Поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков е виновникот за прислушувањето, но одговорност носи и екс премиерот Никола Груевски, кој ги добивал материјалите, изјави премиерот Зоран Заев по денешното сведочење во Кривичниот суд за случајот „Таргет -Тврдина“.
Заев одговарајќи на прашања на обвинителството истакна дека до објавувањето на првата таканаречена бомба во февруари 2015 година имал четири средби со Груевски на кои му укажал за прислушувањето и му раскажал неколку негови лични разговори како доказ, а како пример го посочи објавениот разговор за продажбата на плац на Водно.
И покрај барањето на Груевски да му достави и аудио од разговорите, Заев одбил. Тој порача дека за прислушувањето дознал од поранешниот разунавач, сега негов советник Зоран Верушевски кога станал претседател на СДСМ во 2013 година.
„Сашо Мијалков и те како е виновен како директор на УБК. УБК тоа го правела, но лошотијата, злобата доаѓа од тој што го конзумирал тоа. Чесен политичар го спречува тоа, ако увиди го пријавува тоа, а не да го конзумира, па да ги слуша новинарите, ај опонентот, па и кога разговараат со своите деца, па кога имаат и домашни и семејни проблеми, па и невладините организации, па и верски заедници, бизнисмени, се. И те како сите во веригата на одговорноста, како што законот утврдува според мене, го прекршиле законот“, рече Заев.
Мијалков во судот не се соочи со Заев, бидејќи неговата одбрана немаше прашања. Единствено поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска го праша Заев дали е точно оти имало дисконтинуитет во доставувањето на „бомбите“ во партијата СДСМ. Заев потврдно одговори и додаде дека имало денови кога не добивале прислушувани разговори.
Заев ја отфрли можноста дека Верушевски во неговото сведочење се обидел да го амнестира од вина Мијалков, Во однос на прашањето дали му се познати разговорите кои сега ги објавува „Ел Чека“, Заев рече дека не може да потврди дали тие биле во посед на СДСМ, бидејќи не го разбира албанскиот јазик.
„Кога ќе го фатите Али Ахмети кога зборува со Никола Груевски тој зборува на македонски и веднаш гледате да го направите случајот соодветно на другите разговори во тој период, се само на албански, тие случаеви ги извадивме кои што за нас веќе беа јасно, информативно податливи. Се случуваат дивоградби во Чаир, близу американската амбасада. Го дознавате тоа и се што е во разговори тој период го селектирате и го давате тоа да се преведе во ваше присуство во канцеларијата на СДСМ“, посочи Заев.
Тој истакна и дека обвинителството во тоа време наместо да го истражува незаконското прислушување, се ставило во функција на политиката под раководство на Груевски со покренувањето на случајот „Пуч“. „Бомбите“ биле посебно чувани, а пристап до нив имале само Заев и Верушевски.
Во периодот кога дознал за прислушувањето Заев не ги познавал вработените во УБК, Звонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски, кои му ги доставувале материјалите на Верушевски. Според Заев, најчест таргет била опозицијата, а од СДСМ најмногу го прислушувале Црвенковски, па него. На СЈО му биле предадени над милион разговори, транскрипти и смс пораки.