Достапни линкови

МРТВ ќе избира нов директор, реформирањето ќе почека


Зградата на Македонска радиотелевизија
Зградата на Македонска радиотелевизија

Тригодишниот мандат на досегашниот директор на МРТВ Марјан Цветковски истекува, па јавниот сервис денеска распиша конкурс за избор на нов директор. Него ќе го бира стариот состав на Програмскиот совет, а измени се очекуваат со измените на законот за аудиовизуелни медиумски услуги.

Македонската радио телевизија денеска објави конкурс за директор и заменик директор на јавниот сервис. Во следниве 15 дена ќе треба да се пријават заинтересираните кандидати кои ги исполнуваат условите предвидени во конкурсот.

Огласот е објавен затоа што му истекува мандатот на досегашниот директор Марјан Цветковски. Тој за Радио Слободна Европа денеска рече дека нема намера да кандидира за нов мандат. Цветковски беше реизбран во март 2015 година, а мандатот на директорот, според статутот на МРТВ, е три години.

За тоа кој ќе биде директор на јавниот сервис одлучуваат тринаесетте члена на Програмскиот совет на МРТВ, кои, пак, ги бира Собранието. Еден член на советот, според статутот на јавниот сервис, може да гласа само за еден кандидат, а директор ќе биде оној кој има мнозинство гласови.

Состојбата сега е интересна и поради тоа што членовите на програмскиот совет се избрани од претходното парламентарно мнозинство во декември 2014 година и имаат мандат од пет години, односно до крајот на идната година.

Во советот меѓудругите се поранешните пратенички од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Јагнула Куновска и Косана Николиќ-Мазневa, по предлог на МАН, Ивана Трајковска, по предлог на ЗНМ Ведат Мемедалија, а од неодамна претседателка на советот е професорката Смиљка Јанеска-Саркањац, откако претходно Снежана Клинчарова беше разрешена.

Весна Никодиновска од Македонскиот институт за медиуми вели дека за да се случат вистински промени мора да се менува системот на вредности кај политичките структури, новинарите, уредниците и кај граѓаните.

„Ситуацијата е сега малку поинаква од претходно, да се надеваме дека состојбата во самата куќа сега е и поинаква, дури и во известување на јавниот сервис има мали промени. Се надевам дека Програмскиот совет, иако е истиот состав, ќе направи добра селекција“, вели Никодиновска.

Во меѓувреме, измените на законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кои опфаќааат измени поврзани и со Македонската радиотелевизија, се испратени во Европската комисија од каде што се чекаат коментарите. Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски за Радио Слободна Европа вели дека во законот предвидуваат сосема нов начин за избор на Програмскиот совет на МРТВ, кој ќе бил јавен и транспарентен. Се предвидуваат конкретни услови кои треба да ги исполнуваат кандидатите, ќе треба да имаат поддршка од медиумската фела, програма за работа која ќе ја презентираат во јавноста и пред собраниските комисии. Кога новиот закон ќе стапи во сила, без разлика што мандатот на Програмскиот совет се уште ќе трае, ќе влезат во сила и новите услови за изборот на членови, додава Манчевски.

Тоа значи дека во истиот момент ќе може да почне процедурата за избор на нови членови на Советот на МРТВ, така што нема да има потреба да чекаме до декември кога им истекува мандатот на досегашните, туку во оној момент кога ќе се донесе законот ќе почне процедурата. За процесот на избор веројатно ќе бидат потребни неколку месеци, со оглед на тоа дека ќе има јавни дебати и презентации, за Собранието да биде во можност да ги избере, но верувам дека тоа ќе биде неколку месеци пред декември кога им истекува мандатот“, вели Манчевски.

Инаку јавниот сервис и воопшто медиумите беа дел и од пржинските разговори, а една верзија за реформи подготви и олеснувачот во разговорите меѓу партиите експертот Питер Ван Хауте.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG