Заштитата на просторот е важна и со неа ќе се овозможи да бидат решени низа прашања, од изградба на канализација за решавање на проблемот со септичките јами, до чистењето на отпадот во дивите депонии, но и реализација на други инфраструктурни проекти, велат жители на Матка.
Првичните планови за репрогласување на Кањон Матка за заштитено подрачје се започнати во 2010 година со изработка на Студија за ревалоризација на Матка, како што велат за РСЕ од Град Скопје – една од институциите кои се вклучени во процесот.
Но, во изминатиот период не е направена резаштита на просторот, а во меѓувреме природните убавини во континуитет се загрозени од чеовекова негрижа, а никнуваат и бесправно изградени објекти.
Дејан Кузмановски е активист од граѓанската организација за заштита на животната средина „Натива“ и жител на долна Матка. Тој смета дека е важно подрачјето законски да биде заштитено, бидејќи според него, со тоа ќе може да се решат повеќе од прашањата кои се проблем за жителите на Матка.
„Со донесувањето на Законот за Матка би се решиле низа проблеми со кои се соочуваат жителите од типот на изградба на канализациона мрежа, решавање на сообраќајниот хаос, решавање на проблемот со отпадот и дивите депонии“, вели Кузмановски.
Тој додава дека изградбата на канализацијата е важна за Матка, бидејќи домаќинствата, но и угостителските објекти сѐ уште употребуваат септички јами кои се влеваат директно во реката Треска, но и дека „голем хаос“ прават и автобусите кои доаѓаат со туристи, вели Кузмановски.
Матка: Природните убавини страдаат од некултура и несовесност
Во однос на нелегално изградените објекти на Матка, претставници на надлежните институции повеќе пати во изминатиов период укажуваа дека прашањето треба да биде регулирано со зонирањето на подрачјето преку донесувањето на законската одредба.
Во јавноста имаше реакции за изградени нелегални објекти на Матка, по што минатата година Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) против градоначалникот на Општина Сарај Блерим Беџети поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба и за несовесно работење поради сомненија дека свесно и намерно не презел дејствија и не донел конкретни управни акти во постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, со што на физички и на правни лица им овозможил бесправно да градат деловни објекти.
Јавното обвинителство минатиот месец ја отфрли кривичната пријава против Беџети, но претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска посочи дека до Советот на Обвинители ќе поднесат преставка за одбиената пријава против Беџети.
Отфрлена пријавата за Беџети за платформите на Матка
Матка е кањон на реката Треска и се наоѓа на 15-тина километри југозападно од главниот град Скопје. Просторот зафаќа површина од околу 5.000 хектари и е познат по бројните пештери, од кои најпозната е пештерата Врело длабока стотици метри.
Проектот за прогласување на Матка за заштитено подрачје го имплементира УНДП во соработка со Град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), но проектот со години чека реализација.
Иако изработката е започната пред десетина години, некои од последните рокови според поставените сценарија во Проектот на УНДП, беа да се донесе Законот за прогласување на Кањон Матка за споменик на природата до крајот на 2018 година според првото сценарио и според второто сценарио до крајот на 2019 година.
Планот на УНДП за управувањето со Матка, меѓу другото, предвидува да бидат направени три зони на заштита согласно Законот за природата, да бидат мапирани и да се врши мониторинг на живеалишта од национален и ЕУ интерес, просторен план, систем за управување со посетители, инфраструктура за посетители, заштита од пожари, финансиски план за развој на објекти и инфраструктура.
Репрогласувањето на Матка треба да биде финализирано со донесување на Законот. Исто така треба да биде дефиниран и управувач со заштитеното подрачје и да се формира управувачка структура.
Тоа може да значи формирање на јавно претпријатие што ќе стопанисува со Матка.
Освен Град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање, во проектот се вклучени и други институции, како Општина Сарај, Општина Сопиште, МПЦ и природниот резерват Јасен кој е под Министерството за одбрана.
Дали е направена Студија за ревалоризација?
Од Град Скопје велат дека законската обврска за да се направи презаштита на парк шумата Водно и споменикот на природата Кањон Матка, предвидувала првично изготвување на студии за ревалоризација на претходно заштитените подрачја.
„Овие студии се изготвени во 2010 година и се доставени до Министерството за животна средина и просторно планирање. Бидејќи во изминатиот период не е направена презаштита на овие локалитети, во соработка со УНДП се изработени ажурирани студии за ревалоризација, заради усогласување со нова подзаконска регулатива, како и заради земање предвид на сите промени во просторот“, велат од Град Скопје.
Оттаму посочуваат дека првично е подготвена Студијата за Водно, а потоа таа за Матка и оти двете студии се доставени до МЖСПП за спроведување на понатамошната процедура.
„За текот на процедурата и евентуалните рокови е надлежно МЖСПП“, велат од Град Скопје.
Но, од Министерството за животна средина и просторно планирање, пак, ни одговорија дека чекаат Град Скопје да им достави ревидирана студија.
Од МЖСПП објаснуваат дека основа за изработка на актот за прогласување на заштитено подрачје е токму изработка на Студија за валоризација или ревалоризација на заштитеното подрачје.
Според Министерството, во моментов во рамки на проектот на ЕУ и УНДП се спроведуваат активности за изработка на предлог-зонирање на Споменикот на природата Кањон Матка.
Од Министерството за животна средина велат дека УНДП треба да достави до Град Скопје финален извештај за предложени зони во ГИС и наративни описи, како и ревидирана Студија за природните вреднсоти на Кањон Матка, во која ќе биде усогласено предлог зонирањето на Кањон Матка со засегнатите страни – Град Скопје, ЈР Јасен, Министерството за одбрана и Општина Сарај.
„По официјалното доставување на ревидираната студија од Град Скопје до МЖСПП, истото ќе може да продолжи со доработка на Предлог-закон и спроведување на постапката за прогласување на Кањон Матка за заштитено подрачје во согалсност со Законот за заштита на природата“, велат за РСЕ од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Според Проектот на УНДП, планирано е да бидат направени три зони на заштита на Матка: едната да биде зона на развој која ќе биде до Кајакарскиот мост, потоа втората заштитена зона да биде од Кајакарскиот мост до црквата Свети Андреа и третата зона на строга заштита ќе го вклучува просторот од пештерата Врело па натаму.
Од институцијата посочуваат дека за усвојувањето на иницијативата Матка да биде прогласена за заштитено подрачје, процесот треба да заврши во собраниска процедура за законот да биде донесен.
Собранието во моментов е распуштено, па останува неизвесно кога новиот собраниски состав ќе го стави Законот за прогасување на Кањон Матка за споменик на културата во собраниска процедура, по завршувањето на предвремените параламентарни избори на 15 јули.