Достапни линкови

Корисниците на државна помош на увид на јавноста - легално, ама етички дискутабилно


илустрација
илустрација

Самохрани мајки реагираат на јавното објавување на списоците на корисници на финансиска помош на веб страницата на Министерството за труд и социјална политика. Од МТПС велат дека не го повредиле правото на заштита на личните податоци, но според експертите, јавното објавување е етички дискутабилно.

Самохрани родители кои се корисници на финансиска помош од државата бараат нивните имиња да бидат „заштитени“ на списоците кои Министерството за труд и социјална политика јавно ги објави на нивната веб страница. Списоците ги содржат имињата и презимињата на сите корисници и нивните адреси на живеење, па така сега, секој кој сака може да прочита на пример, кој од неговите соседи е корисник на некаква социјална помош.

Дороти Пачкова, директорка на Организацијата за родова еднаквост и женски права објаснува зошто нејзините членки сметаат дека нивните имиња не треба да бидат јавно објавувани.

„Голем број од тие самохрани мајки се со историја на семејно насилство и не сакаат насилникот да знае која е нивната адреса на живеење. Од друга страна пак проблематично е тоа кај оние кои имаат деца кои влегуваат во пубертет, не сакаат да бидат етикетирани дека се на работ на социјалната егзистенција“, вели Пачкова.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека пред да ги објават списоците се консултирале со Агенцијата за заштита на лични податоци и дека со информациите на тие списоци не го повредиле правото на заштита на личните податоци.

„Во врска со вашето прашање ве информираме дека, списоците се објавуваат согласно член 17, член 18, и член 19 од Законот за заштита на лични податоци, а во врска со член 5 од Законот за финансиска поддршка на ранливи категории граѓани за справување со енергетската криза. Министерството за труд и социјална политика се води согласно начелата на транспарентност, отчетност и навремена и точна информираност на граѓаните, за прашања кои се од нивни интерес“, велат за радио Слободна Европа од Министерството за труд и социјална политика.

Оттаму објаснуваат дека тоа е направено со цел доколку некои од граѓаните-корисници во категориите опфатени со овој закон, не се во списокот, а сметаат дека ги исполнуваат условите, да можат да поднесат приговор до Комисијата за одлучување по приговори за финансиска поддршка која пак, ја формира министерката за труд и социјална политика, во рок од три дена од датумот на објавувањето на списоците на корисници на финансиската поддршка.

На веб страницата на Министерството објавени се корисниците на посебен додаток за секое дете посебно, корисниците на право на социјална сигурност на стари лица, на надомест за попреченост, надомест за помош и нега од друго лице и самохрани родители кои се евидентирани како корисници на гантирана минимална помош.

Се работи за помош во висина од 3.000 денари месечно во наредните четири месеци. Оваа помош е во согласност со Законот за финансиска поддршка на ранливи категории граѓани за справување со енергетската криза, која следуваше по растот на цената на горивата и беше предизвикана од руската инвазија врз Украина.

Ѓорѓиевски: Јавниот увид на списоците не е противзаконско, но можело да биде направено и поинаку

Нема повреда на правото на заштита на личните податоци, но начинот на кој тоа е направено е дискутабилен од етички аспект, смета Димитар Ѓеорѓиевски, независен експерт и поранешен директор на Агенцијата за заштита на личните податоци.

„Сепак се работи за ранливи категории граѓани кои уживаат повисока заштита во која било сфера, вклучително и заштитата на личните податоци. Убеден сум дека намерата не била лоша, но начинот на кој е направено ова е дискутабилен. Во време на дигитализација постојат технички можности да се направи соодветен систем во кој приватноста нема да биде изложена на очите на јавноста“, вели Ѓеорѓиевски.

Правото на повреда на заштита на личните податоци не е прекршено бидејќи во списоците не се наведени матичните броеви на корисниците, но Георгиевски е убеден дека списоците можеле да содржат и помалку податоци, а сепак да ја остварат целта поради која се објавени.

Пачкова вели дека ќе реагираат до ресорното министерство и ќе бараат тие податоци да бидат заштитени и достапни само за истражувачка работа, а не да бидат на увид на јавноста.

Јавно достапните податоци на лицата кои користат некаква социјална помош, може дополнително да предизвикаат непријатно чувство кај ранливите категории, особено во нашето општество во кое, според истражувањата, постои ниска толеранција за „различните“.

Едно од неодамнешните истражувања на Македонскиот центар за меѓународна соработка покажа дека над 50 проценти од македонските граѓани не сакаат да имаат сосед кој е припадник на ромската етничка заедница или во близина на имигранти, на лица со хендикеп или до припадници на субкултурните групи.

Со владината помош за ранливите категории граѓани опфатени се околу 180 илјади граѓани или 10 отсто од популацијата. Според податоците на Светската банка од оваа година, во Македонија 18 проценти од населението живее во сиромаштија.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG