Достапни линкови

Промоција на албумот на „Летечки пекинезери“


Џез квинтетот „Летечки пекинезери“.
Џез квинтетот „Летечки пекинезери“.

Џез квинтетот ЛЕТЕЧКИ ПЕКИНЕЗЕРИ, ќе го промовира својот деби албум насловен со името на составот.

ЛЕТЕЧКИ ПЕКИНЕЗЕРИ се млада, талентирана, весела и енергична урбана дружина која претпочита нивната музика да зборува сама за себе. Иво Солдатовиќ – кларинет, Бојан Петков – гитара, Кирил Туфекчиевски – контрабас, Петар Христов – саксафон и Славчо Коцев – тапани, милуваат да кажат дека она што го творат е резултат на нивното чествување на слободата и дека најмалку имаат намера тоа да биде фон од некој збркан восочен музеј, туку храбра, искрена и дрска интепретација на џезот.
Кога ќе споменеш џез, луѓето се мрштат како за нешто најдосадно во свет. Во тој глобален проблем ние решивме во свои раце да ги земеме работите и да направиме нешто.
Бојан Петков, гитарист на „Летечки пекинезери“.

„Кога ќе споменеш џез, луѓето се мрштат како за нешто најдосадно во свет. Во тој глобален проблем ние решивме во свои раце да ги земеме работите и да направиме нешто, барем да се обидеме.“
Деби албумот насловен со името на составот

Ваквите зборови на Бојан Петков речиси и на најдобар можен начин ја отсликуваат звучната слика што ја нуди деби изданието на ЛЕТЕЧКИ ПЕКИНЕЗЕРИ, албумот што беше сниман во текот на изминатава година во студиото Чикен меднес во Скопје и на кој се забележани 14 композиции дело на гитаристот и на кларинетистот Солдатовиќ.
Ако доносеш радост на луѓето, свириш една музика која е барем малку на повисоко ниво од другите денеска, има многу искрена цел.
Бојан Петков, гитарист на „Летечки пекинезери“.

Инаку, бендот е формиран во 2006 година и од тогаш до денес и покрај бројните персонални промени се стекна со статус на една од концертно најагилните клупски атракции во Република Македонија. Зад момците се и нивниот одличен самостоен фебруарски концерт во киното Фросина во МКЦ , серијата перформанси во соседни Албанија и на Косово, а настапија на затворањето на Фестивалот на античка драма во Стоби и во минатиов петок на Skopje Design Week 2011.
Летечки пeкинезери.
x
Летечки пeкинезери.

„Ако доносеш радост на луѓето, свириш една музика која е барем малку на повисоко ниво од другите денеска, има многу искрена цел... тоа е тоа, значи тоа е наградата.“

И, кога ова ќе го слушнете од еден млад музичар кој зад себе има завидно свирачко искуство и е дел од екипата која до свингот и Дјук Елингтон стигнала преку модерната музика и Френк Запа, тогаш ви е јасно зошто ЛЕТЕЧКИ ПЕКИНЕЗЕРИ допрва очекуваат да го започнат испишувањето на сторијата за пробив на европските сцени.

„Нашата музика барем ние самите си ја гледаме како нешто универзално и тоа самото влече натаму.“

Инаку, одличното идејното решение за обвивката го потпишува Јана Ацовска, добро позната и по соработката со групата ФОЛТИН, а албумот излегува со знак на СКОПЈЕ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ со што манифестацијата го продолжува одбележувањето на големиот јубилеј – 30 години од постоењето на овој (суб)културен феномен.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG