Појасна слика за барањата на Франција околу процесот на проширување на ЕУ се очекува од средбата меѓу македонскиот и француски претседател, Стево Пендаровски и Емануел Макрон закажана за вторник, наредната недела. Заменик претседателката на францускиот Сенат и членка на Комисијата за надворешни работи, Елен Конвe-Муре при посетата на земјава изјави дека извршната власт сигурно работи на предлози за новата методологијата за проширување, но дека таа не е е во можност да зборува за рокови.
Најпрвин е важно што таква средба воопшто ќе се одржи, бидејќи неколку пати претходно обидите на македонските власти да дојдат до Макрон биле безуспешни, вели Зоран Нечев од Институтот за демократија.
„Очекувањата се дека ќе се добие една појасна слика за барањата на Франција поврзани со процесот на проширување, како и некоја начелна временска рамка за усвојување на новата методологија, којашто Макрон веќе ја најави и повторно разгледување на барањето за Северна Македонија и Албанија да почнат преговори“, вели Нечев.
Премиерот Зоран Заев коментирајќи ја најавената средба рече дека таа може само да биде од помош.
„Верувам дека ќе биде одлична можност да уште еднаш ги претставиме нашите ставови, нашите аргументи по ова прашање. Се надевам дека и во иднина и јас ќе имам таа можност. Јас сум среќен што претседателот ќе се види и знаете дека некои три-четири месеци барав и јас средба, веројатно и претседателот Пендаровски барал средба со претседателот Макрон, но сум среќен што првиот претставник на нашата држава ќе оствари средба која што може да биде само од помош“, изјави Заев.
Нечев додава дека се уште се чека Франција да ги приложи своите барања, а македонските власти да продолжат со реформите.
„Моментално и самата ЕУ, тука пред се мислам на ЕК , како и земјите-членки се во позиција на исчекување во однос на барањата на Франција за подобрување на процесот на проширување, после неуспехот да се постигне консензус на состанок на Европскиот совет во октомври, годинава. Исто така се надевам дека претседателот на државата Пендаровски во координација со Владата и Собранието ќе излезат со список на реформи на коишто државата ќе посвети внимание во претстојниот период. Тука мислам на периодот пред и непосредно пред изборите, а секако пред самитот во Загреб закажан за 7 мај, 2020 година“, истакнува Нечев.
На прашањето дали новата методологија ќе донесе промени во процесот на проширување, евроамбасадорот Самуел Жбогар вели дека е рано да се разговара за прашањето.
„Мислам дека е прерано да се разговара за тоа. Како што кажав претходно јас треба да ја оставам високата политика на земјите-членки и нивните дискусии во Брисел. Ние како делегација на ЕУ и јас како амбасадор на ЕУ треба да се фокусираме, што јас и ние како делегација можеме да направиме тука во земјата за да им демонстрираме на луѓето дека сме тука за поддршка и дека сме присутни. Да почекаме и вестите ќе стигнат кога ќе биде вистинско време“, рече Жбогар.
Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние претходно порача дека во државата најпрвин треба да се организираат добри избори и политичките партии да се договорат за поуспешна борба против корупцијата.