Достапни линкови

Руските олигарси, Путин и војната во Украина


Рускиот олигарх Роман Абрамович
Рускиот олигарх Роман Абрамович

Дел од ултрабогатите луѓе во круговите на Владимир Путин почнаа да зборуваат против инвазијата врз Украина, иако директно не го спомнуваат со име рускиот претседател, на кого, како што тврдат некои, не може многу да се влијае

Додека Европа и САД ги зголемуваат санкциите кон руските олигархиски елити, некои од ултрабогатите во круговите на Владимир Путин почнаа да зборуваат против инвазијата на Украина. Иако директно не го спомнуваат со име рускиот претседател, на кого, како што тврдат некои, не може многу да се влијае, несогласувањето на богатите бизнисмени сигнализира продлабочување на јазот во Русија, пишуваат светските медиуми.

Против воената акција

Во последниве денови, неколку руски олигарси ги зајакнаа своите антивоени ставови додека западните влади го стегаа обрачот околу бизнисите и средствата поврзани со Кремљ, објави Волстрит журнал.

Олигархот Роман Абрамович, кој не е засегнат од санкциите, рече дека ѝ помага на Украина во мировните преговори со Русија, додека Олег Тинков, милијардер и основач на руската банка Тинкоф, ја посочи работата на неговата фондација која им помага на децата, и ја потенцираше неговата желба за да се избегне војна.

„Ве молам, не цртајте знак за еднаквост меѓу Русите, руската држава и владата [на Руската Федерација]. Многу Руси силно се противат на сегашната воена акција, а јас сум еден од нив“, рече Андреј Јакунин, основач на инвестициската компанија VIY Management и син на Владимир Јакунин, поранешен директор на Руски железници, против кого беа воведени санкции во САД пред неколку години.

Според Волстрит журнал, настаните во Украина во текот на изминатата недела го прекинаа деликатниот договор меѓу западните влади и руските бизнисмени. Западот со години го толерира нивното пренесување на милијарди долари од урнатините на Советскиот Сојуз во скап имот, бизниси и уметност. Придобивките за владите беа огромните инвестиции на многу од овие поединци, што го поттикна развојот на локалните економии.

Западните влади сега се надеваат дека казнувањето на луѓето кои имаат силни врски со Русија, за возврат ќе изврши притисок врз Путин. Европската унија на 28 февруари објави дека додала 26 истакнати руски функционери и бизнисмени на списокот на санкции, замрзнувајќи им го имотот и воведувајќи забрана за влез.

Британскиот парламент во наредните недели ќе гласа за закон со кој анонимните странски сопственици на имот во Обединетото Кралство ќе ги принуди да го откријат својот идентитет и ќе ги заостри одредбите за замрзнување на имотот на наводните клептократи кои не можат да го докажат потеклото на нивното богатство, додека Франција го објави формирањето на работната група ги санкционираше руските олигарси и имотот на нивните семејства во земјата.

Повикот на милијардерите

Соочени со економскиот хаос и казната на Западот, руските милијардери Михаил Фридман и Олег Дерипаска повикаа на прекин на руската војна во Украина, истакнува Си-Ен-Ен.

Фридман, основачот на најголемата руска приватна банка Алфа банка и еден од најбогатите луѓе во земјата, на 25 февруари стана првиот руски бизнисмен кој се огласи против војната, повикувајќи на прекин на „крвопролевањето“.

„Моите родители се државјани на Украина и живеат во Лвив, мојот омилен град. Но, исто така, го поминав најголемиот дел од мојот живот како граѓанин на Русија, градејќи и развивајќи бизниси. Длабоко сум приврзан за украинскиот и рускиот народ и ја гледам актуелната ситуација како трагедија за двете страни“, напиша Фридман, кој работи првенствено во Русија и во поранешните советски држави и чие богатство, според индексот на милијардери на Блумберг, е 11,4 милијарди долари.

Неговиот повик за мир го повтори Дерипаска, руски милијардер кој се збогати во бизнисот со алуминиум, нагласувајќи дека преговорите „треба да започнат што е можно поскоро“. Тој се осврна и на економската состојба во низата објави на социјалните мрежи на 28 февруари, бидејќи, како што истакнува Си-Ен-Ен, рубљата пропаѓа и руската берза не можеше да се отвори за тргување.

„Навистина сакам појаснувања и разбирливи коментари за економската политика во следните три месеци“, напиша Дерипаска, додавајќи дека одлуката на централната банка на Русија драматично да ги зголеми каматните стапки и да ја принуди компанијата да продава девизи, е „првиот тест за тоа кој всушност ќе плати за овој банкет“.

Според Си-Ен-Ен, Олег Дерипаска од хаотичната борба за имот по распадот на Советскиот Сојуз излезе со огромно богатство, кое Форбс го процени на 28 милијарди долари во 2008 година. САД воведоа санкции против него во 2018 година, меѓу другото наведувајќи , дека олигархот „не се одвојува од руската држава“.

Проширувањето на јазот

Иако ниту еден руски бизнисмен кој изразил противење на инвазијата на Украина директно не го спомнал рускиот претседател, ретките гласови на несогласување од неговите високи сојузници - од кои многумина се тесно поврзани со Кремљ - сигнализираат се поголем јаз меѓу руските гласови, оценува Си-Ен-Би-Си.

Коментарите на руската богата елита се придружуваат на коментарите на други познати личности во Русија, вклучително и актерката Леа Ахеџакова и добитникот на Нобеловата награда за мир Дмитриј Муратов, кои повикаа на прекин на непријателствата.

Тие гласови, посочува американскиот телевизиски канал, не се безначајни, бидејќи мал број олигарси, ако воопшто и се изјаснија, против Путин во речиси две децении откако Михаил Ходорковски, тогаш најбогатиот човек во Русија, беше испратен во затвор поради финансирање опозициски партии.

Сепак, додава Си-Ен-Би-Си, тие се само мал број меѓу големиот број руски олигарси кои молчат, а многумина се сомневаат во искреноста на нивните мотиви, бидејќи се соочуваат со потенцијални дополнителни санкции.

Во меѓувреме, други се прашуваа какво влијание имаат богатите бизнисмени врз моќниот руски лидер, кој покажа малку знаци на повлекување и покрај пркосот од Украина и широките мерки на нејзините западни сојузници.

Немоќни пред Путин?

Без оглед на нивното богатство, руските олигарси се немоќни да му се спротивстават на Путин во врска со инвазијата на Украина, бидејќи, како што пишува Фајненшал тајмс, „рускиот претседател на секоја критика одговара со репресија“.

Кога руските тенкови влегоа во Украина, Владимир Путин ги собра водечките бизнисмени во Кремљ за да разговараат за нивниот одговор на економските шокови што следеа. Тој ги предупреди дека секој што избегнува да прави бизнис со компании санкционирани од Запад ќе се соочи со законска казна, што подразбира дека олигарсите мора да заземат став.

Според Фајненшал тајмс, средбата покажала колку далеку отишле Русија - и самиот Путин - од неговата прва средба со олигарсите неколку месеци по преземањето на функцијата во 2000 година. Новиот лидер им понудил договор на богатите бизнисмени: да го задржат богатството постигнат со приватизација на рускиот државен имот по распадот на Советскиот Сојуз во замена за ветување за верност и отстапување од политиката. Оттогаш, истакнува Фајненшл тајмс, Путин им ја наметнува својата волја на олигарсите одговарајќи на секоја критика со одмазда, оставајќи ги со значително намалено влијание - а некои со затвор.

Во Русија денес има многу повеќе милионери отколку кога Путин ја презеде власта. Според податоците на „Бостон консалтинг груп“ од минатата година, 500 Руси со нето вредност од над 100 милиони долари контролираат 40 отсто од богатството на земјата.

Сепак, тие огромни богатства не носат политичка моќ, посочува Фајненшл тајмс. Дури и ако руските олигарси бараа промени од Путин, сепак не можеа да го предомислат, изјави еден од информираните за средбата.

Рускиот милијардер Михаил Фридман ја критикуваше војната, но на 1 март им рече на новинарите дека не сака директно да го нападне Путин бидејќи тоа „нема да има влијание врз политичките одлуки во Русија“, но може да ги загрози неговите вработени.

„Да се биде на листата на американски санкции порано беше статусен симбол на патриотизмот. Но сега тоа е услов. Ако не сте на неа, тоа е сомнително“, додаде Фридман.

XS
SM
MD
LG