Достапни линкови

Обама: САД на пресвртница


Американскиот претседател Барак Обама, на заедничката седница на Конгресот изјави дека Америка мора да стане глобално поконкуретна ако сака да го задржи лидерството во светот. Во годишното обраќање до нацијата, Обама изложи план за нови работни места и потенцира дека на тој начин Америка ќе ја добие иднината.

Пред говорот на Барак Обама познат како Состојба на нацијата поциничните политички посматрачи во Вашингтон оценуваа дека доколку Обама не најде начин да креира милиони нови работни места за Американците во наредниве две години, тогаш и тој догодина ќе остане без својата работа.


А токму во ова обраќање Обама звучеше како кога беше кандидат за Белата куќа, ветувајќи двопартиско лидерство за решавање на проблемите во земјата.

„Или заедно ќе одиме напред или никако. Предизвиците пред кои се соочуваме се поголеми од некоја партија или политика“, изјави Обама, додавајќи:

„Сега не станува збор за тоа кој ќе победи на наредните избори, всушност ние само што одржавме избори. Станува збор за тоа дали ќе има нови работни места тука, во оваа земја, или на некое друго место. Само така ќе можеме да го задржиме лидерството што ја направи Америка не само место на мапата, туку и светлина во светот.“

Сега не станува збор за тоа кој ќе победи на наредните избори, всушност ние само што одржавме избори. Станува збор за тоа дали ќе има нови работни места тука, во оваа земја, или на некое друго место.
Според Обама, американската економија конечно почнала да заздравува од мрачните години на работ на депресија и оти сега е моментот за владина поддршка на истражувањата во биомедицината, инфорамциската технологија и чистата енергија.

„Пред половина век, кога Советите не победија во Вселената со лансирањето на сателитот Спутник, немавме идеа како да ги победиме во освојувањето на Месечината. Тогаш, науката не беше вклучена во тоа и не постоеше НАСА. Но, по инвестирањата во истражувања и во образованието не само што ги надминавме Советите, туку започнавме бран иновации што креираа нови индустрии и милиони работни места. Ова е нашиот генерациски Спутник момент.“


За да ја нагласи неговата поента, Обама ја спомна трката за работни места во светот, забележувајќи дека Кина и Индија ги едуцираат нивните деца подолго и со поголемо фокусирање врз математиката и науката од она што се учи во американските училишта.

Затоа, како што рече тој, во Кина сега е најголемиот приватен центар за истражување на соларната енергија, како и најбрзиот компјутер во светот.

„Треба да ја направиме Америка најдобро место за бизнис во светот. Треба да ја преземеме одговорноста за нашиот дефицит и да ја реформираме владата. Така нашите луѓе ќе просперираат. Така ќе ја добиеме иднината.“

Обама вети рекордни вложувања во научни истражувања и нови 100 илјади работни места за учители по математика и наука.

Тој најави и големи инвестирања во брзи железнички линии, аеродроми, безжично интеренет поврзување...

Инвестиции кои би требало да дојдат со предложеното укинување на субвенциите за нафтените комапнии.

„Нашата инфраструктура беше најдобра, но сега не е така. Јужнокорејските домови имаат подобар интернет пристап од нашите домови. Европа и Русија инвестираат повеќе во патишта и пруги, а Кина прави побрзи возови и нови аеродроми“, изјави Обама кој побара петгодишно замрзнување на домашните трошоци, со исклучок на националната безбедност.
Треба да ја направиме Америка најдобро место за бизнис во светот. Треба да ја преземеме одговорноста за нашиот дефицит и да ја реформираме владата. Така нашите луѓе ќе просперираат. Така ќе ја добиеме
иднината.

Во говорот, кој скоро целосно и беше посветен на американската економија, Обама само накусо се осврна врз надворешната политика, оценувајќи дека американските и НАТО целите во Авганистан и во Ирак се остваруваат, дека Иран е пред нови санкции поради неговата нуклеарна програма и оти е подобрена соработката со Русија.

Интересно за ова обраќање беше и тоа што републиканците и демократите во Конгресот седеа измешано во знак на почит на конгресменката Габриел Гифордс која на 8 овој месец во Тусон, Аризона беше застрелана во глава и која сега заздравува во болница во Хјустон. Имено, нејзина практика била да седи на местата кои на биле предвидени за нејзините демократи, туку на оние за републикаците.

Инаку, официјалната реакција на републиканците на обраќањето на Обама ја пренесе Пол Рајан, претседател на Комиетот за буџет:

„Американците се скептични и за двете парти. И тој скептицизам е оправдан кога се однесува на трошењето“, изјави Рајан, барајќи поголема контрола на владините трошоци или во спротивно, како што изјави, за најдобар век за Америка ќе се смета оној што измина.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG