Крај на војната во Ирак

Американскиот претседател Барак Обама и ирачкиот премиер Нури ал Малики.

Американскиот претседател Барак Обама го поздрави крајот на војната во Ирак која почна пред скоро девет години. Притоа тој изјави дека американската крв и богатство помогнаа Ирак да стане модел за земјите кои се стремат кон демократија во регионот кој брзо се менува.
Американскиот претседател Барак Обама на заедничката прес-конференција во Вашингтон со ирачкиот премиер Нури ал Малики изјави дека ова е сезона на враќање дома, со оглед на тоа што до 31 овој месец и последните американски војници треба да го напуштат Ирак.

„Во претстојните денови последните американски војници ќе заминат од Ирак со гордост и со високо кренати глави. По скоро девет години, нашата војна во Ирак завршува овој месец.“

Договорот за крај на американската инволвираност во Ирак беше постигнат и потпишан пред четири години за време на претседателот Џорџ Буш, но фактот што времето за него пристигнува на часовникот на Обама има одредени резонанси.

Обама остро се противеше на војната во Ирак и неговиот успех делумно беше резултат на елоквентната и постојана аргументација во врска со ова прашање.
Имено, како сенатор од Илиноис, тој остро се противеше на војната во Ирак и неговиот успех делумно беше резултат на елоквентната и постојана аргументација во врска со ова прашање.

Сега тој го поздравува ирачкиот прогрес како суверена и демократска земја која, како што вели, може да биде модел за другите кои се стремат да градат демократија.

Оваа трансформација, според Обама, го оправдува американското жртвување во крв и богатство. За време на кулминацијата на војната во 2007 година во Ирак беа стационирани 170 илјади американски војници. Денес ги има околу 6 илјади.

Од 2003 година, скоро 40 земји учествуваа со нивни војници, а последниот неамерикански војник си замина од Ирак во мај годинава.

Обама јасно стави до знаење дека сега следува транзиција на врските меѓу двете земји, односно дека Вашингтон ќе продолжи да биде голема сила во Ирак.

„Денеска, премиерот и јас ја реафирмиравме нашата заедничка визија за долгорочно партнерство меѓу нашите земји преку Стратегискиот рамковен договор.“

Американски војници ја напуштаат базата во близина на Багдад


Тоа го потврди и премиерот Малики кој додаде дека на Ирак се уште му е неопходна американската помош во безебедносната сфера, во борбата против тероризмот, во екипирањето на армијата, како и во едукацијата.

И покрај тоа што Белата куќа го поздрави крајот на конфликтот што ја подели американската јавност, даночните обврзници ги чинеше билиони долари и беа убиени илјадници војници, се уште постои страхување за тоа што би можело да се случи таму со оглед на ирачкото соседство.

Тука пред се, станува збор за Иран кој секако ќе се обиде да го исползува американското заминување за да го интензивира влијанието врз Багдад.

Претседателот Обама на прес-конференцијата го спомна Техеран и во врска со собореното американско беспилотно летало на иранска територија.

„Соединетите Држави побараа враќање на леталото. Ќе видиме како Иранците ќе одговорат“, изјави Обама.