весникот „Буревесник“.

Полицијата по приведувањето соопшти дека уапсените биле следени две години и биле предмет на обработка на полицијата и дека членовите на групата поседувале цели архиви на класифицирани документи со назнака „доверливи“ и „државни тајни“, со кои ја шпионирале државата и уценувале поединци. Меѓу себе биле координирани од своевидна паралелна служба.

Во дел од медиумите веќе се објавија и цели биографии за уапсените и детали од полициската истрага, со што во јавноста веќе се создаде мнение дека осомничените се виновни за делата за кои се товарат. Но, набрзо потоа Судот забрани објавување на детали за истрагата поради специфичноста на случајот и најави кривична одговорност за новинарите кои нема да ја почитуваат забраната. Но, провладините медиуми не беа казнети за веќе објавеното.

Кривичното дело шпионажа е многу јасно, од досегашните изјави на званичниците од МВР немаше допирна точка со кривичното дело како што стои во законот член 316 дека мора да биде нанесена конкретна штета по безбедноста, по економијата или по воениот дел на државата.
Владимир Пивоваров, универзитетски професор и поранешен разузнавач.
Акцијата Шпион, дел од аналитичарите ја нарекоа помалку чудна. Професор Билјана Ванковска смета дека практиката на драматични, „спектакуларни“ апсења, во некакви чудни времиња, пред членови на семејство, пред ТВ камери, покажува еден континуитет, една практика за која верува дека се прави со желба кај јавноста да се остави силен ефект.

„Македонија е толку мала земја, за која се прашувате какви тајни има за да бидеме предмет на интерес на странски служби кои би замешале толку луѓе за шпионажа. Јас не велам дека странските безбедносни служби не работат, меѓутоа, од друга страна, ние сме толку транспарентни во своите слабости и во своите препирки, така што не гледам зошто луѓе би се ангажирале на ваков начин“, рече Ванковска.

Таа неодамна изјави дека со ова последна ситуација повторно се прекршува презумцијата на невиност, а во една ваква атмосфера која што влијае во земјава личи на застрашување на јавноста.

„Ова го сметам дури како општо, генерално застрашување на јавноста, особено а ако во групата осомничени имате луѓе за кои се смета дека биле блиски или доскоро биле сметани за блиски на владејачката гарнитура, одеднаш ги гледате во една ваква сцена и тоа секако е порака до сите оние кои се критичари на сегашниот систем и владејачка гарнитура да припазат што прават и како се однесуваат“, вели Ванковска.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Пивоваров: Последици од лустрацијата врз безбедноста

Поранешниот разузнавач и универзитетски професор, Владимир Пивоваров, истакнува дека е потребно да се почека истрагата да утврди дали станува збор за оддавање на државни тајни, затоа што по забраната од Судот, на јавноста ѝ се достапни мал број на информации.

„Кривичното дело шпионажа е многу јасно, од досегашните изјави на званичниците од МВР немаше допирна точка со кривичното дело како што стои во законот член 316 дека мора да биде нанесена конкретна штета по безбедноста, по економијата или по воениот дел на државата, значи никаде немаме што е нападното со овој сегмент на ова кривично дело“, вели тој.
Доколку има паралелни разузнавачки служби, тоа едноставно претставува кривично дело шпионажа. Власта не може да дозволи да има вакви паралелни служби.
Миодраг Лабовиќ. универзитетски професор.

Пивоваров вели дека во ситуација кога безбедносните служби соработуваат и легално разменуваат информации, се прашува кој би бил мотивот и што би било предмет на интерес на тие служби за да може да постои шпионажа.

Миодраг Лабовиќ.


„Значи, доколку службите не би соработувале, групациите на организираниот криминал или терористите тоа го прават без никаков закон, без ништо, само со одреден интерес, тогаш државите би биле во многу подредена ситуација, затоа службите соработуваат, се потпишуваат договори“, додава Пивоваров.

Тој вели дека секогаш кога се поднесува кривична пријава против разузнавачи треба да се внимава на можните последици, како во внатрешните безбедносни структури, така и кон соработката со надворешните фактори.

Поранешниот директор на финансиската полиција и универзитетски професор, Миодраг Лабовиќ, вели дека доколку лустрацијата и апсењата на луѓе од безбедносните служби не се базирани на цврсти и валидни докази, тоа може да се врти како бумеранг.

„Затоа што низ самата државна историја е потврдена е максимата дека кршењето на принципите може да стане правило кое во некое друго време ќе биде искористено против истите тие кои го имаат прекршено принципот на законитоста“, вели Лабовиќ.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Миодраг Лабовиќ, универзитетски професор.

Но, доколку постојат цврсти докази за постоење на паралелни тајни служби, власта е должна да ги преземе сите мерки, додава Лабовиќ.

„Доколку има паралелни разузнавачки служби, тоа едноставно претставува кривично дело шпионажа. Власта не може да дозволи да има овакви паралелни служби и тогаш е нормално власта ригорозно да ги преземе сите законски мерки за одбивање и понатамошно кривично првно процесуирање“, вели тој.

Големите шпионски афери се повеќе прашање за едно историско минато, вели професор Ванковска.

„Во оваа постмодерно време, тоа повеќе е приказна за филмовите со Џејмс Бонд. Република Македонија не располага со никакви нуклеарни програми, ниту е од некакво големо значење за некакви големи светски сили за тука да се зборува за шпионажа. Веројатно има луѓе кои соработуваат со тајни служби за материјален надомест, но тоа верувам дека тешко може да се подведе под едно вакво тешко кривично дело“, рече неодамна Ванковска.
Се испраќа порака за политички реваншизам како недозволив процес во едно демократско општество, а од друга страна стихијно, организирано и во континуитет се подриваат и компромитираат капацитетите на безбедносните органи и самиот интегритет на оперативните работници.
Фросина Ременски, потпретседателка на СДСМ.

Томе Аџиев, претседател на Комисијата за верификација на факти, односно Комисија за лустрација.

Иако во основа аферата Шпион и лустрацијата не споиви, сепак, заеднички именител на двата процеси се безбедносните структури. Само во изминатава година од последните 20 луѓе кои поминаа низ лустрацискиот филтер, 14 се дел од полициските безбедносни служби кои работеле до 2006-тата година. Од вкупно девет министри за внатрешни работи во независна Македонија, лустрирани се тројца, а еден се наоѓа во затвор.

Последен лустриран е Силјан Аврамовски, заменик директор на Управата за безбедност и контраразузнавање и поранешен министер за внатрешни работи, а неговиот колега, поранешниот директор на УБК Слободан Богоевски, освен што е лустриран, е уапсен во акцијата „Агент“ под обвинение за криминал со градежно земјиште. Дилемата како Богоевски, како еден од најконтроверзните разузнавачи стана дел од криминал со градежно земјиште не сака да ја коментира никој од неговите поранешни соработници. Неговото име се врзува со многу историски настани од подалечното и поблиско минато.
Уште кога се најави процесот, голем број на соработници веќе откажаа соработка, а што е најбитно, сега многу тешко прифаќаат соработка со тајните служби.
Павле Трајанов, пратеник, поранешен министер за внатрешни работи,

Од поранешните министри за внатрешни работи, лустрирани се и Љубомир Фрчкоски и Томислав Чокревски.

Следни на списокот на лустрирани се 14 луѓе коишто во одреден период од животот работеле или биле на раководни места во безбедносните служби. На пример, лустрираниот Михајло Костуранов, раководител во УБК, бил претседател на комисијата за избор на лични досиеја, односно Костуранов, во 2002-та и по донесувањето на Законот за отворање на досиејата, по предлог на Владата на Љубчо Георгиевски станува претседател на Комисијата, со што требаше да овозможи пристап до документите на тајната полиција за лицата кои сметаат дека таа им водела досиеја од политички и идеолошки причини.

На лустрацискиот список се наоѓа и Љупчо Шапчевски, поранешен началник во УБК и директор на дирекцијата за извршување на кривични санкции до 2006-тата година.

Еден од најпознатите графолози во полициската крим-техника, Љубомир Фишиќ, со лустрацијата е прогласен за кодош. Весникот Вест во 2006-тата година за него напиша дека во 35-годишниот работен век во полицијата помогнал во расчистување на 10 илјади фалсификати и 4 убиства.

Поранешниот разузнавач Хисен Муслиу на јавноста ѝ стана познат по аферата „Фалсификатор“ за наводните соработнички досиеја на високи функционери на ДУИ во југословенските тајни служби. Тој, освен што за случајот доби условна затворска казна од една година, во 2012 беше претепан и претрпе тешки телесни повреди, а во 2013, Комисијата за лустрација го прогласи за кодош.

Списокот на лустрирани поранешни разузнавачи е долг, а аналитичарите сметаат дека со оваа постапка не само што се нанесува штета на луѓето кои до тогаш работеле според тогашните закони, туку ѝ се нанесува штета и на државната безбедносна структура.

Потпретседателката на СДСМ и професорка на Факултетот за безбедност Фросина Ременски смета дека треба да се направи разлика меѓу лустрацијата како процес и неодамнешните случаи на апсења во кои како осомничени се јавуваат поранешни вработени во безбедносните служби. Таа вели дека во случајот со лустрацијата станува збор за условно кажано санкционирање на соработката на луѓето со органите на државната безбедност за дела кои ниту во минатото, ниту денес не се казниви. Додека, пак, во случајот со апсењата и притворањата на лице кои биле поранешни разузнавачи, контраразузнавачи, аналитичари и сл., станува збор за сè уште недокажани обвинувања дека истите соработувале со странски разузнавачки служби оддавајќи класифицирани информации.

„Случајот со лустрацијата на високите функционери во органите на безбедност и притворањето на поранешни функционери и вработени во службите ги поврзува една заедничка нишка која нема законска природа, туку се однесува на информираноста на лицата и поседувањето на сознанија акумулирани во професионалното работење кои можеле или, пак, можат да влијаат на политичките текови и процеси во државата. Власта зад превезот на лустрацијата врши селективно и политички пристрасно казнување на лицата од органите на безбедноста кои во минатото или денес, на еден или друг начин од позиција на функцијата која ја извршувале покажале законска активност кон политички субјекти во државата“, вели Ременски.

Таа додава дека владејачката партија, претставувајќи се во очите на јавноста како политичка жртва на органите на државната безбедност, единствено преку процесот на лустрација може да манипулира со фактите и постапките, зашто во една нормална и правно гарантирана независна постапка, лустрацијата како процес е тешко одбранлив.

„Со овие процеси на лустрирање и апсење на поранешни и сегашни припадници на безбедносните структури, се испраќа порака за политички реваншизам како недозволив процес во едно демократско општество, а од друга страна стихијно, организирано и во континуитет се подриваат и компромитираат капацитетите на безбедносните органи и самиот интегритет на оперативните работници. Тоа се прави на директен начин со девалвирање на основната алатка за работа на службите, а тоа се соработниците, информаторите и пријателските врски, но и преку политичката и институционалната заштита на противдржавни идеологии кои и во историјата и денес се предмет на работа и фокус на безбедносните служби. Последиците од процесот на лустрација веќе се чувствуваат“, вели таа.

Ременски вели дека процесите на лустрирање и апсење на поранешни и сегашни функционери од органите на државната безбедност во ниту еден момент не би го толкувала како расчистување со паралелни тајни служби. Доколку се прифати таквото толкување што очигледно одговара само на владејачката политика, тогаш од една страна се доведува во прашање севкупната работа и ефикасноста во функционирањето на контраразузнавачката служба на Македонија, а од друга страна ќе му даде легитимитет на политичкиот реваншизам кој зад превезот на лустрацијата ќе се пресметува со претпоставените непријатели. Според неа, овие спирални процеси сериозно ги загрозуваат начелата на правната држава и владеењето на правото и ја ставаат под знак прашалник политичката неутралност на институциите.

Поранешниот министер за внатрешни работи и коалиционен партнер во власта, Павле Трајанов, смета дека сите кои што извршувале високи функции во разузнавачките служби во периодот опфатен со лустрацијата работеле согласно тогашните закони и уставот и ги исполнувале работните обврски. Процесот на лустрација кој што ги опфаќа трите категории, односно соработници на тајните служби, наредбодаватели и корисници на информации, служи за расчистување со стариот систем. Секој што работел во службата за безбедност може да биде предмет на лустрација и голем дел од нив може да бидат лустрирани затоа што може да постапувале од идеолошки причини, вели Трајанов.

„За мене е спорен опфатот на сите тие, и соработници и наредбодаватели. Досега немаме лустриран ниту еден од државно политичкиот врв, коишто бие корисници на информации од тајните служби и врз основа на тие информации носеле одлуки, односно одлучувале за судбините на голем број луѓе. Ако процесот се одвива, треба да се одвива подеднакво за сите тие три структури коишто се опфатени во Законот за лустрација“, вели Трајанов.

Тој додава дека е многу широк опфатот на луѓе што треба да поминат низ лустрацискиот филтер, тоа се отприлика 200 илјади луѓе, и за спроведување на еден сериозен процес потреби се многу години, а таквата операција ќе создава само внатрешни конфликти и основните цели нема да се постигнат. Трајанов истакнува дека овој процес има влијание и врз безбедносната состојба на државата.

„Уште кога се најави процесот, голем број на соработници веќе откажаа соработка, а што е најбитно, сега многу тешко прифаќаат соработка со тајните служби, тоа е едната димензија. Втората е дека сигурно дека има вознемиреност кај сите припадници на Управата за безбедност и контраразузнавање, бидејќи како што нагласив, тие што работеле таму до 2006-та година, бидејќи до тогаш треба да бидат опфатени, тие сè уште работат таму. Голем дел од нив и сега се активни оперативци, работат и сигурно дека и кај нив постои загриженост и вознемиреност и сето тоа се одразува на извршувањето на функциите на тајните служби“, вели Трајанов.

Професор Лабовиќ, лустрацијата не смеела да се прошири во период после осамостојувањето на Македонија.

„Мое мислење е дека доколку после осамостојувањето имало определени злоупотреби на службената положба за нарушување на човековите права и слободи од чисто идеолошко-политички причини, а не и од безбедносни причини, тогаш за тоа треба да се поведе кривична постапка. Се разбира доколку за тоа постојат валидни докази“, вели Лабовиќ.

Трајанов смета дека не може да се направи паралела меѓу лустрацијата и апсењето на луѓето од акциите Шпион и Агент.

„Ниту еднаш досега не сретнавме дека е извршено вештачење на каков било лист хартија, да се види дали тој лист е од сегашна дата или е од некоја многу поодамнешна дата. Најчесто службите во тоа време, состаноците ги држеа во тајните станови со кои располагаше службата. Тие станови беа опремени со Ухер касетофони ленташи, они старите и беа опремени со видео камери. Денеска ние во постапката на лустрирање не сретнавме ниту еден доказен материјал дека е тоа вистината што се случила, дека некој тоа го изговара, дека токму тоа лице тоа го кажува. Зошто, кај се тие сега“, вели тој.

Поранешниот прв човек на военото разузнавање, Пивоваров, укажува на аномалиите на законот за лустрација и неговото спроведување.

„Значи, ако има безбедносна појава за која треба да истражат, немајќи оперативни врски, а за да може да го задоволат квантумот за да земат плата или да добијат надомест за таа информација за наводниот соработник, во таква ситуација, тие измислуваат име и презиме од некој познат или близок и денеска после 20 години ќе дојде некој ќе ве лустрира и вие ќе се чудите зошто вашето име се нашло токму таму и кажете ми на кој начин вие ќе докажете дека сте се сретнале со тој човек“, вели тој.

Тој објаснува дека лустрацијата остава големи последици по безбедносниот систем затоа што во Македонија се разголени државните архиви, а ако се има предвид дека безбедносните служби се столбот на државата, како што вели, во моменталнава ситуација се гледа дека некој свесно го урива тој столб. Пивоваров вели дека еден од проблемите на оперативците со кои се сретнал во неговата служба кога станал директор на военото разузнавање во 2002 година е злоупотребата што ја вршеле во заведувањето на имињата на соработниците. Тој вели дека проблемите со соработничките мрежи на македонскиот разузнавачи систем во неколку наврати ги покажале своите аномалии па наместо да превенираат ситуации што е суштина на разузнавањето, тие само ги детектираат појавите и потоа работат на нивно расчистување.

„Ние за војната во 2001 дознавме од Снежана Лупевска, што е жално за една држава, а никаква промена и реформи не доживеавме во безбедносниот систем. За време на тие воени конфликти имаше такви пропусти на безбедносните служби и на политичарите кои треба да носта одлуки, апсолутно на никому влакно не му фалеше и повторно продолжуваме натаму. Имавме ситуација со петкратното убиство, случајот „Монструм“, па јас велам, ако имавме силна соработничка мрежа можевме да го превенираме“, вели Пивоваров.

Според аналитичарите, политичката порака што се испраќа со лустрирањето на поранешни министри за внатрешни работи и разузнавачи, апсењето на судии и обвинители како и поранешни разузнавачи и високи функционери е дека власта се бори со криминалот и корупцијата. Но, тие потсетуваат дека борбата со криминалот не завршува со предкривичната постапка, односно она што ќе покаже полицијата во јавноста дека го сработила, туку и она што ќе го сработи судот и обвинителството со ефективна пресуда, па тогаш ќе може да се види дали Македонија е успешна во борбата со криминалот.

Дополнително во јавноста со досегашните постапки на судот и обвинителството се остава простор за шпекулации поради разни бизнис интереси или политичка одмазда поради недовршени истраги или поради завршени постапки со слаби информации. Аналитичарите предупредуваат дека за подобрување на кревката безбедносна структура потребни се децении и дека секој министер или функционер кој што седнува на фотелја треба да го надогради сработеното во безбедносната институција наместо да ја ставаат во функција на партиска цел со што граѓаните дополнително губат верба во институциите.

Народот само ги памети спектакуларните апсења и влијателните професори, лекари, судии, обвинители и разузнавачи кои со лисици се носат во судот, а речиси никој и не памети дали овие случаи добиле судска разрешница и дали приведените воопшто биле виновни.

Владата игра на картата дека со апсењата ќе остави впечаток оти е за бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата и дека на тој пат не може да ја попречи ништо. Ова е основното кредо и во нивните јавни настапи и обраќања во јавноста, и на премиерот лично и на првата полицајка во земјава. Арно ама, со медиумски спектакли тешко дека ќе се искорени ова зло, бидејќи не е доволно само да се има храброст и да се приведе некој, туку уште потешко е случајот да биде издржан и да се докаже виновноста пред судот.