Брет - Партиите да мислат на долгорочните ефекти од нивните постапки

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Интервју со Ралф Брет

Политичките фактори треба да покажат зрелост, да мислат на долгорочните ефекти од нивните одлуки, а да не мислат толку на краткорочните добивки, затоа што она што може да го добијат на кратки патеки може да биде пораз за целата државата на долг рок, вели шефот на мисијата на ОБСЕ во Македонија, амбасадорот Ралф Брет во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Господине Брет, каков е легитимитетот на изборите кога најголемата опозициска партија ги бојкотира?

Бојкот на локалните избори од најголемата опозициска партија во секој случај ќе биде чекор назад за државата и за демократските институции. Без разлика колку добро ќе бидат спроведени изборите, доколку се случи таков бојкот, изборот на гласачите ќе биде ограничен и компетитивноста на изборите ќе биде под знак прашалник. Ние како ОБСЕ, се разбира сме загрижени од таквиот развој на настаните, за реформите кои се во тек, и за безбедносната ситуација. Ако застојот продолжи, тој ќе може да има долгорочни негативни ефекти. Затоа ние апелираме до сите политички лидери да продолжат со политичкиот дијалог и да дадат се од себе за се надмине оваа ситуација и дојде до можно решение.

Ја спомнавте безбедноста, стравувате ли од инциденти на локалните избори, господине Брет?

Тоа е тешко да се предвиди, се разбира ние се надеваме дека нема да има и веруваме во зрелоста на партиите да не провоцираат такви инциденти, и во подготвеноста на полицијата да спречи евентуални инциденти.

На национално ниво нема да има опозиција – речиси нема да има ни на локално ново. Господине Брет, како тоа ќе влијае на демократијата во Македонија и како меѓународната заедница гледа на ваквата состојба?

Не можам да замислам демократија без мнозинството од опозицијата да биде активно и да има свои претставници на локално и национално ниво. Ова ќе има негативен ефект и ќе влијае врз имиџот на државата како функционална демократија. Ова треба да се одбегне и повторно ќе кажам дека политичарите имаат клучна одговорност за ова. Мислам дека е оваа загриженост ја дели меѓународната заедница. Ние го охрабруваме дијалогот за да се надмине оваа ситуација. Но морам јасно да кажам дека не е на меѓународната заедница да каже под кои услови опозициски партии треба да учествуваат во овие избори.

Од друга стана пак, како политичката криза влијае врз надворешната политика и проблемите кои Македонија ги има со другите земји? На пример како влијае врз решавањето на спорот со името?

Па, се разбира постои внатрешна врска меѓу различните политички прашања, но кога се работи за прашањето за името тоа е во рацете не други институции. ОБСЕ не е директно вклучена во ова, но сметаме дека ќе помогне доколку во национални рамки постои консензус за ова прашање.

Господине Брет, за каков политички капацитет на партиите станува збор кoга и покрај апелите на меѓународната заедница тие не смогнаа сили за дијалог?

Јас мислам и имам причини да верувам дека политичките актери мислат на тоа и го оценуваат потенцијалот на оваа ситуација, но најважно е да не мислат само на краткорочна корист, туку на долгорочните ефекти. Долгорочните ефекти можат да предизвикаат загуба за сите актери (lose- lose ситуација). И покрај тоа што е очигледно, морам повторно да кажам дека доколку овој застој продолжи ќе ги компромитира не само стратешките цели на земјата, туку и довербата на граѓаните во демократските институции и може да влијае врз одлуките на потенцијалните инвеститори во земјата.

Ваш коментар за внатрешниот демократски капацитет на партиите во Македонија, со оглед што веќе подолго време ги набљудувате состојбите во земјава?

Ние велиме дека политичарите и одговорните личности мора во прв план да ги имаат интересите на земјата, да мислат на компромис: уметноста во политиката е да се најдат можни решенија и да не се мисли само на своите максималистички позиции. Ситуацијата е критична и се надеваме дека политичарите ќе покажат зрелост и ќе најдат начин за да излезат од политичката криза.

Што сега господине Брет, како натаму – што би им препорачале на политичките фактори во Македонија?

Тоа е она што пред малку го реков, треба да покажат зрелост, да мислат на долгорочните ефекти од нивните одлуки, а да не мислат толку на краткорочните добивки, затоа што она што може да го добијат на кратки патеки може да биде пораз за целата државата на долг рок.

Кои препораки од ОБСЕ не се вклучени во изборниот законик?

По предвремените парламентарни избори во 2011 година ОДИХР, која е надлежна за набљудување на изборите, излезе со извештај во кој беа сумирани забелешките кои, според нив, треба да се адресираат како и серија на препораки. Главни аспекти беа: да се осигури одвојување на државата од партиските функции, темелна проверка на гласачкиот список и некои одредби кои се однесуваат на локалните избори. Потоа, врз основа на овие забелешки, стигна и второ мислење од ОДИХР и Венецијанската комисија во контекст на промена на овие закони и тие повторно презентираа неколку забелешки, најмногу поврзани со гласањето на дијаспората, медиумите, финансирање на кампањата, изборната администрација и набљудувањето на изборите. Потоа изборната регулатива беше променета и изгласана во нова форма и сега задача на ОДИРХ е, по следните локални избори, доколку се случат во таа форма, да споредат со она што го виделе, имајќи го предвид аспектот што треба да се направи со легислативата во иднина за да се постигнат нови подобрувања.

Господине Брет, Може ли владата да гарантира квалитетни избори без имплементација на оние препораки кои не се вклучени во изборниот законик?

Легислативата, каква што е, дава можност за слободни и фер избори, но по набљудувањето ОДИХР треба да каже дали треба некои други работи да се променат.

Вршењето притисок врз администрацијата да гласа за владејачките партии е едно од главните забелешки за изборните процеси во земјава. Господине Брет, кој е механизмот со кој може да се сузбие оваа појава?

Прво се разбира граѓаните кои што чувствуваат притисок или заплашување треба да го пријават тоа кај надлежните институции, потоа таквите обвинување треба темелно да се истражат од страна на властите и доколку се потврдат за точни, треба да следуваат санкции. Важно е дека едукацијата на гласачот, кампањите кои ги гледаме сега, да се фокусирани на тајноста на гласањето, гласачите да бидат свесни дека треба да гласат тајно, но и за сериозноста на заплашувањето на гласачите. Граѓаните треба да бидат охрабрени да инсистираат на тоа право, да гласаат во тајност и да можат да го пријават заплашувањето кај властите.

Господине Брет, како ја оценувате ситуацијата со македонските медиуми кога на скалата на „Репортери без граници“ бележиме пад од над 20 места во изминатава година, односно околу 80 во последниве 4 години?

Се разбира дека слободата на медиумите и изразувањето е еден од темелите на демократијата и не може да постои демократија без слобода на медиумите. Затоа се вели дека е четвртиот столб на демократијата, покрај законодавната, извршната и судската власт. Затоа е многу важен фактот дека во рангирањето на една важна медиумска организација, земјата паднала толку многу места. Како што знаете и како што претпоставувам вашата публика знае, Дуња Мијатовиќ е Претставник на ОБСЕ за слободата на медиуми. Таа е личноста што најчесто ги адресира состојбите со медиумите во земјите членки на ОБСЕ. Таа го посети Скопје во октомври 2011 година. Тогаш таа спомена голем број на теми на кои треба да се работи, а една од нив беше декриминализацијата на клеветата, проблемот на новинарите кои беа казнувани за клевета, но и други теми. Првата беше успешно решена, беа усвоени законски измени кои се однесуваа на декриминализацијата на клеветата што е позитивен развој. Како и да е, во многу други полиња треба уште многу да се работи. Јас можам само да ги охрабрам властите и новинарите преку нивните здруженија да го обноват дијалогот за овие прашања кои сè уште се отворени. Јас сум убеден дека со политичка волја и напорна работа и со волја за компромис ќе може да се постигнат некои позитивни резултати. По 24 декември, дијалогот меѓу ЗНМ и Владата престана, Мијатовиќ апелираше до двете страни да се обнови дијалогот но сè уште постојат проблеми меѓу двете страни.

Господине Брет, кој е вашиот коментар, што мислите дека е главна причина за ваквата ситуација во која се наоѓаат медиумите, ситуација во која нема повеќе слобода во медиумите, голем дел од нив се под контрола на владата или пак се блиски до владините структури?

Мислам дека има повеќе причини за овој проблем. Една е дека легислативата треба да се подобри. Отворено е прашањето за законот за медиуми, а потоа и проблемите поврзани со државниот јавен сервис, рамката за неа не е доволно јасна, како и проблемот околу регулаторите. Исто така ние слушаме за поплаки за притисоци врз новинарите и на тоа мора да се работи и исто така саморегулативниот механизам на новинарите. Треба, исто така, да постои поголема солидарност меѓу новинарите, а не толкава политизација, особено кога се работи за перцепција на нивната улога во општеството. Потребно е поголемо единство меѓу новинарите.