Речиси две години судење и 33 рочишта од кои шест одложени не беа доволни за судот да донесе пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски, кој сега е азилант во Унгарија. Откако делото застаре и случајот за него пропадна државата ќе треба да му ги покрие адвокатските трошоци.
Според проценките на упатените ако се земе предвид адвокатскиот тарифник парите што ќе треба да ги покрие државата за бранителите на Груевски се повеќе од 25 000 евра. Но, освен ваквата штета за буџетот се прави и штета врз довербата на граѓаните во правосудниот систем.
Според адвокатот Александар Тортевски причините за ваквиот исход се повеќе. Сугерира дека можеби се потребни и законски измени со кои ќе се предвидат поголеми казни за криминал на избрани и именувани функционери, а и роковите за застареност да траат подолго.
„Меѓутоа основниот проблем наш е нефункционирање на институциите. Во овој случај, претходно, за време на владеењето на Груевски се додека не беше сменет Марко Зврлевски и не беше формирано СЈО, роковите за застареност течеле и не била покрената постапка со што било изгубено време. Грешка е и што СЈО го обвинува за примање награда за против законито влијание наместо за злоупотреба на службената положба и овластување. Ова е грешка, дали случајно или намерно не можам да претпоставам “, вели Тортевски.
И Натали Петровска од Коалицијата сите за правично судење смета дека се потребни законски измени за да се заострат условите за функционерите оти како што вели ако има уште некој ваков исход ќе биде дефинитивно урната довербата во судството.
„Кај нас реформските процеси почнаа во насока на измена на регулатива, меѓутоа не и во насока на промена на човечкиот кадар кој минативе 10-15 години. Според мене би било неопходно и некакво решение во насока на ветинг и оценка на судиите бидејќи ни се повторуваат работи од минатото“, вели Петровска.
Зошто пропадна Траекторија?
Коалицијата на Петровска мониторира повеќе судски случаи, меѓу кои сите што ги води Специјалното јавно обвинителство. Таа вели дека не е ретко да пропаднат судења поради застареност.
За конкретниот случај „Траекторија“ судењето имало нормален тек, но поминале три-четири месеци од почетокот на судењето до одржувањето на воведни зборови, рочиштата биле одложувани по барање на странките, а само едно од нив по барање на јавен обвинител. Судењето, вели Петровска, како и во други случаи на СЈО се одолжило и поради големиот број материјални докази за кои треба време да се презентираат.
Според Тортевски, пак, грешка е и презентирање на многу докази.
„Тоа е исто голема грешка, тоа е незнаење на предметот, поседување на чувство на несигурност поради што судот се поклопува со докази. Неколку илјадници страници ако му дадете на судот тогаш практично ќе и завршите работа на одбраната да бара законско право да ги проучи, а за тоа треба време“ вели Тортевски.
Ќе пропадне ли и Шамарите во Центар?
Петровска смета дека е можно ова да се случи и за други случаи кои ги води Специјалното јавно обвинителство.
„Тоа е прашање на менаџирање на судските постапки од страна на судот и соработката од страна на странките во постапката, одбраната и обвинителството. Ако која било од странките има тенденција да ја пролонгира постапката и да користи механизми кои што законот ги овозможува тогаш извесно е дека ќе ја искористи таа можност и дека во некој догледен период ќе се доближиме до можноста да застаре некоја од постапките“, вели Петровска.
Таа сепак додава дека до тоа е можно да се дојде евентуално кај случајот „Шамарите во Центар“, а дека за другите на СЈО се предвидени поголеми казни така што има повеќе време до застарување на делото.