Достапни линкови

Експрес возови низ Балканот може ако се сака


Воз на Македонски Железници Транспорт. Земјите од Балканот, вклучително Македонија, најавија модернизација на железниците и експресни возовои меѓу градовите.
Воз на Македонски Железници Транспорт. Земјите од Балканот, вклучително Македонија, најавија модернизација на железниците и експресни возовои меѓу градовите.

Брзи возови сообраќаат меѓу градовите низ Балканот и Европа. Експресна линија од Скопје до Белград за само неколку часа... Ова засега не е реалност, туку само најави. Но, можна ли е модернизација на железниците и дали финансиите се клучни? Експерти велат дека треба да се решат бирократските процеси

Парите не се главната пречка за модернизација на железничкиот транспорт во Македонија, поголем проблем е неконкурентноста, политичката волја, процедурите и изборот на изведувачи за изградба на пругите, вели Дејан Трпевски - сообраќаен инженер од компанија за транспортни шински возила.

Коментарите доаѓаат по најавите на министрите за транспорт од Западен Балкан за изградба на модерна дигитализирана железничка мрежа во регионот, со директни експресни возовои кои ќе ги поврзуваат градовите.

Можно ли е наскоро брзи возови да сообраќаат меѓу Скопје, Белград, Тирана, Сараево, Приштина, Истанбул, Подгорица, Софија или Загреб и потоа кон западноевропските градови и дали финансиите се клучни за реализација на овие проекти?

Трпевски објаснува дека изградба на пруга на рамница чини од еден до еден ипол милиони евра за километар, додека планинските пруги чинат од два ипол до три милиони евра за километар. Но, според него парите се поедноставниот аспект за реализација на ваквите проекти.

„Нашава пруга кон Бугарија досега чини повеќе од 10 милиони евра по километар, па вие изведувајте заклучоци какви што сакате. Но, не е се во парите. Досега пругата до Бугарија можеше да биде изградена и парите не се главниот проблем“, вели Трпевски.

Многу поголем проблем, вели Трпевски, се процедурите за избор на најповолни понудувачи кои често траат по две или три години.

„Се зависи од вољата и желбата на државата да ја заврши брзо работата. Ако заглавиме во лавиринтите на јавните набавки, тоа ќе трае многу години. Доколку се донесе политичка одлука Владата да влезе во директини преговори со изведувачи, тоа може да трае релативно кратко и да се добие ралативно добар систем. Меѓутоа, треба да се слушаат експертите од оваа област за изборот на опрема и понудувачи“, вели Трпевски.

Воз, железница, пруга.
Воз, железница, пруга.

Министрите за транспорт на земјите од регионот на Самитот во Белград одржан на 13 септември, рекоа дека развојот на железничкиот транспорт ќе биде врвен приоритет, откако го потпишаа документот „Посветеност на Железницата“.

Тие ветија подобра поврзаност на Балканот преку безбедни деловни и приватни патувања и одржлива животна средина. Министерот за транспорт и врски на Македонија Благој Бочварски изјави дека Македонија треба со посилно темпо да работи на Коридорите 10 и 8.

„Очекувам дека на почетокот на 2022 ќе имаме градежни зафати, ќе имаме избрано изведувач кој ќе започне со изработка на проект во износ од 200 милиони евра, кој ќе значи развој на овој Источен крак од Коридорот 8“, изајви Бочварски.

Железничкиот транспорт и натаму е клучен дел од глобалната транспортна мрежа, иако патувањето со авионите често се смета како најбрз и најефикасен начин за движење.

Железничката инфраструктура во Европа, Азија и Америка е високоразвиена со брзи возови кои собраќаат со брзина над 300 километри на час. На Балканот приказната е поинаква, а Коридорот 8 во Македонија, односно пругата до Бугарија е проект кој политичарите го ветуваат 27 години и се уште не е реализиран.

Марјан Ристевски - претседател на Независниот синдикат на Македонски Железници (МЖ), вели дека во изминатите 30 години од осамостојувањето на државата „за жал“ железница наместо да оди напред, таа е уназадена.

„Јас веќе долг период работам и се сеќавам дека имаше возови кои одеа директно од Македонија до Германија, а сега не сме поврзани ниту со содедните држави“, вели Ристевски.

Тој додава дека во моментов одредени карго возови коишто бараат брз транспорт ја заобиколуваат Македонија поради слабата инфраструктура.

„Доколку ние имаме инфраструктура која ќе биде подготвена за возови кои се движат преку 200 километри на час, тогаш ќе има многу поголемо движење и сообраќај низ Македонија“, вели Ристевски.

Трпевски вели дека развојот на железничката инфрастуктура треба да се гледа во регионален контекст, а дека земјава треба да ги следи трендовите како во Србија која забрзано инвестира во пругите Белград-Ниш и Белград-Суботица со пари од Светска Банка и од Кина.

„Патничките возови коишто ќе се обраќаат, на пример, со брзина од 120 километри на час, ако во Македонија треба да се движат со 60 до 80 километри на час, тогаш ништо не сме направиле и целиот Коридор 10 станува неатрактивен. Инаку за во однос на товарниот сообраќај пругите во земјава се солидни“, вели Трпевски.

Патнички возови на МЖ Транспорт.
Патнички возови на МЖ Транспорт.

Тој смета дека клучно е во Македонија да се либерализира пазарот на железнички услуги, бидејќи како што вели, тој се соочува со конкуренцијата на патниот сообраќај кој е 100 проценти приватен.

„Се додека во Македонија не се либерализира пазарот на железнички услуги, до тогаш железничкиот систем ќе остане во ваква состојба, без разлика колку државата ќе инвестира пари во инфраструктурни капацитети, во модернизција, во станици... Ако немате клиенти кои ќе ги користат железничките станици, без разлика дали се работи за патнички или товоарен сообраќај, џабе се сите инвестиции“, вели Трпевски.

Инаку, изградба на пруга со висока брзина која ќе го поврзе Белград со Македонија, но и со Турција уште во април најави претседателот на Србија Александар Вучиќ. Тој рече дека проектот ќе ги зголеми странските инвестиции во регионот во наредните десет години, а дека за негова реализација ќе биде обезбедена помош од ЕУ во рамки на Зелената агенда на ЕУ за Западен Балкан.

Самитот во Белград пред два дена беше организиран од страна на Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница, Европската инвестициона банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ОБОР).

Потпретседателката на ЕИБ за Западен Балкан Љиљана Павлова изјави дека земјите „не смеат да ја пропуштат“ да инвестираат во своите железници, а дека ЕУ и ЕИБ заедно ќе дадат подршката во вид на структурни финасиски средства за развој на железницата и одрживлиот, зелен, безбеден облик на транспорт.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG