Достапни линкови

Манчевски – Нема плата за институциите што нема да си ги пребројат вработените


Манчевски – Нема плата за институциите што нема да си ги пребројат вработените
please wait

No media source currently available

0:00 0:11:24 0:00

Манчевски – Нема плата за институциите што нема да си ги пребројат вработените

Сите они институции и нивните раководни лица коишто нема да ги внесат податоците за своите вработени во информатичкиот систем за управување со човечките ресурси нема да земат плата, вели министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Министре, една од најдобро чуваните тајни во Македонија е вкупниот број на вработени во јавната администрација, велевте кога бевте во опозиција. Најавивте дека до крајот на минатата година ќе се знае вкупната бројка, зошто сè уште ја нема? Што го одолговлечи процесот?

За потребите на изготвување на овој извештај, но и за потребите на целата администрација, Министерството за информатичко општество и администрација поседува информатички систем за управување со човечки ресурси. Просто кажано, тоа е вид на софтвер во којшто сите институции имаат законска обврска да мора да ги внесуваат своите систематизации и информациите за своите вработени. И сега тука е прилично хаос. Дел од институциите ги имаат внесено и коректно ги ажурираат податоците, тоа е жива материја, влегува, излегува, менува телефон, меил итн. Дел ги имаат внесено делумно информациите, односно не ги ажурираат, дел ги внеле само систематизациите, без никаква информација за луѓето, а дел немаат ништо направено. Да бидам искрен, во изминатиот период се обидовме на неколку начини, со укажување, со одлуки и информации на влада, инспекциските служби се ангажираат на оваа тема и се подобри состојбата. Но ние сè уште не сме сигурни дали со извештајот за минатата година што треба да го објавиме во март ќе можеме да кажеме дека бројката што ќе ја објавиме целосно ќе доаѓа од системот или повторно ќе биде добиена преку споредби на бази на податоци, со што бројката што се добива е приближно точно, но не е целосно точна. За таа цел ќе спроведеме, преку неколку одлуки на владата, ќе направиме ред и системски и технички измени внатре во одредени системи на институциите, но и со ред на правилници и уредби на влада со коишто сите они институции и нивните раководни лица коишто нема да ги внесат податоците за своите вработени во информатичкиот систем за управување со човечките ресурси нема да земат плата. Едноставно мора да се научат институциите во државата дека мора да ги почитуваат законите, без притоа премиерот да треба да ги брка за тоа.

Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е во Европската комисија на консултации. Во јавноста беше спорна одлуката кабелските оператори да мора да ги пренесуваат националните телевизии. Спремни ли се за отстапки тука, имате ли некаков фидбек засега од Европската комисија во однос на овие спорни одредби?

Ова прашање можам да кажам дека е едно од двете сè уште отворени прашања. Второто е за процентот на македонска музика на станиците итн. и таму сме во фаза на некакви разговори. Оваа влада во однос на кој било закон што ќе има каква било допирна точка со медиумите нема апсолутно никаква позиција од којашто не е подготвена да отстапи, доколку за тоа имаат интерес самите заинтересирани страни - медиумските работници, дали се тоа здруженија на новинари, телевизиски куќи, радио станиците, портали, кабелски оператори итн. Сосема неочекувано за мене, после шест месеци дебата, овој закон се подготвува и на некој начин се спрема од 2015 година, од почетокот на политичката криза, после толку јавни дебати, после толку работни групи, на крајот излегува ова прашање за емитување на која било телевизија преку кабелските оператори дека е огромен проблем. Проблемот е меѓу заинтересираните страни – закопани се во ровови. Националните телевизии, односно мултиплекс операторите што емитуваат преку мултиплекс се eдна страна, регионалните телевизии се друга страна, сателитските телевизии се трета страна, кабелските оператори – четврта страна и сигурно заборавам уште три други страни. Се обидуваме на различни начини, во моментов апсолутно не гледам место за компромис меѓу нив. Единствена наша намера е да обезбедиме простор, дебата којашто ја немале меѓу себе за да најдеме компромисно решение. Треба уште време за оваа работа, јас сум поборник дека ако треба и повеќе да се обидеме, да дадеме шанса, да разговараме, да дадеме шанса на тој дијалог, отколку да брзаме со донесување на законот. Свесен сум дека заради ова што сега го кажувам знам дека новинарските здруженија ќе ме нападнат, затоа што тие очекуваат што е можно побрзо да се донесе законот, трети исто така, затоа што и тие чекаат да се донесе законот. Македонската радио телевизија нужно зависи од тој закон и тие се заинтересирани, затоа апелирам до сите да ја сфатат улогата којашто ја имаат во општеството како медиумски работници и да направат компромис. Ние сме спремни да прифатиме сè што тие ќе се договорат, но мислам дека нè ставаат во ситуација ние да наметнуваме решенија, а ние навистина не сакаме тоа да го правиме.

Ве прашувам како потпретседател на СДСМ. Повеќе од половина година сте владејачка партија. Перцепцијата на дел од јавноста е дека повеќе сте насочени кон надворешно-политички прашања, а за сметка на тоа се занемаруваат домашните ветувања. Каква е вашата лична перцепција, како потпретседател на СДСМ, за она што го направивте за изминатиот период?

Евидентни се успесите во делот на меѓународната политика, но во рамките на оној буџет којшто го затекнавме, значи ние не го испланиравме буџетот за претходната година, сметам дека обезбедивме многу, ако не и сите, барем главните мерки кои им ветивме на граѓаните дека ќе ги имплементираме во 2017 година, ги имплементиравме. Се укина радиодифузната ткаса, се воведе повторно дневната евтина тарифа на електричната енергија, се укина екстерното тестирање, ред на работи. И сега малку пак контрадикторно за она што во јавноста се зборува. Обвинети сме за големи ПР-тимови, ама еве сега и самокритичен ќе сум, не мислам дека многу добро ги продадовме на јавноста сите оние работи кои ги постигневме во делот на подобрување на стандардот на граѓаните. Во Македонија повеќе не постои прашање на стечајни работници. Дваесет години зборуваме за прашањето на стечајните работници, луѓето остареа по улиците, го решивме тоа прашање, ама впечатокот кај дел од граѓаните е дека сме имале прегломазни ПР-тимови, ние немаме никакви ПР-тимови во однос на големина и бројки во однос на тоа што претходно се правеше, каде што ништо се продаваше како да е некоја голема мерка и работа, пред сè на штета на граѓаните.

Целото интервју со министерот Дамјан Манчевски може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG