Гитарата ја гради својата традиција

Анастасија Милеска, гитарист од Македонија.

Со концертот на победниците по категории, што ќе се одржи вечерва од 20 часот во Културно информативниот центар во Скопје, завршува вториот Интернационален фестивал на гитара – Тремоло / П.С Гитар-фест. На манифестацијата во изминативе три дена настапија неколкумина виртуози од регионот, а главната награда ја поделија нашата Анастасија Милеска и саревчанецот Аднан Алагиќ.
Mакедонија доби уште еден квалитетен интернационален фестивал. Во деновите од изминатиот викенд се одржа второто издание на Тремоло / П.С. Гитар-фест, манифестацијата чија цел е не само да ги претстави големите мајстори на овој инструмент од Европа, туку и да ги стимулира младите од регионов во совладувањето на тајните на класичната гитара.

Покажуваме дека гитарата навистина е значен инструмнт и дека има огромен потенцијал меѓу нашите млади гитаристи за да го покажат своето знаење и да напредуваат, да ги научат вештините и тајните на гитарата.
Христо Христовски Мулар, како еден од иницијаторите на фестивалот.

Од таму не чуди што со нагласено внимание беа пречекани не само перформансите на Герхард Рајхенбах од Германија, Ѓурај Алиорук од Турција, Зоран Крајишник од Србија, гитарскиот квартет ЛЕГЕРО од Хрватска и нашите Дамјан Пејчиновски и Дарко Багески, туку и изведбите на учесниците во натпреварувачкиот дел на оваа манифестација.

„Гитарата во Македонија тек овие години ја гради својата традација и конкуренцијата ствара квалитет и сметам дека тоа е пресудно нешто што од следната година веќе ќе имаме стварно многу високо ниво на свирачи“, вели професорот Багески.

Илустрација

Инаку, младите гитаристи се натпреваруваа во седум категории а жирито како бележити ги издвои изведбите на Никола Беговиќ, Костас Амаксопулос, Стојан Стојанов, Џулијан Битичи, Михајло Ѓорѓевиќ и особено на Аднан Алагиќ од Сараево и нашата Анастасија Милеска. Тие не само што ја поделија главната парична награда и добија покани за учества на неколку вакви случувања на Балканот, туку за догодина ќе треба да подготват заеднички концерт што ќе биде изведен на Тремоло – П.С Гитар-фестивал.

„Се преставив со четири различни дела, значи од различни епохи, различни стилови. Обрнував доста внимание на музиката исто така и на техниката и многу ми значи и многу сум среќна. И секако ќе ме поттикне уште повеќе да работам па да освојам уште поголеми награди, на некои големи фестивали“, ќе рече Милеска.

По ова ново значајно признание, таа ќе ги започне подготовките за големиот Гитар-арт фестивал што во март наредната година ќе се одржи во Белград, соседна Србија.

Христо Христовски Мулар, како еден од двајцата иницијатори за одржувањето на овој фестивал, дополнува дека нивната намера е гитарата која како инструмент е малку запоставена, конечно на овие простори да си го добие местото кое и треба и кое што таа го заслужува.

„Покажуваме дека гитарата навистина е значен инструмнт и дека има огромен потенцијал меѓу нашите млади гитаристи за да го покажат своето знаење и да напредуваат, да ги научат вештините и тајните на гитарата. Уште повеќе што оваа наша музика што ја имаме тука може гитарски да се обработува и да се преставува по светот.“