Дваесет и осумгодишниот Ердин Османи е пример за тоа дека и во време на економска и здравствена криза, може да се заработи. За разлика од многу компании кои поради тешките предизвици што ни ги донесе пандемијата со ковид 19 беа принудени да го намалат бројот на вработените , а некои дури и да ги затворат своите бизниси, овој млад гостиварчанец се одлучил да отвори фирма во време на пандемијата. Неговата фирма се занимава со чистење на куќи, дворови и други места.
Во разговор за радио Слободна Европа вели дека идејата ја добил кога забележал дека поради ограниченото движење на граѓаните во кризата, домовите на иселениците од Гостиварскиот крај долго време остануваат празни и нема кој да се грижи за нивно одржување.
„Тајмингот беше клучен за овој бизнис. По долгогодишното истражување што го направив на пазарот, со оглед на големата миграција во регионот каде што живеам, забележав дека ќе биде соодветно да отворам фирма која ќе се грижи за куќите и дворовите на иселениците додека не се тука. Па така, во периодот додека се таму ние се грижиме за куќите, а пред да се вратат дома темелно ги чистиме, одржуваме хигиена и тие кога ќе си дојдат дома наидуваат на чист и убав простор за живееење“, раскажува Османи.
Компанијата што тој ја основал непосредно пред пандемијата почнала да бележи значителен пораст во првите месеци од кризата. Тој им ги презентирал понудите за чистење и одржување на дворовите и куќите на иселениците, а тие пак покажале голем интерес за неговата деловна идеја.
Покрај чистењето, компанијата со која раководи Ердин, на почетокот на пандемијата понудила и како услуги како што се дезинфекција на простории и јавни простори за кои вели, имало поголема побарувачка. Сега својот бизнис го проширува со нов сервис, перење и пеглање алишта.
„Во мојот крај има многу стари луѓе чии деца заминале во странство но тие останале тука. Повеќето од нив не се во состојба сами да се грижат за овие работи, па затоа еве нашата компанија им ги нуди и тие услуги. Иста така во близина на Гостивар има и еден нов турски унверзитет со 1000 студенти и токму тие ни се таргет“, вели Османи.
Добра почетна точка за развој на бизнисот, била и помошта од американската агенција УСАИД која му помогнала на Османи да изработи успешен бизнис план со помош на мониторинг од стручни лица. Неговата компанија сега е прогласена за најуспешна фирма во услови на пандемска криза, од страна на Сојузот на стопански комори на северозападна Македонија.
Во оваа компанија има осум постојано вработени и неколкумина кои се ангажирани на ограничено време. Целта е да се прошири и бројот на вработени и опсегот на работа и во други градови низ државата. Османи признава дека започнал од нула, а денеска може да се пофали со солиден финансиски капитал.
Во меѓувреме министерот за финансии Фатмир Бесими во неколку наврати повтори дека во текот на 2022 година финансиската помош од државата ќе биде ориентирана кон компании кои размислуваат за иновации, инвестиции и стабилност на пазарот.
„Сите политики и стратегии во иднина треба да бидат насочени кон поддршка на инвестиции, иновации и развој, трансформација кон дигитална и зелена економија и не само за нашиот пазар, бидејќи нашиот пазар е мал за да успееме во една таква амбиција. На долг рок, треба да го подобриме трговскиот биланс и да создаваме повеќе доход кај нас, што ќе значи дека нашите граѓани ќе добиваат повеќе пари и ќе имаат подобар стандард“, вели Бесими и додава дека помошта треба да е насочена кон фирми што размислуваат на иновации, инвестиции и опстојување на пазарот.
„Затоа, се дава поддршка на фирми што ќе зголемат бројот на вработени и инвестициите за да можат дел од средствата што ќе ги користат да им се претворат во субвенции“, изјави министерот Бесими.
Оваа мерка ја искористил и Османи, кој од државата добил неповратен „грант“ во висина од 5 илјади евра. Вели дека ќе аплицира за финансиска поддршка и понатаму бидејќи веќе ја основал и втората компанија за перење и пеглање алишта.
Од Сојузот на стопански комори на северозападна Македонија велат дека бизнис секторот ќе го почувствува најголемиот удар кога ќе прекине државната помош.
Во Северна Македонија, од почетокот на економската криза предизвикана од ковид 19, одобрени се шест пакети антикризни мерки во вредност од една милијарда и двесте милиони евра, односно околу 11 отсто од Бруто домашниот производ. Шестиот пакет на мерки, опфаќаше седум мерки со кои се таргетирани најпогодените сектори од корона кризата, со вредност од 17,8 милиони евра, со кое се поддржуваат 10.000 компании, кои имаат околу 60.000 вработени.