Достапни линкови

Приговорите решени - ќе оди ли побрзо проверката на гласовите во вториот круг


Избирачки одбори чекаат во двор на скопско средно училиште да предадат избирачки материјал
Избирачки одбори чекаат во двор на скопско средно училиште да предадат избирачки материјал

Вкрстувањето на податоците за начинот на кој биле идентификувани гласачите „ги заглави“ проверките на гласовите и податоците кои ДИК побавно од партиите ги објавуваше, велат луѓето од терен за РСЕ. Првиот човек на ДИК, Даштевски пак, вината ја посочи во „дремката“ на општинските изборни комисии.

Десетина приговори на помалите партии за изборниот ден од првиот круг на локалните избори ги одби Државната изборна комисија. Големите партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ се откажаа од нивните приговори, а во текот на седницата истото го стори и Левица која имаше доставено 6 приговори.

Државната изборна комисија одлучи да формира една комисија која ќе ги отвори запечатените кутии со избирачки материјал само за едно избирачко место во Дебар по барање на членот на комисијата Кренар Лога. Тој бара да се спроведе споредување на отпечатоците од прсти за избирачко место 543 каде од записникот, како што рече, се гледа дека 172 избирачи имаат гласано без совпаѓање на отисок во уредот.

Четири дена поминаа откако македонските граѓани излегоа да го дадат својот глас за нова локална власт. Но, државната изборна комисија се уште не ги соопштила во јавност податоците за тоа колку од луѓето кои гласаа беа идентификувани преку новите фингерпринт апарати, а колку своето гласачко право го исполнија со оставање отпечаток со мастило во хартиените избирачки списоци.

Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски на денот на изборите изјави дека речиси една четвртина од гласачите не биле идентификувани со новите биометриски апарати познати во јавноста како фингерпринт апарати. Но, до објавувањето на овој текст од ДИК не ги добивме податоците колку вкупно гласачи не биле идентификувани поради лоши отпечатоци во дата базата, и колку при својата идентификација на гласањето оставиле отпечаток во мастило во хартиениот записник.

Токму вкрстувањето на овие податоци од записниците ја „закочија“ работата на општинските изборни комисии во скопските општини и ги остави цела ноќ пред врата претседателите и замениците на избирачките одбори кои ги доставуваа избирачките материјали. Ова за Радио Слободна Европа го тврдат луѓето кои повеќе од 30 часа поминаа справувајќи се со изборните проблеми по гласањето во општинските комисии и избирачки одбори низ скопските општини.

Претседателот на избирачкиот одбор од општина Карпош Филип Николовски вели дека за време на изборите имале проблем при пополнувањето на записниците затоа што немале доволна обука како да го прават тоа.

„Никој од изборните одбори не беа доволно компететни да ги пополнат дупките кои што се случија во записниците. Имаше недоследности во поглед на гласачите кои претходните години биле третирани како неписмени со оставање на отисок ( наместо потпис во хартиениот избирачки список) и настана голема забуна во поглед на пополнување на записниците во графата за неписмени гласачи тоест сите го протолкувавме тоа како графа- да појаснам во самата графа беше наведено кои луѓе гласале со оставање на отисок од прст, а ние тоа го протолкувавме како луѓе кои претходно не „поминувале“ на апаратот за фингерпринт. Па оттука излегоа недоследности во поглед на бројките кои беа заведни во таа графа затоа што луѓето од комисиите тоа го протолккувале како гласачи кои не поминале на фингерпринт апаратите, а идејата на ДИК била дека во таа графа требало да бидат заведено само гласачи кои се неписмени“, вели Николовски.

Несогласувања во бројките на записниците и корекции на графите

Тој додаде дека оттука во врзан след на околности произлегло и несогласување на бројките во записниците кои општинските изборни комисии морале да ги корегираат графите. Таквите корекции одземале многу време и создаде гужва и неколку часовно чекање на избирачките одбори во училишните дворови во текот на ноќта по изборите.

Николовски вели дека својата обврска како претседател на избирачки одбор со предавање на материјалот ја завршил во утринските часови кога веќе почнала и наставата во средното училиште. На социјалните мрежи се појави слика од спортскиот центар во Ново Лисиче каде што гласачките кутии чекале транспорт до Државната изборна комисија. Гласачкиот материјал во студената ноќ бил чуван од претставници на Општинската изборна комисија во Аеродром и претставници на избирачките одбори, под будното око на неколку полицајци, пишува МКД.мк .Николовски смета дека самата организација на прием на избирачкиот материјал е погрешна.

„Самиот факт дека со сопствено возило ги доставуваме избирачките материјали до општинските изборни комисии говори за несериозноста при предавањето на избирачккиот материјал, па и кон спроведување на овој процес на гласање и избори. Луѓето беа изреволтирани, имаше и постари луѓе и жени кои буквално народски да се изразам „мкнеа“ кутии кои што стварно беа тешки. Никој не им пријде во помош да им помогне да ги достават тие материјали. Се беше оставено на грбот на општинските изборни комисии, кои работеа по училиштата и се беше оставено на нивната моќ или немоќ да ги достават материјалите. Да не се изразам грубо ама тоа беше еден шарлатански однос на Државната изборна комисија и организацијата на целиот процес“, вели Николовски.

Во разговор со редакцијата на Радио Слободна Европа вработена во државна институција како администратор, која побара да остане анонимна поради стравување од притисоци на работното место потврди дека целиот хаос настанал поради недостаток на обука за тоа како да се водат записниците во ситуација кога фингер принт апаратите УБИГ нема да го препознаат отисокот на гласачот.

Според неа, недостасувале обуки за две одделни графи затоа што обуката се одвивала само за користење на фингер принт апаратите без притоа да им биде дадено упатство како да постапуваат поточно како комисиите и одборите да ги евидентираат гласачите кои нема да можат да гласаат со фингерпринт.

Таа вели дека за да им помогнат на изборните комисии во „од“ да го решаваат проблемот со вкрстувањето на податоците останала 24 часа на работа.

Од друга страна, претседателот на државната изборна комисија Александар Даштевски за Дојче веле изјави дека записниците од скопските општини им биле подоцна предадени, а проблем имало и во Гостивар, каде не биле внесени сите податоци.

„Речиси сите скопски општини место да ги донесат веднаш записниците, тие ги доставија на увид со задоцнување. Претпоставка е дека прво заминале да отспијат по изборниот ден, па потоа да ги донесат“, вели Даштевски.

Избирачки одбори контра Даштевски

Побаравме информација од неколку претседатели на општински избирачки комисии од скопските општини кои велат дека не сакаат јавно да коментираат за нивната работа затоа што според упатствата на ДИК смеат јавно да зборуваат само за излезноста на изборите. Но, дел од нив неофицијално велат дека таквиот коментар на Даштевски не е вистинит, затоа што некои од нив останале да работат без прекин повеќе од 30 часа, додека не ја завршат граѓанската должност.

Претставник на избирачка комисија во скопска општина за Радио Слободна Европа вели дека застојот настанал кога се внесувале податоциите од записниците во апликацијата на статистика каде што покажувало грешки во збирот во записникот.

„Застојот настана со избирачки одбори кои не можеа да ги поправат записниците, правеа една корекција, па податоците се внесуваа во апликацијата на статистика, па ако се открие уште една грешка и таа се поправаше, па пак во апликацијата на статистика, и кога од статистика ќе кажеа дека е ок сега записникот, можеше да влезе друга одбор на оставање на материјали и записници“, објаснува тој.

Од ДИК не одговорија ни на прашањата околку причините за застојот со записниците по изборите ниту на прашањето за обвинувањата околу застојот.

Даштевски во интервју за Сител првиот круг на локалните избори го оцени како успешен и како поефикасно спроведени избори со употреба на нова технологија. Но, во делот на бавноста на евидентирањето на изборните податоци на ДИК, Даштевски вели дека причина за тоа се четирите обемни ливчиња по гласач во Скопје и изборот на нови општинските изборни комисии и одбори за кои биле, како што вели „потребни напорни месеци да се обучат убаво и цело време да им асистираат во работата со координаторите“.

Николовски се надева дека вториот изборен круг кој ќе се оддржи на 31 октомври ќе помине полесно, затоа што стекнатото искуство ќе може да се искористи да се избегнат проблеми како оние во првиот избирачки круг.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG