Денеска лидерска кај Иванов

Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов за денеска закажа нова лидерска средба на која се поканети претседателите на најрелевантните политички партии во Парламентот.
Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов, по средбата со првите луѓе на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и на ДУИ Али Ахмети, а на која не учествуваа лидерите на СДСМ Бранко Црвенковски и на Нова демократија Имер Селмани, рече дека целта била да се поттикне дијалог за да може да се постигне решение кое треба да се донесе во Собранието на Македонија, да се надминат отворените политички прашања во врска со предвремените парламентарни избори, бојкотот на Парламентот и обновување на дијалогот меѓу власта и опозицијата.

Шефот на државата им остави отворена можност на Црвенковски и на Селмани на средбата закажана за денеска (20 март) да ги поканат оние личности за кои сметаат дека треба да бидат присутни на лидерската средба.

Груевски изразувајќи жалење што и покрај сите напори на претседателот Иванов, Црвенковски сепак не дојде на средбата, потенцира дека тоа е индикатор оти СДСМ сака да ги бојкотира изборите по секоја цена.
Шефот на државата им остави отворена можност на Црвенковски и на Селмани на средбата да ги поканат оние личности за кои сметаат дека треба да бидат присутни на лидерската средба.

Тој му порача на Црвенковски дека ќе направат се што е во нивна моќ СДСМ да се врати во Собранието и да исполнат колку е можно повеќе од нивните барања, дури и некои кои не се целосно логични, и ако и понатаму се однесуваат игнорантски, потенцира Груевски, не се исклучува можноста и без нив да се распишат предвремени парламентарни избори.

Груевски додаде оти Црвенковски ја држи во заложништво и целата држава и и прави штета како на внатрешен, така и на надворешен план.

На новинарско прашање каков е ставот на ДУИ во однос на можноста да се распишат предвремени парламентарни избори и во случај на бојкот од СДСМ, претседателот на ДУИ, Ахмети истакна дека ДУИ не барала предвремени избори, туку опозициските партии и затоа тие треба да се однесуваат одговорно. Претходно Бранко Црвенковски соопшти дека нема да учествува на лидерската средба што ја свика претседателот Ѓорге Иванов.

,,Нема да учествувам од две причини бидејќи не гледам зошто би одел на средба во состав кој не гарантира минимум неопходен консензус за утврдување на фер правила на игра за претстојните парламентарни избори. И второ, уште помалку имам намера да бидам покритие за средба меѓу Груевски и Ахмети на која тие ќе ги надминуваат своите коалициски меѓупартиски недоразбирања и пазарења“, образложи Црвенковски.

Црвенковски, кој ја прифати денешната средба ,му упати и писмо на Иванов во кое меѓу другото, се подвлекува дека во моментот кога ќе обезбеди соодветен формат на релевантни парламентарни партии, чие присуство е неопходно за да се обезбеди консензус за одржување на слободни, фер и демократски предвремени парламентарни избори, може да смета на неговото присуство и соработка.