Достапни линкови

Мапата на ДИК- 50 нијанси на црвено и кој со кого во втор круг


Локални избори мапа на ДИК
Локални избори мапа на ДИК

Вкупно 34 општини ќе добијат градоначалник во првиот круг од кои 22 се од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, покажуваат прелиминарните податоци кои ги соопшти Државната изборна комисија. Во Советот на град Скопје ВМРО-ДПМНЕ влегува со 17 советници наспроти 12 на владејачката СДСМ.

Првиот круг на локалните избори ја промени политичката слика во државата. Вкупно 34 општини ќе добијат градоначалник во првиот круг од кои 22 се од опозицијата, а со голем број на советници во општините влегуваат неколку независни кандидатски листи и од политичката партија Левица. Според прелиминарните податоци на Државната изборна комисија во неколку градови и скопски општини битката уште во првиот круг е завршена. Сменета е и структурата на многу општински совети меѓу кои и на главниот град.

Според податоците на ДИК опозициската ВМРО-ДПМНЕ со освоени над 50 проценти од гласовите во првиот круг освои 22 општини од кои како поголеми градови се вбројуваат Штип, Велес и Прилеп. Од скопските општини ВМРО-ДПМНЕ најмногу гласови освои во Аеродром, Бутел, Гази Баба и Кисела Вода.
Од друга страна , пак, владејачката коалиција освои малку големи градови во првиот круг, односно СДСМ во прв круг победи во 9 градови во кои спаѓаат Струмица, Берово, Дојран и Крива Паланка. Додека ДУИ во првиот круг ја реши ситуацијата во Липково, Сарај и Пласница.

Битката за главниот град во вториот круг ќе се води меѓу актуелниот градоначалник Петре Шилегов и неговата соперничка Данела Арсовска со разлика од 7 805 гласа во корист на Арсовска. Според мапата на ДИК за градоначалник на Скопје, Шилегов води само во 4 општини, и тоа Сарај, Шуто Оризари, Чаир и Центар, додека неговата соперничка во останатите општини води со речиси двојно повеќе гласови.

Приказната во градскиот совет е завршена. ВМРО-ДПМНЕ освои 34 проценти од гласовите односно 17 советнички места, додека пак, СДСМ освои 22 проценти со што доби вкупно 12 советнички места. Коалициониот партнер на СДСМ, ДУИ освои 15 проценти од гласовите што значи дека доби 6 советника, ЛДП 4 проценти со што освои 2 советника и Беса 1 отсто. Во градскиот совет годинава влегуваат и 4 советници од Левица со освоени 8 проценти од гласовите и 2 советника од Независната листа на Зелен хуман град со 3,6 проценти од гласовите, како и 2 советника од Алијанса на Албанците и Алтернатива.

Во Центарот на главниот град, во втор круг ќе настапат кандидатот на владејачката СДСМ Горан Герасимовски со 40 проценти од освоените гласови и Наташа Котлар која доби поддршка од ВМРО-ДПМНЕ со над 32 проценти од освоените гласови. Советничката листа во оваа општина се прошара , па покрај советници од СДСМ и ВМРО ДПМНЕ нови тројца од независните „Шанса за Центар“ влегуваат во Советот и нови тројца советници од Левица од вкупно 23 советници.

Во скопско Арачиново битката во втор круг ќе се одвива меѓу владините коалициони партнери ДУИ и СДСМ. На пребројани 100 проценти во Арачиново со 44 проценти од гласовите како прво пласиран е кандидатот на ДУИ Ридван Ибрахими, додека досегашната актуелна градоначалничка Миликије Халими, од СДСМ, како второ пласирана освои 39 проценти од гласовите.

Коалициска битка за гласови ќе се води и во Тетово. Во вториот круг влегуваат кандидатите на ДУИ Теута Арифи и на Беса Биљал Касами. Според податоците на ДИК Арифи пред Касами води само со 642 гласа разлика. Лидерот на СДСМ Зоран Заев синоќа изјави дека во вториот круг, каде што СДСМ има коалициони партнери остава резерва и анализите да покажат кого ќе поддржат.

Во Куманово се води тесна битка со 22 гласа разлика меѓу прво пласираниот независен кандидат Максим Димитриевски и неговиот поранешен сопартиец од СДСМ Оливер Илиевски, покажуваат прелиминарните изборни резултати. Во советот пак со мнозинство гласови влегува владејачката партија со 25 проценти од освоените гласови додека независната листа на Ивана Ѓоргиевска која го поддржува Димитриевски освои 22 проценти од гласовите.

Во однос на резултатите за советите во поголемите градови во земјава, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата имаат водство во повеќето општини. Голема предност имаат во Прилеп со освоени над 48 отсто од гласвоте, пред СДСМ со околу 35 отсто.

Во Кавадарци ВМРО-ДПМНЕ има над 42 отсто од гласовите, двојно повеќе од СДСМ со над 21 процент, а предност има и во Штип, Битола, Велес, Свети Николе и Охрид. СДСМ и коалицијата освоија повеќе гласови од ВМРО -ДПМНЕ за советите во Струмица, Пробиштип и Крива Паланка.

ДУИ водат во Кичево пред ВМРО-ДПМНЕ, во Тетово пред БЕСА и во Струга пред АА-А која пак според сегашните резулати има тесно водство пред ДУИ во Гостивар.

Левица е на трето место според освоените гласови за советите во Прилеп, Штип, Битола, Велес и Свети Николе. На овие избори според лидерот на Левица Димитар Апасиев, во општинските совети влегуваат со најмалку 50 советници на ниво на држава.

Независната кандидатска листа „Поинаку“ од Битола освои 4 проценти од гласовите со што е на трето место по гласови, после ВМРО ДПМНЕ со освони 54 проценти и СДСМ со 31 процент од гласовите.

Независната листа „Подобро за Тетово“ освои речиси 3 проценти од гласовите на тетовчани што е за 170 гласа повеќе од СДСМ. Мнозинството го освои ДУИ вкупно 26 проценти, потоа Беса 21 процент а ВМРО ДПМНЕ и Алијаса за Албанците по 10 проценти.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG