Гелевски верува дека позитивни и мали акции од многу луѓе можат да направат големи промени во општеството.
Накратко, Гелевски е првиот човек на Кома лаб, една од водечките агенции за графички дизајн и печатење. Тој зад себе има повеќе од половина милион дизајнирани и испечатени страни, како и креирани брендови на бројни компании.
Почетоците на кариерата ги врзува со купувањето на првиот персонален домашен компјутер, Sinclair ZX Spectrum, во 1984 година. Восхитеноста од компјутерската технологија, која се уште трае, всушност, е првичниот импулс на неговата кариера во дизајнерството, печатарството, издаваштвото итн. Тој е еден од основачите на студентското списание "Елфаско" на Електротехничкиот факултет, каде што е дизајнер на првите 20 изданија. Во моментов работи и како ментор на академијата за графички дизајн во Брејнстер. Страствен вљубеник е во фотографија. Но, неговите дизајни во колекцијата #новоМКзнаме се меѓу највиралните на социјалните мрежи.
Како започна со #новоМКзнаме? Што е идејата на „колекцијата“ #новоМКзнаме?
Првото знаме што го направив е знамето за #протестирам (2011 година), коe го симболизира(ше) активизмот на твитер заедницата од Македонија. Подоцна направив неколку навивачки знамиња за #МАКбаскет и #МАКракомет (2012-2013 година), времето кога станавме 4. во кошарка и 5. во ракомет во Европа. Така почна, а потоа (2014 година) објавив на твитер серија знамиња под хаштагот #новоМКзнаме, дизајни како реакција на состојбите во Македонија. Најчесто сум инспириран од дневно-политички и општествени случувања, но понекогаш правам и знамиња кои не се поврзани со актуелни настани. Сепак, најголем број #новоМКзнаме се реакција на политичките и општествени потреси, на пропустите на државата или други теми покренати во медиумите и од јавноста. Се разбира и убавите вести ми се инспирација за креација на ново знаме. „Колекцијата“ е некаде 86 знамиња... не така многу, кога ќе се помисли низ што се’ поминавме изминативе години...
Што сакаш да постигнеш? Да поттикнеш промена или....?
Сакам подобро општество! Оттаму мислам дека покажувањето на лошите политики или апсурдни политички случувања, можат да поттикнат размислување за нашата граѓанска улога да го направиме општеството подобро. Се надевам дека #новоМКзнаме дава поттик за граѓански движења и акции, кои ќе направат позитивна промена. Би сакал тие да се поттик за други, млади дизајнери да творат нешто и вон бизнис шемите.
Колкаво влијание има оваа заедница врз општеството?
На социјалните медиуми како ехо се одгласува мислењето на луѓето. Во еден широк опсег, ја гледате нивната бескрајна креативност, смислата за хумор, осторумност... но, за жал и темната страна. Сакале или не, социјалните медиуми претставуваат уште една наша форма на живеење, виртуелна заедница, во која имате интеракција и секако ве менува и ја менувате со своето „присуство“. Овие два света, реален и виртуелен, станаа наша реалност и мислам дека влијаат еден на друг.
Бидејќи имаш создадено повеќе вирални илустрации, што би рекол дека е рецептот за популарноста?
Не би можел да зборувам за популарност, не се сметам за популарен. Некои мои дизајни беа споделувани, ме објавиле неколку портали и толку... Можам да зборувам кои знамиња ми се најдраги или најмногу се споделувале: тоа се дизајните кои се спој на вистински момент на објава и креативно решение поттикнато од некое шокантно (најчесто) македонско, политичко „чудо“. Особено ме радува што други дизајнери/илустратори го користат истиот хаштаг #новоМКзнаме и креираат свои верзии на знамиња. Ми се допаѓа инспирацијата што ја имаме едни од други... Ме одушеви модификацијата на неверојатно духовитиот графички активист Александар Дојранлиев, на знамето (логото) што го направив за СЈО, во кое наместо Катица Јанева, стави тросед.
Колку се значајни ваквите визуелни форми за изразување во општеството?
За мене се исклучително важни, тоа е јазикот со кој дизајнерот, односно уметникот комуницира со јавноста и на еден различен неконвенционален начин ја пренесува својата порака и реакција. Во општествена смисла се важни, се разбира позначајни се ако предизвикуваат мобилизирачка, активистичка акција.
Што би ги советувал младите илустратори?
Ќе ви одговорам со парафраза на Maviyane-Davies, дизајн активист од Зимбабве, лут критичар на контроверзниот претседател Роберт Мугабе, кој рекол ако дизајнот можеме да го употребиме за продавање на фармерки или парфеми, тогаш можеме да го користиме за барањето демократија и против неправдата.“