Над 43 отсто од македонската економија во 2020 била во Скопскиот регион, а под 5 отсто во Североисточниот регион. Бруто-домашниот производ по жител, пак, во Скопскиот регион е скоро три пати поголем отколку во Полошкиот.
Сепак, треба да се има предвид дека овие податоци во голема мера се под влијание и на дневните миграции. Ако некој живее во Куманово, а работи во Скопје, неговата заработка се смета во Скопскиот регион, па затоа заработките во Скопје може да се преценети, а во соседните региони да се потценети. Друг важен фактор што треба да се има предвид е пописот, чии резултати може да го променат овие бројки.
Македонија има донесено Стратегија за рамномерен регионален развој 2009-2019, но во изминатата деценија е направено многу малку па нерамномерноста во развојот речиси и да не е променета.
Во одредени делови стратегијата е список на неостварени желби. На пример, во Стратегијата се предвидува во 2019 година, БДП по жител во Македонија да биде 50 отсто од просекот во ЕУ, но податоците на Еуростат покажуваат дека македонскиот БДП по жител е само 15 отсто од просекот во ЕУ. Најмалку развиениот плански регион во Македонија треба да има 35 отсто од европскиот просек, но има помалку од 6 отсто. Стратегијата исто така предвидува разликата во БДП по жител на најразвиениот и најмалку развиениот плански регион да не надминува 2,5 пати во 2019 година. Разликата речиси и да не е променета во изминатата деценија и скопскиот и полошкиот регион се разликуваат за три пати според бруто домашниот производ по жител.
Економскиот аналитичар Дрилон Исени, кој има изработено анализа за рамномерен регионален развој, вели дека според законот, Македонија треба да издвојува по 1 процент од БДП за рамномерен развој, што се околу 100 милиони евра годишно, но оваа сума е десетина пати помала. Тој вели дека Македонија е една од најнерамномерно развиени држави во регионот, а целата економија е насочена кон Скопје. Треба повеќе да се стимулираат локалните бизниси во неразвиените подрачја, вели тој.
„Има низа примери од светот каде што се стимулираат локалните бизниси. Тоа може да се направи преку укинување на разни даноци, може да се намали ДДВ-то, може да се укине или намали данокот на добивка со цел тие да продолжат да оперираат во одредени региони во државата“, вели тој.
Исени посочува дека во одредени региони може градинките да бидат бесплатни, да се подобрат јавните услуги, како и да се инвестира во спорт, култура и забава, што го подобрува квалитетот на животот.
Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи вели дека развојот на внатрешноста е неопходен за да не исчезнат целосно, зашто со тек на време се повеќе луѓе ќе се иселуваат и нема да остане кој да работи.
„Целта е младите деца, наместо да отвораат компании во Скопје, да си отворат онаму од каде што потекнуваат по завршувањето на образованието. Затоа се потребни подиректни мерки за поддршка, по принципот што го имаше во поранешната југословенска заедничка држава, каде што развиените републики како Хрватска и Словенија, наместо да плаќаат данок на добивка, директно инвестираа средства во Македонија, Косово или во Босна. Ние во Македонија имаме многу позитивни искуства со тоа, многу фабрики се направија со такви средства. Зошто и кај нас не се направи една таква идеја. Компанија од Скопје, која сака да инвестира во Берово или во Делчево, за износот кој ќе го инвестира да ѝ се намали данокот на добивка“, посочува Димитров.
Тој вели дека проблем е што се издвојуваат многу малку средства за оваа намена.