Достапни линкови

Инвазијата на Путин врз Украина ја направи дипломатијата „невозможна“


шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров
шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров

Борис Бондарев, највисокиот функционер во земјата кој поднесе оставка поради војната, вели дека положбата на Русија во светот не може да се поправи. Според него, Министерството за надворешни работи на Русија е заблудено од сопствената пропаганда. Игор Севрјугин

Московската инвазија врз Украина и нанесе длабок удар на руската надворешна политика и ги остави дипломатите на земјата со „невозможна“ задача да се обидат да ги остварат целите на Кремљ во услови на зголемена изолација.

Тоа е проценката на Борис Бондарев, советник во постојаната мисија на Русија во Обединетите нации во Женева и 20-годишен дипломат ветеран. Тој поднесе оставка во мај, бидејќи сметаше дека војната покажа колку Русија и нејзините лидери станаа репресивни.

Борис Бондарев
Борис Бондарев

„Нападот врз Украина ја направи руската дипломатија практично невозможна во која било практична смисла“, изјави Бондарев за РСЕ, додавајќи: „За мене војната беше апсолутно незамислива и сфатив дека тоа е спротивно на сè што треба да прават руските дипломати“.

Шојгу разговараше со неговите колеги од САД и други НАТО земји во услови на стравувања од ескалација

Бондарев се најде на светските насловни страници кога поднесе оставка во знак на протест поради инвазијата на Кремљ врз Украина на 24 февруари. Тогаш, тој упати широка осуда на руското раководство во изминатите две децении под претседателот Владимир Путин, чие автократско владеење го обвинува за трансформирање на дипломатската служба во заблуда од сопствената пропаганда и изолирана на глобалната сцена.

„Го забележав еволутивниот пад на нашата дипломатија и нејзиното лизгање во бездна од провокации и лаги. Но, сепак, додека не дојде до војна и додека не се пролеа крв, јас - како и многу мои колеги - верував дека сè уште можам нешто да направам“.

Според Бондарев, дипломатите кои во Москва ги испратиле тврдењата што биле одглас на руските пропагандни мрежи биле наградени, додека оние кои ги оспорувале претпоставките и ја доведувале во прашање официјалната линија биле потиснати.

Тој ова намерно слепило го смета како помагање на погрешните пресметки на Кремљ кои доведоа до војна со Украина, со предвидувања за брза победа над Киев. Но, како што додава, наместо тоа Русија претрпе големи жртви и продолжува да се соочува со срамни неуспеси на бојното поле.

„Колку ова продолжуваше, толку повеќе стануваше јасно дека Путин станува главна личност на целата оваа агресивна реторика на Министерството за надворешни работи. Ова функционира против руската дипломатија, бидејќи другите дипломати не сакаат да комуницираат со луѓе кои зборуваат како насилници и хулигани. Но, овој вокабулар беше охрабрен, бидејќи очигледно на главниот клиент, Путин му се допаѓа“, вели Бондарев.

Неизвесна иднина

Бондарев, кој му се приклучи на руското Министерство за надворешни работи во 2000 година, останува критичен кон состојбата на дипломатскиот кор на земјата, велејќи дека е исполнет со луѓе кои само исполнуваат наредби, а министерот за надворешни работи Сергеј Лавров стана послушник на Путин.

Руски регрути се враќаат во мртовечки вреќи, мобилизацијата завршува?

„Министерството за надворешни работи се претвори во непромислено тело за каприците и инструкциите на оние од самиот врв“, наведува Бондарев.

Поранешниот руски дипломат дава поцелосен приказ за неговата одлука да поднесе оставка и неговите искуства во текот на неговата дведецениска кариера во есеј од 6.500 зборови што беше објавен во магазинот Форин аферс во октомври.

Есејот брзо му донесе осуда во Москва, при што портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова го спореди Бондарев со Андреј Власов, советски генерал од Втората светска војна, кој беше погубен за предавство за соработка со нацистичка Германија.

Бондарев силно ја критикуваше состојбата на руското раководство и насоката на нејзината надворешна политика и напиша дека санкциите предводени од Западот против Москва по нејзината насилна анексија на Кримскиот Полуостров во 2014 година - кои беа насочени кон клучните високотехнолошки компоненти потребни за производство на воен хардвер - беа многу поштетни отколку што признаа руските официјални лица.

Тој пишува дека тие „ја оставија руската војска послаба отколку што знаеше Западот“ и „се една од причините поради која Русија имаше толку многу проблеми со својата инвазија“. Било каков прекин на огнот во Украина, според Бондарев, само ќе му даде време на Путин да се прегрупира и повторно да се вооружи.

Столтенберг ја предупреди Русија да не ја преминува „многу важната линија“

Наместо тоа, тој вели дека само „сеопфатен пораз“ од страна на украинските сили ќе може да ја запре војната. Тој додава дека сè додека Путин и сегашното раководство останат на власт во Кремљ, каков било прекин на огнот или разговори најверојатно нема да дадат трајни резултати.

„Се додека Путин е на власт Украина нема да има никој во Москва со кого вистински да се преговара“, оценува Бондарев.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG