Достапни линкови

Многу сонце - малку струја од соларни централи


Илустрација: Соларна централа во село Егри во близина на Битола
Илустрација: Соларна централа во село Егри во близина на Битола

Годинава има скоро двојно повеќе инсталиран капацитет во фотоволтаични централи, но тие ќе произведат само околу 1 процент од потребната струја во земјава. Македонија е сончева држава, многу погодна за искористување на сончевата енергија за производство на струја, но досега работите одат бавно.

Учеството на соларната енергија во производството на струја и оваа година ќе биде занемарливо, и покрај големиот интерес за поставување на фотоволтаични централи. Фирмите кои поставија сончеви централи на крововите за сопствени потреби годинава и догодина ќе се офајдат, зашто струјата на слободниот пазар драстично поскапе, па со тоа си ги намалија трошоците, но на ниво на држава, ова производство нема многу да влијае во вкупниот биланс.

Власта постојано се фали дека сериозно е зголемена изградбата на сончеви централи за производство на струја, но тоа сè уште е далеку од доволно за направи разлика во вкупното производство на струја во државата.

Министерот за економија Крешник Бектеши неодамна рече дека сега се инвестира во изградба на капацитети од обновливи извори на енергија како никогаш досега.

„До 2019-та во нашата држава имало инсталирано фотоволтаични централи не повеќе од 19 мегавати, денеска има над 100 мегавати. Од кои функционални се 80 мегавати, до крајот на април ќе бидат над 250 мегавати“, рече Бектеши.

Македонија има 280 сончеви денови годишно, и е многу погодна за изградба на фотонапонски централи.

Според извештајот на Регулаторната комисија за енергетика за 2021 година, лани имало инсталирано фотоволтаични електроцентрали со вкупна моќност од над 45 мегавати, а тие произвеле над 51 илјади мегаватчаса струја. Тоа било помалку од 1 процент од вкупното производство во Македонија, или 0,65 проценти од вкупната потрошувачка во земјава.

Дури и сега да има 80 мегавати, тоа повторно би покривало околу 1 процент од потрошувачката. Ако се обвистинат најавите на министерот Бектеши дека до април ќе има три пати повеќе сончеви централи од сега, тогаш догодина производството на струја од фотоволтаици веќе не би било занемарливо. Се очекува, изградбата на обновливи извори на енергија да продолжи и во наредниот период.

Фотоволтаиците помагаат, но не го решаваат проблемот со скапа струја
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:36 0:00

Со тоа, пак, се појавуваат нови проблеми – како да се балансира системот. Со оглед на тоа што струјата не може да се чува, еден од најголемите предизвици во енергетскиот систем е планирањето на производството и на потрошувачката кои во идеален случај, во секое време треба да бидат еднакви. За разлика од термоцентралите, чие производство, освен во случај на дефект, може прецизно да се испланира однапред, обновливите извори се понепредвидливи.

Се наметнува прашањето, што ќе се случи ако во одреден период фотонапонските централи произведат повеќе или помалку од планираната струја – со што ќе се надомести разликата.

Професор Драган Миновски, кој е и поранешен директор на ЕЛЕМ, вели дека производството на струја од сончеви централи може да се одреди релативно прецизно, со грешка од 3 до 5 проценти, ден однапред, па не е потребна голема енергија за балансирање. Тој вели дека има доволно капацитет во хидроцентрали и гасни електрани, кои може брзо да го зголемат или намалат производството, за да го избалансираат системот.

„250 мегавати се прилично голем инсталиран капацитет, меѓутоа ако предвидувањето е со прецизност од 3 до 5 проценти, тогаш многу малку балансен капацитет и балансна енергија се потребни во електроенергетскиот систем за балансирање на ваквите фотоволтаични електрани. За ова дополнително ќе требаат 12 до 15 мегавати балансен капацитет, резерва, во електроенергетскиот систем“, вели Миновски.

Поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев пред два месеци рече дека се отворил сериозен простор за инвестиции и оти Македонија станала Елдорадо за фотонапонски централи.

„Но, и таму не смее да се оди до недоглед, бидејќи фотоволтаиците произведуваат 80 отсто од енергијата од април до септември од 9 часот наутро до 5 часот попладне. Ако премногу се изградат ќе настане поголемо производство од потребите во тој период“, изјави Анѓушев за телевизија Сител на почетокот на октомври.

Студијата за проценка на вкупните трошоци за интегрирање на обновливите извори на енергија во електроенергетскиот систем на Македонија, на МЕПСО од 2017 година, покажува дека поголеми проблеми има со планирањето на производството од ветерните централи, затоа што ветерот е понепредвидлив, отколку од сончевите.

Инфографика - Колку струја се произведува од обновливи извори во земјите од Југоисточна Европа 2017 - 2021
Инфографика - Колку струја се произведува од обновливи извори во земјите од Југоисточна Европа 2017 - 2021

Според студијата, грешките во планирањето ќе се намалуваат, како што ќе се зголемува бројот на фотонапонски централи изградени на различни места низ државата, затоа што ако во еден регион времето непланирано се наоблачи и со тоа го намали производството, тоа нема да се случува во другите региони.

Поради зголемувањето на цените на струјата на европските берзи, порасна интересот за поставување на фотоволтаици, и кај граѓаните и кај фирмите за производство на струја за сопствени потреби, а со новите законски измени кои стапија на сила се поедноставени условите за нивно поставување. Со измените, граѓаните и стопанството ќе можат побрзо да постават фотоволтаици до 6 киловати за домаќинство и до 40 киловати за фирмите, без административни постапки и без да се чека одобрение за градба од локалната самоуправа. Фирмите кои сакаат да постават поголеми централи мора да добијат одобрение од Регулаторната комисија за енергетика.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG