Достапни линкови

Антикорупциска денеска ја побара документацијата за „кинеските вакцини“


Пакетчиња со вакцини на кинескиот производител Синофарм
Пакетчиња со вакцини на кинескиот производител Синофарм

Антикорупциска ја чека документацијата за кинеските вакцини, па потоа ќе донесе одлука дали ќе покрене постапка. Обвинителството и Финансиската полиција засега само ги следат информациите за набавката. Во меѓувреме кинеските вакцини никако да стигнат во земјава.

Се уште не се знае кога кинеските вакцини ќе пристигнат на македонско тло, но, не се знае ни дали патот по кој првично тргна Министерот за здравство Венко Филипче за нивна набавка бил погрешен и дали ќе одговара. Засега само Државната комисија за спречување на корупција се активираше и побара од Министерството за здравство да им биде доставена целокупната документација за набавката.

„Од Министерството за здравство рекоа дека ќе ни овоможат пристап до документацијата, па потоа ќе донесеме одлука дали ќе се покрене постапка за случајот. Побаравме и од Владата да ни ја достават целата документација за набавката на вакцини и од другите производители“, велат од Антикорупциска за РСЕ.

За разлика од Антикорупциска, Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Финансиската полиција се уште само со интерес ги следат случувањата и информациите во јавноста.

„Ла Верита“, имено, објави дека комуникацијата меѓу македонската влада со „Синофарм“ се вршела преку кинеска фантом фирма „Старби Интернешнл“ која нема никаква врска со фармацевска ниту медицинска дејност. Во јавноста останаа неодговорени прашањата за тоа која е фирмата „Старби Интернешнл“ преку кој бил остварен контакт уште на 25 декември 2020 година и за колкава цена за набавка на вакцините се преговарало.

Авансот за вакцините од „Синофарм“ беше вратен, а италијанскиот весник „Ла верита“ објави дека причината е затоа што зделката требало да се одвива преку фантом фирма со седиште во Хонг Конг, а која била наведена во две писма од Филипче до кинескиот производител. Филипче и премиерот Зоран Заев изјавија дека „при напорите да се обезбедат вакцини против ковид е направено се, но ништо на незаконски начин“.

Јавното обвинителство во изминатите денови остана немо на повиците на Антикорупциската комисија да се вклучи во процесот и како и претходно, повторно за РСЕ соопштија дека очекуваат надлежните институции да им ги достават своите наводи за евентуално сторени кривични дела. Овој пат во одговорот додадоа дека нивната задача ,според законот, е да гонат сторители на кривични дела.

„Но, доколку институциите во чиј делокруг на работа е откривање на кривични дела и нивни сторители, не постапат согласно нивните надлежности, тогаш обвинителството ќе постапи согласно член 41 став 2 од Законот за кривична постапка, односно јавниот обвинител сам ќе го преземе секое дејствие потребно за откривање на кривичното дело и откривање и гонење на неговиот сторител за кое со закон е овластено Министерството за внатрешни работи и Финансиската полиција“, се вели во одговорот.

Од Управата за финансиска полиција слично како и обвинителството велат дека будно ги следат настаните и информациите кои се поврзани со нивната надлежност, при што, како што наведуваат, преземањето на дејствија, во сите случаи независно од тоа за што се работи, зависи од самите индиции, информации и други факти и околности кои се однесуваат и кои ги поткрепуваат наводите поврзани со случаите.

Од управата и неодредено одговараат дали покренале постапка за случајот, туку наведуваат дека согласно законите за кривичната постапка и за финансиската полиција, дејствијата кои ги преземаат во предистражна постапка секогаш се вршат во координација со надлежен Јавен обвинител.

„Доколку во определени случаи се оцени дека постојат основи на сомнение или основано сомнение за сторено кривично дело од надлежност на Управата, истата врз основа на добиена Наредба од надлежен обвинител или по добиена Кривична пријава, како и по службена должност превзема дејствија за истражување и за истите дејствија го известува надлежниот Јавен обвинител,“ се вели во одговорот за Радио Слободна Европа од Управата.

Кинеските вакцини никако да стигнат

Филипче говорејќи за набавката изјави дека откако не успеале по регуларен пат да добијат одговори од кинескиот производител, пробале преку алтернативен начин да дојдат до вакцини против ковид-19. Тој ја потврди автентичноста на документите објавени во „Ла верита“ и дека помош побарале и од активни кинески компании кои работат во земјава како „Пауер Чајна“ и „Синохидро“.

Од „Синофарм“ не одговорија на прашањата на РСЕ до каде е сега процесот за набавката на вакцините и кога тие ќе пристигнат во земјава. Филипче ,пак, рече дека процесот за набавка на вакцините согласно информациите од добавувачите може временски да се одолговлечи.

„Меѓутоа, до крајот на овој месец или почетокот на наредниот очекуваме да профункционира КОВАКС системот преку којшто би стигнале околу 100.000 вакцини. Во тој временски период интензивно разговараме и со кинеските и со руските претставници за вакцини, ги чекаме и нивните најави. Се уште го немаме точниот датум, но имаме причина да веруваме дека тоа ќе биде некаде до првата недела во април“, рече Филипче.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ тврди дека за набавка на 200.000 кинески вакцини била договорена цена од 62,5 долари по вакцина. Партијата побара и интерпелација за Филипче, а меѓудругото една од причините која ја наведоа е и набавката на кинеските вакцини.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG