Достапни линкови

Клучни три месеци за македонската евро-атланска интеграција


Средба на еврокомесарот Јоханес Хан со вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи во Секретаријатот за европски прашања во Скопје за планот 3-6-9.
Средба на еврокомесарот Јоханес Хан со вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи во Секретаријатот за европски прашања во Скопје за планот 3-6-9.

Првите три месеци од 2018 година Влада и Собранието имаат сериозна агенда од планот 3-6-9, која треба да се оствари како услов за напредок во евроатланските интеграции. Аналитичарите оценуваат дека може да се запне со реформите кои се поврзани со Собранието.

Можеби ќе треба помош од Брисел и од Вашингтон ако се запне со реформите од планот 3-6-9, односно од последната тројка што останува, а особено оние реформи кои зависат од парламентот, оценуваат дел аналитичари.

Според политичкиот аналитичар Џелал Незири, проблем за исполнување на владината реформска агенда е тенкото мнозинство во парламентот.

„Без консензус со опозицијата или без меѓународен притисок или олеснување, јас не верувам дека и во првите три месеци ќе се завршат сите тие владини реформи и ќе се усвојат сите најавени закони во Собранието“, вели Незири.

Конкретно, за првите три месеци од годинава Владата има навидум амбициозен план за реформи. Јануари, февруари и март, всушност се последните три месеци од планот, кој според очекувањата на владата,треба да ја забрза македонската евроатланска интеграција.

Во јануари, според планот на владата, меѓу другите, треба да се донесат Закон за изменување и дополнување на Законот за судовите, Закон за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет, изменување и дополнување на Законот за заштита на укажувачи, потоа изменување и дополнување на Законот за административни службеници и други. Истиот месец треба да се направи и нацрт-план за реформи на изборниот систем.

Во февруари пак, владата планира да усвои Националната стратегија за борба против тероризмот и националната стратегијата за спречување на насилниот екстремизам и други реформи, а во март агендата е позгусната.

Се планира да се формира посебно одделение во рамките на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кое ќе биде надлежно за кривично гонење на кривични дела извршени од страна на вработените во МВР, потоа формирање на посебен оддел кај Народниот правобранител како механизам за граѓанска контрола, именувања на лица на раководни позиции, членови на управните и надзорните одбори, стратегија за отворени податоци, Закон за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Закон за изменување и дополнување на Законот за основање на Јавното претпријатие „Македонска радиодифузија“ .

Амбициозен план, кој за разлика од она што беше предвидено во првите три месеци, сега за другите две тромесечја е усогласен со тоа што се бара во Итните реформски приоритети и препораките на експертот Рајхард Прибе, оценува Зоран Нечев од Институтот за демократија.

Сепак, тој оценува дека не се соодветни временските рокови и за реализација на реформите од тие два циклуса. Нечев вели дека има неколку области во кои може да се очекува запнување.

„Очекувано судските реформи се една од нив, а истото важи и за разузнавачките служби“, вели Нечев.

Тој оценува дека ако Македонија сака напредок во европските интеграции мора да ги заврши реформите до средината на февруари.

„Времето за прогледување низ прсти за земјава веќе одамна измина. Без разлика на тоа што Владата нема директна надлежност врз Собранието, сепак одговорноста најголема за планот 3-6-9 лежи во самата Влада. “ вели Нечев.

При последната посета еврокомесарот за проширување Јоханес Хан побара декември да биде клучниот месец во кој ќе се завршат предвидените реформи. Ги спомена реформите на разузнавачките служби, судството и јавната администрација како области во кои се потребни конкретни резултати.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG