Достапни линкови

Именувањето на Палмер покажува дека САД не го забораваат Балканот


Метју Палмер, Радмила Шекеринска и Никола Димитров
Метју Палмер, Радмила Шекеринска и Никола Димитров

Според познавачите на меѓународното право, новата функција на Метју Палмер ќе биде во полза на македонските евроатлантски интеграции. Според нив, тоа е уште еден сигнал за континуираната американска поддршка на земјата и регионот.

Назначувањето на Метју Палмер за специјален претставник на САД за Западен Балкан е добра вест за земјава, бидејќи тоа покажува дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп не го заборава Балканот, оценуваат експертите за меѓународно право.

„Именувајќи свој специјален претставник за регионот, САД се вклучува во напорите на ЕУ и земјите аспиранти за членство, да се зајакне овој Трансатлански сојуз. Во време кога има толку многу потреси токму во тој сојуз меѓу САД и европските големи сили, ова е еден добар показател дека сепак западните земји се во состојба да соработуваат кога станува збор за нашиот регион“, вели универзитетскиот професор Денко Малевски.

Примарното влијание на САД е во НАТО, но оваа земја има свое влијание и врз земјите членки на ЕУ, додава Малевски. Знаејќи го ставот на САД дека тие инсистираат на почеток на преговори со Северна Македонија во октомври, Малески очекува таквата заложба да биде во наша полза.

„Да се познава еден регион е предност. Работата на политиката е како ќе се определи. Во моментот дилемата е дали прво реформи, па после преговори или преговори и реформи паралелно. Со оглед на тоа дека американската администрација ја застапува втората алтернатива, тоа ќе биде голема поддршка за Македонија“, вели Малевски.

Новата функција на Палмер е позитивна затоа што тој е дипломат со минат труд и добар познавач на состојбите на Балканот. Но, во исто време тоа значи дека на Балканот има работи кои ќе мора да се завршат до крај, како во однос на безбедноста така и воопшто во функционирањето на демократскиот систем, вели претседателот на Евроатланскиот Сојуз во земјава, Исмет Рамадани.

„Во однос на нашата земја Метју Палмер ќе има доста значајна улога. Без разлика на волјата на граѓаните за ЕУ интегрирање, постојат и деструктивни сили кои се во соработка со одредени кругови од руската надворешна политика кои се противат на тоа. Затоа мислам дека неговите позиции и средби кои очекувам да бидат позачестени ќе и помогнат на Владата и ќе придонесат кон забрзување на евроатланските интеграции и поодлучна борба против криминалот, високата корупција и функционирање на правната држава“, вели првиот човек на Евроатланскиот Сојуз, Исмет Рамадани.

Инаку Палмер вчера се сретна со министерката за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи Никола Димитров за време на Стратешкиот форум на Блед, од кадешто испрати порака дека правната држава мора да функционира, а времето на партиските игри и обиди да се избегне одговорноста е завршено. Сепак заклучил дека „местото на Северна Македонија е во НАТО и ЕУ“.

Во соопштението на Стејт департментот по повод неговата нова функиција поврзана со Балканот се вели дека Палмер ќе ги предводи американските настојувања да ги зајакнат дипломатските напори на САД во поддршката на мирот, стабилноста и напредокот на регионот и ќе се насочи на интеграцијата на државите од Западен Балкан во западните институции.

Палмер неколку пати досега ја посетил земјава. За време на своите посети тој континуирано испраќаше пораки на поддршка за Преспанскиот договор, но и пофалби за тоа дека со него земјата станала пример во регионот. Сепак никогаш не заборави да потенцира дека реформите се најважни, а ја коментираше и последната истрага поврзана со СЈО, истакнувајќи дека „САД поддржуваат целосна, детална и транспарентна истрага“.

Инаку во раните 90-ти години Метју Палмер работеше во американската амбасада во Белград, а подоцна за време на својата дипломатска кариера, повеќе пати беше вклучен во прашања поврзани со регионот. Во 2006 и 2007 година, тој работел како советник на претседателот Џорџ Буш за прашања од областа на националната безбедност. Потоа бил ангажиран во Југоисточна Азија за да се врати во Белград и да служи како советник на американскиот амбасадор во Србија. Тој сега е вршител на должноста заменик помошник државен секретар за Европа и Евроазија, а се занимава со прашањето за интеграција на земјите кои сè уште не се членки на евроатлантските структури.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG