Достапни линкови

Стабилни институции наместо кадровски рингишпил


Експертите кои со големо внимание ги следаат кадровските смени што ги спроведува премиерот Заев велат дека кадровските промени не се доволни без департизација на институците и воспоставување на функционален и ефикасен систем.

Смената на функциoнери во СДСМ и најaвата за промени во државната власт повторно го отвoрија прaшањето за положбата на институциите и нивната назависнoст од пaртиите во власта. Експертите кои со големо внимание ги следаат смените што ги спроведува премиерот Заев велат дека кадровските промени не се доволни без департизација на институците и воспоставување на функционален и ефикасен систем во кој ќе се носат закони со учество на стручната јавност и ќе се спроведуваат законите на време без доцнења.

Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка вели дека главно прашање е дали ќе станува збор само за партиско преструктуирање и замена на позиции или смените на министри ќе бидат последица на остварени добри или лоши резултати. Тој забележува дека не гледа јасни критериуми за смената на сите претседатели на општинските партиски организации зато што, како што вели, сменети се и тие кај што се победило и оние кај што се изгубило на избори.

„Наместо самите чинители во власта кои сметаат дека не придонеле доволно или лошо работеле или беа предмет на некакви афери наместо сами да поднесат оставка повторно се оди со одлука на врвот на партијата и затоа не верувам дека ќе има значителни промени во однос на тоа што го сакаат граѓаните. Но, да видиме да не бидеме толку песимисти може ќе има поголеми ефекти во извршната власт и особено ако тоа резултира со поставување на позиција на луѓе кои се професионалци во своите области наспроти чисто партиски решенија“, вели извршниот директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка Александар Кржаловски.

По смените во партијата и најави дека најмалку три министри ќе бидат сменети од функциите експертите потсетуваат на важната улога која ја има владата чија основна задача е да го подобри животот во сите сфери и да овозможи подобар животен стандард на граѓаните.

Александар Цветковски од невладината организација АГТИС вели дека освен кадровски решенија потребно е да има воспоставување на нов систем на одговорност за дадените ветувања, исполнување на очекувањата на народот и гласачкото тело.

„Т.н метла на Зев е добар сигнал, но да видиме до каде ќе оди. Инаку не треба да се направи метла туку треба да се направи систем кој сам по себе ќе биде метла и ќе ги мете оние луѓе кои се некадарни кои се неспособни кои ги закочија целосно институциите и го продолжија одот на ВМРО ДПМНЕ“, вели Цветковски

Тој наведува дека има институци кои лошо работат а законите кои се донесени не се спроведуваат.

„Ова е прв чекор и ако премиерот е искрен и не се спрема за нови парламентарни избори, па ова е чисто колку да има приказна за новите избори, тогаш треба да ангажира имиња кои гарантираат квалитет. Личности кои имаат дела и биографија зад себе и ако тоа не случи многу бргу ќе знаеме дека ова е само подготовка з а нови избори. Истоа така тие кои ќе бидат поставени прво мора да бидат брзи. Не е тука повеќе екс претседателот Иванов да ги кочи. Треба навреме да ги носат и имплементираат законите“, вели Цветковски.

Премиерот Заев најави дека сега ќе следуваат промени и во централната и во локалната власт. Кадровските промени тој ги најави по првиот круг претседателски избори кои покажаа речиси изедначени гласови за кандидатот на СДСМ и на опозициската ВМРО ДПМНЕ Експертите велат дека промените во СДСМ, кои се сериозни, треба да направат дополнителен притисок и кон коалицискиот партнер ДУИ, за слични промени кај нив.

Кржаловски вели дека во изминатиот период владата беше критикувана затоа што фокусот на нејзината работа беше најмногу врз решавање на прашањето за името а во останатите области многу е малку е направено. Поради тоа, тој вели дека за да има промени треба да има радикални подобрувања, но дополнува дека тие промени ќе траат долго.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG