Министерот за здравство Венко Филипче индиректно призна дека на несоодветен начин трагале по вакцини против ковид -19 од кинескиот производител Синофарм, откако денеска во јавноста беа објавени две писма од комуникацијата за набавката ,според кои, таа била извршена преку фирма од Хонгконг. Станува збор за писма објавени во италијанскиот весник „Ла верита“ каде што се тврди дека комуникацијата се вршела преку фантом фирма. Во меѓувреме, Антикорупциската комисија најави дека ќе го разгледаат случајот. Од обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција велат дека со внимание ќе ги следат информациите објавени по медиумите, при што очекуваат надлежните институции да им ги достават своите наводи за евентуално сторени кривични дела.
Министерот во своето обраќање до јавноста негира дека има незаконитости во набавката на 200 илјади вакцини од кинескиот производител „Синофарм“.
Тој објаснува дека откако не успеале по регуларен пат да ги добијат одговори од кинеската фабрика, македонските власти пробале преку алтернативен начин да дојдат до вакцини против ковид-19. Филипче на прес-конференција ги отфрли сите обвинувања за нерегуларни постапки и провизии.
„Сигурно дека станува збор за компании кои не увериле дека може да стигнат до вакцините. Но, добивме порака од кинеското МНР што ја испочитуваме. Во таа смисла немаше ништо сомнително. Видете каква борба е во целиот свет да се стигне до вакцините. За какви провизии и фантомски фирми сме обвинети кога средствата се вратени, не станува збор за никаква манипулација“, вели Филипче.
Тој ја потврди автентичноста на документите објавени во „Ла верита“ кои биле испратени до многу компании, но отфрли нерегуларност во обидите за набавка. Дополнително додаде дека помош побарале и од активни кинески компании кои работат во земјава како „Пауер Чајна“ и „Синохидро“.
Филипче вели дека после тие разговори, бил потпишан и договор, а понатаму се вклучила и македонската амбасада во Кина која за тоа го известила и тамошносто Министерство за надворешни работи од кое што било укажано дека не треба така да се бараат вакцините.
„Ни беше посочено дека треба да го пратиме оној регуларен пат на кој што ние на почетокот се обидовме и, за жал, немаше резултати, па затоа сакајќи целата постапка да забрзаме најдовме еден алтернативен начин“, вели Филипче.
Претходно италијанскиот весник „Ла Верита“ објави дека се вршела комуникацијата меѓу македонската влада со кинескиот производител на вакцини „Синофарм“ преку кинеска фантом фирма „Старби Интернешнл“ која нема никаква врска со фармацевска ниту медицинска дејност.
Во меѓувреме, Антикорупциската комисија на денешниот колегиум донела одлука со која ќе почнат постапка на прибирање на податоци и информации за да утврдат кои се основите за постапување на ДКСК.
„Според мене, во оваа ситуација треба да се вклучат и другите органи како Јавното обвинителство. Ние се договоривме да собереме доволно информации да ги разгледаме околностите и потоа ќе одлучиме како ќе постапуваме понатаму во зависност од тоа што ќе добиеме како информација“, изјави за РСЕ претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска.
Од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција најавија дека ќе ги следат случувањата.
„Обвинителството согласно своите надлежности ќе ги даде неопходните насоки, упатства и наредби на институциите во чија надлежност е откривањето на овој вид на криминал. Доколку овие институции утврдат елементи на кривично дело, обвинителството ќе постапи согласно своите надлежности и ќе ги гони сторителите,“ велат во писмениот одговор за РСЕ од Обвинителството.
Не одговорени прашања
Во јавноста останаа неодговорени прашањата за тоа која е фирмата „Старби Интернешнл“ преку кој бил остварен контакт уште на 25 декември 2020 година, три дена откако премиерот Зоран Заев за медиумите изјави дека нема да бараат кинеска вакцина.
„Србија нема аспирации за НАТО и нормално повеќе е отворена кон источниот свет Кина и Русија и прави договори со нив. Ние сме нова членка на НАТО, генерално се држиме кон западниот свет и вакцините потврдени од тамошните здравствени институции“, оцени премиерот во емисијата Трилинг објавена на 22 декември.
На само еден ден по испраќањето на второто писми на 25 јануари, министерот Филипче изјави дека почнале да размислуваат за набавка на кинески вакцини, додека ги чекаат фајзеровите и вакцините преку механизамот Ковакс.
Кога нема западна вакцина, добра е и кинеската
Но, досега ниту една од тие најавени не пристигнаа во земјава, освен донацијата од Србија. Дополнително во јавноста беа објавени и информации кои власта ги потврди, дека авансот уплатен за кинеските вакцини е вратен. Причина за тоа, како што вели, Филипче е алтернативниот пат по кој се обиделе да дојдат до кинеските вакцини на производителот „Синофарм“. Но, додава штета нема, сега откако е потпишан договорот чекаат датум за пристигнување на вакцините.
Италијанскиот весник „Ла верита“, пак, потенција дека објавува дека причината за враќање на авансот од Македонија е тоа што, како што пишува весникот, „зделката требало да се одвива преку фантом фирма со седиште во Хонгконг, а која била наведена во две писма од министерот за здравство.
Антикорупционерите гледаат ризик за коруцпија
Во целава ситуација антикорупционерите гледаат ризик од корупција. Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешнл предупредува дека набавката на вакцини за заштита од ковид -19 претставува тема од највисок интерес, и затоа таквите постапки мора да се спроведуваат законски и да не се доведе во прашање интегиртетот во таквата набавка.
„Оваа постапка не смееше да се дозволи да предизвика каков било сомнеж во ситуација кога постои можност за соработка со државите со кои имаме и дипломатски односи и дипломатски претставништва овде не може да се оди по обиколни патишта и да се набавуваат или постaпките да се водат преку нереферентни би рекла, а прашањето е и дали се проверени дестинации или компании. Не смееше да си дозволи владата вакво однесување со една многу чувствителна материја со набавка на вакицнит “ вели Тасева.
Од друга страна пак, поранешниот директор на Фондот за здравство докторот Никола Пановски вели дека денешната ситуација е целосно поинаква од претходно кога станувало збор за набавка на вакцини и лекови. Тој посочува дека досега за редовна вакцина се одело преку тендер со комисија која разгледувала понуди, ама во овој период е сè поинаку, сега фармацевските производители ги диктираат правилата на преговори.
„Сега гледам дека тоа е невозможно, самите производители си земаат за право да кажуваат кој смее да нарача, каде смее да ги носи, не гарантираат за вакцината, некако не ми се допаѓа сето тоа, немаат некои посебни обврски, дополнително не гарантираат ни за безбедноста“, вели Пановски.
Во ситуацијава е наметнато држава преку друга држава да набавува вакцини против ковид-19, додава тој.
„Нашите власти се снајдоа лошо, тоа што сега излегува дека преговарале со фирми од Кина ништо не мора да значи, може било со добра намера, но требало да знаат дека тоа не е во ред, дека тоа ќе биде негативно, во секој случај нивна е одговорноста, резултатите се тие“, вели Пановски.
Тасева посочува дека сега Владата треба да објави сè што постои како документ поврзан со оваа набавка, да се обезбеди максимална транспарентност дури и самите пораки кои ги разменувале со компаниите и лицата преку кои требало да се набави, затоа што тоа информација од јавен интерес.