Во македонската јавност има различни оценки за иднината на случаите што ги водеше СЈО, откако судењата за некои од предметите беа вратени на почеток.
Маргарита Цаца - Николовска, поранешна судијка во Судот за човекови права во Стразбур, изјави дека тоа што на почеток се враќаат судските процеси за „Тортура“ и „Шамари“ по речиси три години всушност не претставува вовед во губење на важност на процесите, туку вообичаен инструмент со кој се овозможува тие да продолжат да бидат во постапка.
„Не колабираат случаите, ова не е новина во кривичната постапка, тоа се законски обврски кога може случаите да се третираат од почеток. Тоа не е заради ништо друго, туку само заради поминатото време, што значи дека повторно треба да се даде право на сите оние кои во овие месеци на овој или оној начин нешто се пропуштило или заборавило. Идејата е да не се одолговлекуваат постапките зашто со одолговлекување доаѓа до несакани состојби и затоа законодавецот дал таква можност да почнат од почеток“, изјави Маргарита Цаца - Николовска.
Поранешниот обвинител Константин Кизов меѓутоа, вели дека сега се ќе биде поинаку.
Тој оценува дека враќањето на почеток значи дека по скоро три години од судењата одново ќе мораат да се изведуваат докази и да се сослушуваат сведоци.
„Предметите малку по малку колабираат и губат од својата ефикасност и од доказната постапка и не знам на крајот како ќе завршат“, вели Кизов кој дополнува :„Тешко дека на крај ќе може да се докажат предметите и да се донесе пресуда за нив. Поминаа 3 години од почетокот на тие предмети, сега ќе се сослушуваат сведоци од почеток и не знам дали ќе се сеќаваат што кажале пред три години“.
Судењето за „Тортура“ за нечовечко постапување при апсењето на Љубе Бошкоски во 2011 година по две ипол години ќе почне од почеток поради тоа што поротник во советот дал отказ. Наместо со завршница, и судењето за случајот „Шамари во Центар“ почна од почеток. Судењето за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година почна одново поради истекот на 90 дена од одржување на последното рочиште. Бидејќи постапката трае повеќе од три години, обвинителката Фатиме Фетаи побара на обвинетиот Никола Груевски кој е во бегство во Унгарија да му се суди во отсуство.
Судијката Николовска укажува дека треба да се види дали има одговорност за големите паузи во судските постапки.
„Се согласувам дека не е оправдано да има таков голем „гап“ во постапката, но со оглед на состојбите, овој инструмент е во примена. Друго е прашањето што некој кој е надлежен за оценување треба да види дали има пропусти кај судијата кој постапувал по тие предмети. И нормално соодветна постапка да се покрене“, вели Николовска.
Инаку откако предметите повеќе не ги води СЈО во дел од јавноста имаше и посочувања дека прислушуваните разговори нема да може да се користат како докази. По повод таквите изјави експертите истакнуваат дека нивното користење никој не може да го спречи.
„Јавното Обвинителство ги презеде предметите и се она што било користено и сега ќе се користи“, изјави Кизов.
И судијката Николовска истакна дека и домашната и меѓународна судска пракса веќе овозможува прислушувани разговори да може да бидат доказ, но во процедура каде сите стандарди на фер постапување треба да постојат. Таа нагласува дека најважно е овие прислушувани материјали да не бидат единствени докази врз основа на кои ќе се темели постапката.