Достапни линкови

Скринингот на ученици по случаен избор неефикасен против ковид-19


Илустрација
Илустрација

Скринигот на 8200 ученици кој започнува денеска, според Министерството за здравство има за цел рано детектирање на ковид-19. Но, упатените сметаат дека тестирањето или треба да се врши редовно или да се прави само на учениците кои ќе пројават симптоми за да го има посакуваниот ефект.

Започна скринингот во 9 средни училишта во Скопје, а се тестираат 258 средношколци. Министерството за здравство соопшти дека тестирањето на учениците ќе се спроведува во просторија одредена од страна на училиштето, а тестирањето ќе трае помалку од една минута и истото е безболно и безбедно, со земање на брис од грло и од носна шуплина. Според министерството, со скринигот ќе се обезбеди безбедно одвивање на наставата и заштита на здравјето на децата.

„Целта на скринингот е рано детектирање и евентуално пронаоѓање на асимптоматски носители на вирусот Ковид 19 помеѓу учениците. Со релевантните податоци ќе се добие целосна слика на трансмисија на вирусот во училиштата, во интерес на децата“, соопштија од Министерството за здравство.

Тестирањето низ државата продолжува во Кривогаштани, Берово, Вевчани, Дебарца, Демир Капија, Дојран, Зрновци, Конче, Лозово, Могила, Новаци, Пехчево, Старо Нагоричане и Центар Жупа. Скринигот ќе ги опфати и основните училишта, а е во план е да бидат вкупно тестирани 8200 ученици.

Тестирањето се одвива по случаен избор од регистарот на Е-дневникот, а претходно ќе се бараат дозволи од родителите или старателите на учениците. Писмената согласност од родителите започна да се бара минатата недела согласно методологијата на Министерството за здравство и Министерството за образование и наука. Министерството за здравство притоа апелираше на безрезервна поддршка од страна на родителите при давање на потребната согласност.

Доктор Никола Пановски смета дека нема потреба да се врши скрининг по случаен избор, туку тестовите треба да им се поделат на училиштата за кога ќе пројави одреден ученик симптоми на ковид-19 веднаш да биде тестиран.

„Вака сега децата се упатуваат на матичен лекар. Некои прават дома тестови. Па, матичниот им закажува по пет дена ако не одат приватно, така што тоа е тоа што треба во училиштата да се направи, иако сега за сега таму е релативна стабилна состојбата. И конечно треба по две години, 5 минути работа е да се пише допис до сите матични доктори и специјалисти како се лекува ковид“, вели Пановски.

Родители се жалат дека кога побарале термин за тестирање на нивните деца кај матичен лекар, откако пројавиле симптоми на ковид-19 цела тековна недела била зафатена и требало да чекаат да дојде понеделник кога се закажуваат термини за следната недела.

Професорот Драган Даниловски вели дека само со редовно тестирање на сите ученици, најмалку еднаш неделно или оптимално два пати неделно, може да се обезбеди значајно влијание врз намалување на ризиците за пренос на вирусот.

„Ако скринингот се планира да биде направен само еднократно, за да се отслика моменталната ситуација со раширеност на инфекциите, а редовното целосно тестирање е неизводливо од материјални причини, тогаш, поцелисходно би било, понатаму да се тестираат, и тоа дома, само учениците кои имаат симптоми. И ако се позитивни на ковид, да си останат дома. Така ќе може да се ограничи ширењето на заразата - макар делумно“, посочува Даниловски.

Министерот за здравство Венко Филипче претходно информираше дека скринигот е во план да трае пет дена, а дневно да се тестираат по околу 1600 деца, во самите училишта од мобилни екипи.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG