Достапни линкови

САД и Кина на валутен самит


Кинескиот претседател Ху Џинтао денеска пристигнува во Вашингтон на, како што се оценува, еден од најважните американско кинески самити од посетата на Денг Ксиаопинг на Соединетите Држави пред 30 години. Колку тој е подготвен да ги прифати американските барања, особено за кинеската валута?

За време на утрешниот самит, претседателите Барак Обама и Ху Џинтао ќе дискутираат за американскиот трговски дефицит со Кина за кој Вашингтон вели дека е резултат на потценетата кинеска валута, јуанот.

Во пресрет на посетата, неколкумина американски сенатори оценија дека е од клучна важност во Конгресот да мине легислатива која ќе значи построг однос кон Кина во врска со нејзините валутни активности.


Од друга страна, претседателот Џинтао, во интревју за американските медиуми побара крај на менталитетот од Студената војна во односите меѓу двете земји и предложи нова соработка.

Сепак, тој ги отфрли американските аргументи зошто Кина би требало да ја зголеми вредноста на јуанот. Според него, промената во кинеската економска политика треба да дојде постепено.

„Кина ќе продолжи да го промовира меѓународниот баланс на приходите како главна задача во стабилизирањето на макроекономијата. Кина ќе продолжи да оди напред со реформите на девизниот курс но, постепено и врз основа на задржување на иницијативата и поголема контрола.“

Ху сугерира соработка со Соединетите Држави во областите за нови енергетски извори, развој на инфраструктурата, авијацијата и вселената.
Ниту една држава не треба да претпостави дека нејзиниот пат кон просперитетот е едноставно поплочен со извозот во
Америка.


Од своја страна, пак, американскиот претседател Барак Обама, пред извесно време ги повика Кина и Јапонија да стават крај на потпирањето на економскиот раст на нивните земји врз извозот во Соединетите Држави.

„Една од важните лекции на која не научи економската криза се границите на зависноста меѓу американските потрошувачи и азискиот извоз. Во иднина, земјите со голем вишок мора да ја поместат нездравата зависност од извозот и да преземат чекори за зајакнување на домашната побарувачка. Како што реков, ниту една држава не треба да претпостави дека нејзиниот пат кон просперитетот е едноставно поплочен со извозот во Америка.“

Американските официјални претставници повеќе години го повикуваат Ху да ја ревалоризира кинеската валута, да ја заузда Северна Кореја, да го омекне односот спрема дисидентите и да воведе построги мерки за спречување на копирањето на американската технологија.


Повеќепати за тоа и добиваа ветување од кинескиот претседател. Но, тоа остануваше само на ветувања што, според посматрачите, може да значи дека тој е на милост и немилост на дифузната владејачка партија во која генерали, министри и големи корпорации имаат повеќе моќ, а помалку почит, отколку што тоа го правеа во деновите на Мао Цетунг или Денг Ксијаопинг.

Инаку, кинескиот претседател за време на неговата четиридневна посета на Соединетите Држави треба да се сретне и со американски конгресмени и бизнисмени.

Кинеска бизнис-делегација веќе престојува во Тексас при што веќе биле потпишани шест договори со американски компании во вредност од над 600 милиони долари.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG