Достапни линкови

Калкулирање со ковид мерките поради изборите


Нови мерки против ширењето на коронавирусот се закажани за после изборите, и покрај високата смртност и ниската вакцинација. Во меѓувреме, не се знае ни кога ќе почне тестирањето на учениците, а ,според упатените, не очекува зголемување на бројките на заразени поради ладното време.

Тестирањето по случаен избор на ковид-19 на 8200 ученици од средните и основните училишта не се знае кога ќе почне иако беше највено за почетокот на оваа недела. Во меѓувреме, земјата се уште е во четвртиот бран на ковид-19, при што процентот на смртноста е висок, додека пак, степенот на вакцинација е низок. Од друга страна, нови мерки се најавени по локалните избори закажани в недела. Министерката за образование и наука Мила Царовска и денеска изјави дека е во постојана координација со Министерството за здравство и ќе бидат навремено соопштени детали за скринингот.

Според последните податоци на Институтот за јавно здравје во моментов има 6.957 активни случаи. Вакцинирани со две дози се 35 отсто од населението, а 38 проценти примиле барем една доза. Бројките на Министерството за здравство покажуваат забавена вакцинација, бидејќи во текот на целата измината недела прва доза на вакцина примиле 4961 лице. Македонија во моментов се наоѓа на третото место на по смртност во светот во споредба со бројката на жители после Перу и БиХ.

Доктор Злате Мехмедовиќ од Клиниката за пулмологија смета дека треба да се интензивираат напорите да се едуцираат граѓаните за тоа кои се бенефитите, ефикасноста и безбедноста на вакцините. Тој повеќе не гледа можност за било какви мерки за мотивација за вакцинација.

„Во наредниот период можеме да очекуваме дека ќе се зголемуваат бројките на ново заразени, пред се поради тоа што ни претстојат ладни месеци. Зимскиот бран се очекува секаде во светот. Тоа нема да биде исклучок кај нас. И веројатно доколку не се интензивира процесот на вакцинација преку едукација на населението затоа што тоа ни остана како една од најнеискористените мерки, односно да имаме една добра централизирана кампања за тоа какви се бенефитите од вакцинацијата. Доколку тоа не се случи ќе имаме се уште низок број на вакцинирани и се уште мал интерес за вакцинација и веројатно дека зимата ќе биде потешка за да ја пребродиме кризата од пандемијата која што ни претстои“, вели Мехмедовиќ

Министерот за здравство Венко Филипче при крајот на септември најави дека од средината на месецов ќе има нова мерка со која само целосно вакцинирани граѓани ќе може да посетуваат угостителски објекти и настани.

И со мерките против ширењето на коронавирусот се калкулираше, како и за минатите, така и за овие избори, вели Александар Цветковски од невладината организација АГТИС.

„И сега и покрај ниската вакцинација. Бројот на заболени кој полека, но сигурно расте ние немаме никаква потреба од било какви мерки и изразување на некои стандарди. Веќе не верувам ни полицијата, ни инспекциите дека вршат контрола и тоа така ќе биде до изборите. Тоа е нашата реалност. Значи изборите се најбитната работа за нас во моментов во цела галаксија и ние ќе се придржуваме само за тоа и ништо друго нема да се случува“, вели Цветковски.

Од соседството Грција пред некој ден ги укина ограничувањата за вакцинираните за поста на угостителски објекти, но во текот на викендот полицијата спровела 200.000 контроли низ земјата.

Американскиот претседател Џо Бајден пред некој ден порача дека повеќе компании треба да ги обврзат своите вработени да примаат вакцини против ковид-19, бидејќи тоа е од витално за ставање крај на пандемијата и одржување на економијата. Минатиот месец, Бајден нареди сите федерални работници и изведувачи да бидат вакцинирани, а компаниите со 100 или повеќе вработени да бараат вработените да бидат вакцинирани до 8 декември или да се тестираат на неделно ниво.

Според Мехмедовиќ, една од опциите е администрацијата и компаниите да им наложат на вработените да се вакцинираат.

„Но, повторно ќе кажам многу поважен елемент е да се објасни што е едноставно, правилно и точно дека вакцинацијата е безбедна и ефикасна. Сите репресивни мерки кои што се воведуваат во светот немаат апсолутен 100 постотен ефект и тоа е поради резултатот што некогаш луѓето реагираат и со отпор на таквите мерки. Тоа е очекувано“, додава тој.

Филипче претходно информираше дека скринигот е во план да трае пет дена, а дневно да се тестираат по околу 1600 деца, во самите училишта од мобилни екипи. Тестирањето ќе се одвива по случаен избор од регистарот на Е-дневникот, а претходно ќе се бараат дозволи од родителите или старателите на учениците за да се се добијат податоци дали има пренесување на вирусот во училиштата.

Министерството за образование и наука соопшти дека 75 отсто од наставниците се вакцинирани, а настава на далечина следат околу два проценти од учениците.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG