Кога беше во опозиција, СДСМ критикуваше дека владата е преголема, кога дојде на власт го задржа бројот на министри, а сега предлага отворање на уште едно ново министерство.
Македонија со 26 члена има најголема влада во соседството. По неа е Косово со 24 члена на владиниот кабинет, Србија има 22, Бугарија 20, Грција 18, а албанскиот владин кабинет има 16 члена. Турција на пример, која има 40 пати повеќе жители од Македонија, има владин кабинет од 18 члена. Македонија има еден министер на 77 илјади жители, додека Турција на пример има еден министер на 4,5 милиони жители.
Романија има поголем владин кабинет со 28 члена, а дел од државите од поранешниот СССР имаат поголеми влади, но во нив освен министри членуваат и државни секретари.
На 27 февруари годинава, пратениците Артан Груби, Зеќир Рамчиловиќ, Панчо Минов, Јован Митрески, Џеват Адеми, Ејуп Алими и Реџаил Исмаили до Собранието испратиле Предлог-закон за измени на Законот за организација и работа на органите на државната управа, со којСо него се предлага формирање на ново министерство за политички систем и односи помеѓу заедниците. Ова нема да го зголеми бројот на министри во владата, со оглед на тоа што се планира Секретаријатот за охридски договор да се трансформира во министерство, а вицепремиерот за рамковен договор ќе стане министер за политички систем.
Ова сепак е во спротивност со предизборните ветувања на СДСМ. Во нивната предизборна програма, тие ветуваа дека ќе го намалат бројот на министри од 26 на 20.
Во октомври 2015 година, заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, зборувајќи на дебататана тема „Создаваме одговорна власт“, рече дека кога ќе дојдат на власт ќе го намалат и бројот на министри и ќе предложат намалување на бројот на пратеници.
„Македонија е убедлив негативен рекордер, 26 министри – и да се два милиона што не се, на 81 илјади луѓе во државата имате по еден министер. Ако ја погледнете Германија, на пет милини луѓе – еден, ако проверите Естонија, еве земји блиски по големина со Македонија – Латвија, Естонија, ќе видите 90, 100, 150 илјади. Тоа сметаме дека мора да се промени. Бројот на министри во Владата на СДСМ нема да надмине повеќе од 20 и ќе гледаме тој број да се намалува, а ќе почнеме разговори со сите други партии во парламентот за да го намалиме и бројот на пратеници помеѓу 90 и 100, што сметаме дека највеќе ќе ѝ одговара на Македонија“, рече тогаш Шекеринска од опозиција.
Слични изјави даваше и сегашниот заменик-министер за економија Кире Наумов. Во интервју за Слободен печат во ноември 2015 година, тој рече дека идната влада на СДСМ ќе брои максимум 20 министри, а не 26 и дека ќе се трудат и да го намалат бројот на пратеници.
„Во Македонија имаме еден министер на 81 илјади граѓани. Ние немаме точен податок колку советници има премиерот, но според одредени информации, таа бројка изнесува 100. Ако е така, зошто му се толку министри“, праша тогаш Наумов.
Сепак, и сегашниот премиер Зоран Заев не остана покус за советници. Според податоците од мај минатата година, советничката листа на Заев брои 56 луѓе.
Професор Драган Гоцевски пред неколку дена за нашето радио изјави дека нема никаква логика во формирање ново министерство и оти на прв поглед „изгледа како да сакаат да го регулираат работниот однос на 1700 луѓе кои земаат плата, а немаат реални работни места“.