Достапни линкови

Последиците од руската суспензија на договорот за жито


Работници одмараат додека истоваруваат вреќи со житo како дел од храната за помош што беше испратена од Украина во магацинот на Светската програма за храна во градот Адама, Етиопија, 8 септември 2022 година.
Работници одмараат додека истоваруваат вреќи со житo како дел од храната за помош што беше испратена од Украина во магацинот на Светската програма за храна во градот Адама, Етиопија, 8 септември 2022 година.

Извозот на жито, овозможен со посредство на Обединетите нации и Турција, беше во прекин откако Москва се повлече од договорот кој е од клучно значење за ублажување на глобалната криза со храна и обезбедување храна за луѓето во сиромашните земји.

Извозот на жито од три украински пристаништа, овозможен според договорот постигнат со посредство на Обединетите нации и Турција беше во прекин откако Москва деновиве се повлече, обвинувајќи ја Украина за злоупотреба на хуманитарниот бродски коридор формиран според договорот.

Во меѓувреме, денеска Руското министерство за одбрана најави дека извозот ќе продолжи.

Сепак, рускиот претседател Владимир Путин ден претходно рече дека ќе бара „реални гаранции“ од Киев дека „нема да го користи хуманитарниот коридор за воени цели“.

Путин: Русија го суспендираше, не го заврши своето учество во договорот за извоз на храна

Путин, исто така, рече дека продолжувањето на договорот може да се случи само откако ќе ги добие овие гаранции и по „темелна истрага“ за наводниот напад врз нејзините бродови во кримското поморско пристаниште Севастопол.

Што се постигна со договорот?

Иницијативата за жито е редок пример за соработка меѓу Украина и Русија од руската инвазија во февруари. Со посредство на Обединетите нации и Турција, тие дозволија повеќе од 9 милиони тони жито во 397 бродови безбедно да ги напуштат украинските пристаништа.

Договорот за жито ги намали глобалните цени на храната за околу 15% од нивниот врв во март, а генералниот секретар на ОН ги повика Русија и Украина да го обноват договорот кога ќе истече на 19 ноември. По објавата на Русија, цените на пченицата скокнаа за 5%.

„Со ваквите глобални пазари, посиромашните земји ќе мора да платат повеќе за увоз на жито“, вели Џозеф Глаубер, виш научен соработник во Меѓународниот институт за истражување на политиката за храна во Вашингтон.

Пред да се постигне договорот за жито, САД и Европа ја обвинија Русија дека ги изгладнува сиромашните делови од светот со спречување на извозот. Откако беше постигнат договорот, рускиот претседател Владимир Путин тврди дека најголемиот дел од извезеното жито одел во Европа наместо во најгладните нации во светот.

Шефот за хуманитарна помош на ОН, Мартин Грифитс изјави дека 23 отсто од вкупниот товар извезен од Украина во рамките на договорот за жито отишол во земјите со пониски или средни приходи, а 49 отсто од сите пратки на пченица отишле во такви нации.

Украина соопшти дека повеќе од 5 милиони тони се извезени во африканските и азиските земји, а 190.000 тони пченица се испратени во земјите кои добиваат помош од Светската програма за храна на ОН.

А што е со бродовите кои веќе заминаа од Украина?

Брод со 30.000 тони пченица за Етиопија во рамките на таа програма испловил во понеделникот, соопшти Украина. Тоа бил еден од десетината бродови со повеќе од 354.000 тони земјоделски производи за кои Украина рече дека го напуштиле пристаништето.

Етиопија, заедно со соседните Сомалија и Кенија, е тешко погодена од најтешката суша во регионот во последните децении.

Амбасадорот на Русија во ОН Василиј Небензија, на вонредниот состанок на Советот за безбедност на ОН свикан во понеделник од Москва рече дека „Црното Море останува област на непријателства“ и „не можеме да дозволиме непречен премин на бродови без наша инспекција“.

Небензија додаде дека Русија се спротивстави на одлуката на ОН, Украина и Турција да дозволат бродовите да минуваат без руска инспекција. Вилијам Оснато, висок истражувачки аналитичар на земјоделски податоци вели дека мапите за следење на бродовите не покажуваат никакви бродови кои се движат кон Одеса.

Што се случува сега?

Русија понуди бесплатно да испорача до 500.000 тони жито „на најсиромашните земји во следните четири месеци“. Руското Министерство за одбрана нагласи дека Русија не се повлекува, туку го суспендира договорот за жито.

Иако санкциите кон Русија не влијаат врз нејзиниот извоз на жито, а паралелниот договор за време на војната требаше да го отвори патот за испорака на храна и ѓубрива од Москва, некои бизниси беа претпазливи.

Русија ја продолжува блокадата на извозот на жито од Украина

Земјите во развој ќе мора да најдат нови добавувачи на жито и да платат повеќе од земјите како што се САД, Аргентина и Австралија, вели Глаубер, поранешен главен економист во американското Министерство за земјоделство.

Но, високите цени значат дека производителите ќе садат повеќе, а оние кои обично не се големи извозници на пченица, како Бразил и Индија, имаат зголемени испораки.

„Она што му треба на светот се некои навистина важни култури со оглед на тоа што Украина учествуваше со 10% од светскиот извоз на пченица. Тоа е голема дупка за пополнување“, наведува тој.

Што друго влијае врз снабдувањето со храна?

Питер Мајер, раководител на аналитика за жито и маслодајни семиња во S&P Global Platts, се сомнева оти одлуката на Русија ќе има трајно влијание врз цената и понудата на пченка и жито.

Трговците со стоки беа скептични дека договорот ќе трае и тоа е една од причините што цените на пченката се зголемија, а не одеа надолу, откако аранжманот беше постигнат во јули, рече тој, додавајќи: „Пазарите на жито, исто така, се фокусирани врз други прашања вклучително и ниското ниво на вода во реката Мисисипи што го забавува извозот на американските земјоделски производи, разочарувачката берба на пченка на американскиот запад и заканата од американски железнички штрајк“.

Но, во делови од африканскиот континент, каде што цените останаа високи, загриженоста повторно расте. „Ова ќе испрати уште еден мини шок на пазарите и мислам дека ќе ги зголеми цените за некое време“, проценува Шон Ферис, советник за земјоделство и пазари за католичките служби за помош во Кенија, партнер во дистрибуциите на Светската програма за храна.

„Ова ќе значи дека цените во Источна Африка, кои се на рекордно високо ниво, нема да се намалат наскоро“. По четири неуспешни сезони на дождови во Рогот на Африка, милиони луѓе се гладни, а добитокот кој е критичен извор на храна и богатство умира.

Ферис вели дека разговарал со компании кои испраќаат стотици тони преработена храна во северна Кенија за да ги одржат животните во живот. Последниот неуспех во украинскиот извоз е дополнителен стрес, рече тој.

„Во посиромашните северноафрикански и блискоисточни земји каде што лебот е критичен дел од исхраната на луѓето, можеби нема да има алтернативни производи како ориз во Азија“, смета Глаубер.

Британија ги отфрли тврдењата на Путин дека житото од Украина не стигнува до сиромашните земји

Тоа го зголемува сеништето на конфликти во местата каде што цените на лебот ги поттикнаа бунтовите во Арапската пролет.

Во Египет, најголемиот увозник на пченица во светот, претседателот Абдел Фатах ел-Сиси лично ги посети фармите за пченица кога започна жетвата. Но, економската криза го отежна купувањето на увезена пченица, бидејќи египетската валута достигна историски минимум во однос на американскиот долар. „Пченицата е тука, но само ќе има висока цена“, вели Глаубер.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG