Промоција на „Кораб“ на Сетстат

Членовите на џез составот Сетстат.

„Кораб“ е насловен петтиот студиски албум на македонскиот џез состав СЕТСТАТ, чија концертна промоција е планирано да се одржи на 17 октомври во Македонската опера и балет.
СЕТСТАТ е најдолговечниот и најактивниот џез состав во Република Македонија. Владан Дробицки – тромбон, Васко Бојаџиски – саксафон, Александар Николовски – труба, Панче Бујуклиев – клавијатури, Павел Дробицки – бас и Гоце Наумов – тапани, своето патешествие како бенд кој се стреми кон современ и автентичен музички израз, го започнаа на почеткот на 1990-те и зад себе имаа пет албумски објави - Seth Makes Sense (1993), Within Yourself (1996), Sethstat (2000), Rolling Garage (2004) и штотуку објавениот Кораб кој ја носи етикетата на продуцентската куќа Скопје џез фестивал.

Генерално при правењето на овој материјал се водевме од нашата желба за истражување на настанокот на светот, на човештвото, на луѓето и слично. Најверојатно слушателите ќе оценат сами дали станува збор за еден од нашите подобри албуми.
Владан Дробицки, Сетстат.
За ова остварување мнозина што го преслушале пред неговото официјално појавување забележуваат дека претставува креативен врв во делувањето на групата.

„Генерално при правењето на овој материјал се водевме од нашата желба за истражување на настанокот на светот, на човештвото, на луѓето и слично. Најверојатно слушателите ќе оценат сами дали станува збор за еден од нашите подобри албуми“, вели Владан Дробицки.

Тој појаснува дека името на албумот не треба да асоцира на највисокиот планински врв нај нас туку на:

„Превозно средство во кое седум музичари се качуваат и излегуваат надвор од нашиот планетарен систем.“

Она што е посебно интересно е што Кораб ќе биде промовиран во рамките на претфестивалските случувања на јубилејното 30 издание на Скопскиот џез фестивал. Концертот ќе биде одржан на 17 октомври во Салонот на МОБ.

Малку е чудно можеби и смешно, но лично за нас настап на Скопскиот џез фестивал претставува врв на сето она што сме го направиле до сега и врв на сите настани.
Владан Дробицки, Сетстат.
„Малку е чудно можеби и смешно, но лично за нас настап на Скопскиот џез фестивал претставува врв на сето она што сме го направиле до сега и врв на сите настани. Некако најтешко е секогаш да настапуваш дома.“

Инаку, од групата забележуваат дека веќе работат на материјалот за новата објава на која како што велат ќе се најдат и композиции кои останале од сесиите за ова издание, но дополнуваат дека нималку не се сигурни каде стилски притоа ќе исчекорат. Згора на тоа, по успешната серија на концертни настапи во соседна Бугарија и во Хрватска, СЕТСТАТ повторно тргнуваат на пат.

„Имаме понуда за Крагуевац кон крајот на октомври и најверојатно ќе отидеме.“