Достапни линкови

Каква е улогата на САД во светот по 11/9?


Терористичкиот напад на кулите близначки во Њујорк на 11 септември 2001-та година
Терористичкиот напад на кулите близначки во Њујорк на 11 септември 2001-та година

Тага, триумфи, и војна без крај. Каква е улогата на САД во светот, десет години по денот кој ја промени земјата засекогаш?

Американските безбедносни сили го убија Осама Бин Ладен. Садам Хусеин и неговиот режим сега се историја. „Арапската пролет“ како да ја намали силата на „џихад“ насилството, а со тоа и повикот на света војна против Западот избледе.
Во Ирак се продаваат и часовници со ликот на поранешниот диктатор Садам Хусеин.

А сепак, и една деценија по кобниот ден 11 септември 2001 година, таканаречената „војна против тероризмот“ останува да биде неразбирлива за многумина, иако Соединетите Држави заедно со своите сојузници постигнаа важни победи, а се случија и низа промени.

Талибанското движење во Авганистан, кое беше симнато од власт во 2001 година во заедничка мисија на САД и сегашната авганистанска влада, повторно е бунтовничко.

Во Ирак, по инвазијата предводена од САД во 2003 година што го симна од власт Садам Хусеин, и граѓанската војна која се закануваше дека ќе ја распарчи земјата, сега како да ослабе. Но, стабилна влада и безбедност за сите граѓани се уште остануваат далечни цели кон кои треба да се стреми земјата.

И во самата Америка, чуството на олеснување затоа што земјата проживела една деценија без да биде мета на голем терористички напад како да се меша со разочарувањето од економските, политичките и индивидуалните трошоци од глобалната војна против мистериозниот непријател.

Професорот по меѓународни односи на Универзитетот Џон Хопкинс и познат политички аналитичар Мајк Манделбаум смета дека една од најсеризните последици од нападите на 9/11 е отргнувањето на вниманието на американските лидери од домашните приоритети.

„Еден од поголемите предизвици е дефицитот кој се влошува од војните во Авганистан и Ирак, војни за кои државата се уште нема платено. Ние позајмуваме за да ги платиме тие војни, и ова е навистина прв пат во американската историја да не ги покачи даноците за да се плати за војни.“
Ние позајмуваме за да ги платиме тие војни, и ова е навистина прв пат во американската историја да не ги покачи даноците за да се плати за војни.

Според дел од експертите, САД во последниве десет години доживеа пад на глобалното влијание и престижот што го уживаше. Од друга страна, дел од аналитичатите го застапуваат ставот дека САД се уште можат да се пофалат со големината на националната економија и по кризата од 2008-мата. Американската воена супериорност останува непредизвикана.

Но, тоа не е никакво изненадување со оглед на проширување на државниот безбедносен апарат во последнава деценија, затоа што според некои проценки, американската влада потрошила 7 билиони долари за национална одбрана, за внатрешна безбедност и за унапредување на разузнавачките служби.

Еден од најголемите подвизи од Втората Светска војна па наваму е реорганизацијата на сојузната бирократија која следуваше со создавањето на одделот за домашна безбедност.
Американски војници
x
Американски војници

Воените трошоци на САД грубо кажано изнесуваат речиси половина од она што целиот свет вкупно го троши за одбранбениот сектор. Само буџетот за американските разузнавачки служби е за двојно зголемен во изминатава деценија.

Разбирливата опсесија на поранешниот претседател Џорџ Буш да ја заштити земјата од можен сличен напад ја натера администрацијата да преземе серија на драконски мерки, вклучувајќи ги и „контроверзните сослушувања“, што некои ги опишуваа како тортура врз притворениците, како и програмите за следење на американските граѓани.
Граѓанската слобода ќе претрпеше далеку поголеми штети доколку Ал Каеда успееше да изведе уште еден напад сличен на 9/11.

Дебатата за нивната ефикасност и денеска продолжува. Бранителите на тој став тврдат дека токму тие мерки и сурови техники на испрашување ја одиграле главната улога во заштитата од нови напади.

„Граѓанската слобода ќе претрпеше далеку поголеми штети доколку Ал Каеда успееше да изведе уште еден напад сличен на 9/11“, напиша еден од поранешните министри за правда од ерата на Буш во уводникот на „Вол Стрит Журнал“.
Затвореник во Гвантанамо.
x
Затвореник во Гвантанамо.


Професорот по право на универзитетот Џорџтаун, Дејвид Кол, од друга страна, не се согласува со бранителите на тој став.

„Јас мислам дека она што го научивме е дека законот се покажа поиздржлив од админстрацијата на Буш.“

Иронично, вели Кол, токму поради тоа што администрацијата на Буш даде зелено светло за применување на незаконски форми на испрашување на Калид Шеик Мухамед, кој призна дека е организатор на нападите на 11 септември, тој се уште не е донесен пред Судот.

„Откако ќе употребите каква било присилна тактика во добивање на информации од поединец, која не мора да значи дека е на ниво на мачење, не може според кривичниот законик на САД да се искористи во судскиот процес.“
Откако ќе употребите каква било присилна тактика во добивање на информации од поединец, која не мора да значи дека е на ниво на мачење, не може според кривичниот законик на САД да се искористи во судскиот процес.

Админстрацијата на Барак Обама, пак, укина дел од практиките од ерата на Буш, но не успеа во целост да го затвори контроверзниот притворен центар во заливот Гвантанамо. И Демократите и Републиканците се противат на идејата дел од затврениците, вклучувајќи го и Калид Шеик Мухамед да бидат донесени во САД за да им се суди.

Во меѓувреме, Обама го интезивира користењето на тајните операции на ЦИА против тероризмот како оние со беспилотните летала кои вршат воздушни напади во племенските области на Пакистан.

Според локалните власти, над 33 илјади Пакистанци загинаа во војната против тероризмот до 9/11 наваму. Конечни бројки за цивилни жртви од војната на другите сцени на Блискиот Исток и југозападна Азија нема, но секако може да се бројат во десетици илјади.

Овие смртни случаи како и откритијата за мачење на затворениците во озогласените затвори придонесоа за анти-американско расположение во светот, велат критичарите.

Снимки кои не се забораваат 9/11
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:05 0:00


Секојдневните наслови во медиумите за настаните во Авганистан и Ирак придонесоа за зголемена апатија кај Американците. Над 6 илјади членови на американската војска загинаа во двете војни, додека над 43 илјади се ранети и се уште никој не може да каже кога конечно ќе завршат борбите.

Во меѓувреме, аналитичарите велат дека Ал Каеда или она што остана од таа организација, се преселувала во нови засолништва во Јемен или Сомалија.
Блискиот Исток е важен поради неколку причини, но не затоа што е центар на економски раст и потенцијална воена сила. Тоа, за волја на вистината, е Источна Азија.

И тука само се наметнува прашањето „Дали вредеше сето тоа?“.

Дел од аналитичарите сметат дека САД не им служи на сопстветните интереси со вложување на толку големи средства во гонењето на Ал Каеда. Манделбаум вели дека растот на Кина и на неколку азиски економии во изминава деценија се многу поголем предизвик за американското место во светот отколу случувањата на Блискиот Исток.

„По 11 септември ние се посветивме на бркање на губитници од глобализацијата кога вистинските предизвици на меѓународно ниво во иднина ќе доаѓаат од победниците. Блискиот Исток е важен поради неколку причини, но не затоа што е центар на економски раст и потенцијална воена сила. Тоа, за волја на вистината, е Источна Азија.“

Многу нешта се случија во последниве десет години, од денот кој засекогаш ја промени Америка, но приказната за „пост 11- септември ерата“ е далеку од завршена.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG